Кај лицата што боледуваат од аутизам, покрај сите тешкотии што го следат, постои и голема веројатност за појава и на други здравствени проблеми.
Покрај ова развојно пореметување најчесто доаѓа и до појава на разни коморбидитети, односно, болести кои настануваат како симптом на некоја друга болест, во овој случај на аутизмот.
До појавата на различни здравствени проблеми доаѓа главно кај нешто потешките случаи на аутизам или заради слабо реагирање на терапијата. Кај овие лица најчесто се јавуваат епилепсија, психијатриски и генетски пореметувања, проблеми со спиењето, варењето и имунитетот.
Резултатите на одделни истражувања покажуваат значително поголема зачестеност на алергиски и автоимуни заболувања кај лицата со аутизам. Кај нив е значително зголемен ризикот од астма, алергиски ринитис, атописки дерматитис, уртикарии, дијабетес тип 1 и Кронова болест.
Кога станува збор за пореметувања на спиењето ваков проблем имаат помеѓу 44 и 83 отсто од децата со аутизам. Кај нив најчесто се јавува инсомнија, и постојат тешкотии при заспивањето и одржувањето на сонот.
Недостатокот од сон и проблемите со спиењето во многу случаи можат да доведат и до појава на проблеми во однесувањето на детето. Се проценува дека од 30 до 50 отсто од децата кои имаат аутизам имаат и пореметување на активноста и вниманието, а чест случај е и појавата на анксиозност кај нив.
Според стручњаците, ризичен период кога може да се појави епилепсија се раното детство и периодот на адолесценцијата. Третманот на лекување на оваа болест не се разликува од третманот на лекување кај децата кои немаат аутизам, и за да даде позитивни резултати, важно е раното откривање.
Интолерантноста на одредени намирници и појавата на хронични воспалителни процеси во гастроинтестиналниот тракт е многу почеста појава кај аутистичните лица отколку кај оние кои немаат пречки во развојот.
Во овие случаи обично доаѓа до пореметувања во внесувањето на храната, намирниците се ограничени, па и исхраната е еднолична. Се појавуваат проблеми со варењето и доаѓа до појава на опстипација или пролив, надуеност, болки во стомакот.
Овие симптоми се понекогаш проследени и со промени во однесувањето како што се вознемиреност, агресивност, самоповредување и промена на расположенијата.
Аутизмот обично се појавува во текот на првите три години од животот и почесто се појавува кај момчињата.
Аутистичните пореметувања не се реткост и според некои проценки, на 10.000 деца, помеѓу 20 и 60 имаат некој облик на аутизам.