Девојчето Лола (3) од Њујорк пред неколку дена беше однесено од градинка од непознат маж кој носел заштитна маска и тврдел дека е нејзин дедо. Во приватната градинка „Лилипут“ во Нови Сад, воспитувачките по грешка ѝ го предале четиригодишното момченце на бабата чиј внук всушност, веќе бил дома. Оваа повозрасна жена, за жал, не носела очила, па дури и не забележала дека оди дома со погрешно дете.
Овие две приказни беа објавени со растојание од само неколку дена.
„Како прво, да напоменам дека сум свесна за моите одговорности затоа што оваа градинка работи беспрекорно со години. Воспитувачот кој погреши при предавањето на детето веќе не е вработен кај нас. Сепак, морам да напоменам дека оваа баба им е добро позната на сите, таа живее само неколку куќи од градинката и детето кое по грешка ѝ беше предадено, ја познава, па немаше траума, што е најважно, тој со задоволство отиде со неа. Сега сите носат маски, брзаме поради вирусот и затоа се случи тоа. Бабата немаше очила и не забележа ништо. Но, сè се реши брзо, во рок од максимум 10 минути, воспитувачката му помогна на таткото да го најде детето кое беше во соседната продавница и немаше драма“, изјавила сопственичката на градинката во Нови Сад, Мирјана Матиќ, за „Блиц“, кадешто се наведува дека полицијата неофицијално соопштила дека случајот е пријавен, дека се утврдуваат пропусти на надлежните органи и дека тие ја известиле управата и инспекцијата.
За инцидентот што се случи на 25 март, меѓу другото, зборувал и таткото на момчето, Марко Циндриќ: „Јас кружев околу излогот и гледав кој е внатре. Во еден момент видов една постара жена, околу 70 години, како го води мојот син. Фрушка гора ми падна од срце. Влегувам во продавницата и ја среќавам таа баба за првпат во мојот живот. Во тој момент сопругата беше на телефонската линија, и ѝ ја дадов на телефон бабата мислејќи дека можеби ја познава. Наскоро сфативме дека не се познаваме. Постарата жена се збуни, таа рече дека дошла по нејзиниот внук и кога го кажа неговото име, ѝ реков дека детето што го држи за рака се вика Вукашин и дека тој ми е син. Таа ми одговори: „О, извини“.
Пред сторијата од Нови Сад, британски „Сан“ пишуваше за тоа што се случило во една градинка во Њујорк. Според пишувањето, девојчето Лола „се двоумело“ да оди со непознатиот маж, но воспитувачката претпоставила дека таа е само разочарана затоа што нејзината мајка не дошла за неа.
„Воспитувачката по грешка ја предаде на дедото, кој редовно доаѓа по неговата внука, а збрката ја направија маските. Да бидат работите уште полоши, дедото дури и не забележа дека тоа не е неговата внука”, рекла мајката на Лола. За среќа, и во овој случај, детето е вратено кај неговите родители.
Психолог: како да се избегнат вакви ситуации
„Не е секогаш реално да се очекува детето само да се грижи за вакви ситуации, но во согласност со неговата возраст, ако детето е доволно старо за да разбере вакви работи, можете да му објасните дека понекогаш баби и дедовци кои доаѓаат во градинките по внуците не гледаат добро и може да се случи да земат погрешно дете. Кажете му на детето да побара да го види лицето на тој што дошол по него“, коментира психологот Лео Иванишевиќ и вели дека родителите и други блиски луѓе, ако градинката има строга политика и децата никогаш не смеат да ги соблекуваат своите маски, треба да воспостават некој друг знак на препознавање со детето.
„Кажете му на вашето дете секогаш да ја прашува личноста што дошла по него: „Како се викаш?“ И да не оди со него ако не чуе познато име, прекар или некој специфичен поздрав“, советува српскиот психолог и изјавува:
„Од друга страна, поради возраста на децата, многу пореално е градинките да се грижат за такви работи. Воспитувачот треба да побара од лицето кое дошло за детето јасно да ѝ го каже името на детето по кое дошол и јасно да се претстави. Секое дете има некого кого го вика „баба“ или „дедо“ и секоја баба и дедо имаат внуче или внука, затоа треба да инсистирате на имиња. Градинката не смее да дозволи да се носи детето далеку од некој што не им е познат на воспитувачите, без претходна најава, со името и презимето на лицето што доаѓа за детето. Воспитувачите можат дополнително да го заштитат детето со поставување на некое „контролно прашање“ договорено со родителите, прашање на кое точно може да одговори само некој близок на детето. На пример, кога е роденден на детето. Иако, искрено, мислам дека навистина нема потреба да се оди толку далеку. Конфузии се случуваат, маските го отежнуваат препознавањето, но со неколку едноставни процедури, лесно е да се избегнат вакви ситуации“.
Таткото на малиот Вукашин бил многу вознемирен кога дознал дека неговиот син го однела жена што не ја познава.
Како што подоцна дознал, неговиот син останал сам во градинката, а кога дошла бабата и прашала дали нејзиниот внук е последен, воспитувачките ѝ рекле дека е последен и ѝ дале погрешно дете. Нејзиниот внук татко му го однел дома порано. Имајќи предвид дека оваа жена живее покрај градинката, само неколку куќи подолу и дека им е добро позната на воспитувачките, било причина ништо да не им биде сомнително.
Фото: Unsplash