Бабите и дедовците обично чуваат внуци, но дали еден ден внуците ќе ги чуваат нив?

Секако. А задоволството на бабите и дедовците, без оглед на тоа што можеби и не можат да си ги препознаат ниту децата, ниту внуците, ниту родениот дом, сепак е големо. Епа има некоја тајна врска, нели?

0
1547

Дали некогаш ве чувале баба и дедо? Или сте можеби вие баба или дедо?

Јас пораснав со баба и дедо и никогаш не одев во градинка, а најголема желба ми беше да ѕирнам внатре, па затоа, кога син ми стаса за во градинка едвај го дочекав првиот ден. Ама тој не само што немаше желба за влегување во градинката, туку се скапа од плачење, а и јас, слушајќи го скриена зад оградата и ѕиркајќи скришум  низ прозорецот со надеж дека ќе престане. Потоа едвај чекав да помине времето кога се договорив со учителките да дојдам да го земам.

Како и да е, иако јас многу ги сакав баба ми и дедо ми, некако се чувствував поинаку од моите врсници кои, кога одевме на училиште, си ги носеа клучевите од дома на синџирче околу вратот. Ех колку им завидував на тоа синџирче. Кога со другарка ми Сузе ќе отидевме после часови кај неа дома, а таа со клучот од синџирчето на вратот ќе ја отвореше вратата од нивниот стан и ќе ме прашаше дали сакам да испржи јајца за нас двете, јас ја гледав со ококорени очи. Сузе знае да пржи јајца?! Се чудев, бидејќи кога одевме после часови кај мене дома, ситуацијата беше сосема поинаква. Баба ми ни ги местеше чиниите на маса, ни ги полнеше со тоа што го зготвила за ручек или специјално за нас правеше палачинки, а ние имавме задача само да се најадеме и да си бркаме своја работа.

Додека не почина баба ми, кога бев прва година во средно, не научив ни јајца да испржам, ниту знаев да си ги врзам врвките на чевлите. Срамота! Не велам дека е така секогаш и со сите баби, ама јас на мојава ѝ бев галеничка и таа за мене правеше и повеќе отколку што треба, ама и јас пак цело детство наместо да си играм со децата во градинка, одев со неа по гости кај нејзините пријателки, ги гледав како играат карти или слушав разни муабети. И седев мирна.

Затоа, знаев дека син ми мора да оди во градинка. И другите внуци на мајка ми, од брат ми, исто така одеа во градинка. Сепак, мајка ми беше секогаш тука, па кога сега ѝ го гледам изморениот ама насмеан лик на старите фотографии, со трите внуци или пак на оние кадешто се сите шестмина (со уште три плус, кога ќе дојдеа и моите сестри со своите деца од Загреб и од Белград), се прашувам – како ли издржувала?!

Денеска дома имаме само едно дете – мајка ми.

Ѝ треба помош за сѐ, за станување, за легнување, за облекување, за соблекување, за јадење, за пиење, за одење во тоалетот… и не можеме да ја оставаме воопшто сама. Има Алцхајмер. Понекогаш не знае ниту кои сме ние, нејзините деца, ниту кои се нејзините внуци. Ама додека со нас може и да се скара и да биде намуртена и да не турка и да не брка да си одиме, тоа со внуците не ѝ се случува. Неоти знае кои се, ама со нив е сосема поинаква. Е сега, можеби ова се должи и на фактот што тие ја чуваат многу поретко, ама не ми се верува. Можеби е и затоа што тие се однесуваат поинаку со неа…јас сум често нетрпелива, уморна и нервозна. Тие пак, дали затоа што сега се „поблиски и со годините“, некако подобро се разбираат, а таа е секогаш насмеана и среќна. А кога ја чува нејзината внука  Јана, знаеме дека дефинитивно, нема да ѝ биде здодевно.

Таа секогаш ќе најде нешто со што ќе ѝ ја измами насмевката и ќе извлече малку живот од неа. Можеби сепак сѐ се должи на тоа што кога сте млади, сѐ ви е смешно и интересно, па дури и баба ви која незнае ни како се викате.

Важно е да се имаат внуци, навистина е важно. Инаку, ако еден ден треба некој и нас да не чува, сигурно ќе ни биде поинтересно со нашите насмеани внуци, отколку со намуртените средовечни синови и ќерки!

[better-ads type='banner' banner='999' ]