Ана Андреевска: Ми кажаа дека со хипотиреоза и дијабет тип 1 никогаш нема да имам деца

Ана и Орце Андреевски се млада брачна двојка која неколку години се борела со неплодноста за денеска, после речиси осум години брак, да се горди родители на тригодишните близначки Јана и Ива, а го чекаат и своето трето дете...по природен пат

0
1789

Триесет и тригодишната Ана Андреевска и нејзиниот сопруг Орце (39) се во брак речиси осум години. Од самиот почеток пробувале да имаат бебе, но неуспешно. Сега се родители на тригодишни близначки и го чекаат своето трето дете – по природен пат.

„Јас имам дијабет тип 1 откриен неколку месеци пред да правиме свадба и долги години хипотиреоза. По неуспешните обиди по природен пат да добиеме бебе, се обративме на стручни лица. Од докторка ми беше кажано дека со хипотиреоза и дијабет тип 1 никогаш нема да имам деца. На ХСГ испитувањето (метод за испитување на проодноста на јајцеводите) испадна дека имам и една непроодна страна. Тука започна нашиот трнлив пат.

Четири неуспешни инсеменации, сите можни испитувања, хормонски терапии, инјекции, лаборатории, трчање и плачење по болничките ходници. Пекол.

Има многу работи што неплодноста ги донесе со себе кога влезе во мојот живот. Не беше само фактот дека не можев да забременам. Ми донесе повеќе солзи отколку што можев да замислам дека ќе пролеам. Колку пати лежев на подот во бањата чувствувајќи целосна празнина по безбројните негативни тестови за бременост.

Колку примени инјекции, колку модринки по телото и секакви лекови. Колку третмани за помош за соочување со ситуацијата… Скапо, исцрпувачки физички, психички, емоционално и ментално. После секој негативен тест срцето удавено во разочарување и агонија. Меѓутоа, и покрај сѐ, мојата сила секогаш растеше. Станав премногу силна. Се  чувствував како супер жена по сите тие инјекции, лекови, крвни тестови, оперативни зафати, болнички ходници, посети на лекар, итн., најдов и емоционална сила, исто така. Самиот овој пат ме научи да бидам храбра. Да, мора да признаеме дека сме навистина многу храбри. Не секој може да го чекори патов“, ја раскажува нашата соговорничка нејзината животна приказна, притоа мислејќи и на сите други кои се соочуваат со истото, со борбата да се реализираат како мајки.

Ана раскажува дека после сите тие неуспешни обиди, стигнале до моментот на протокол за ИВФ (Ин витро фертилизација или вoнтелесно оплодување е процес на спојување на јајцеклетката и сперматозоидот во лабораториски услови).

„Секојдневна проверка на хормони, расте, опаѓа, стрес, нервоза, сѐ се насобира.

После сѐ поминато, доаѓа моментот и за нашето прво ин витро. После 3 недели од трансферот јас прокрварев. Зборувам за обилно крварење. Повторно болници, стресови, инјекции. Претпоставки дека се две бебиња, па можеби едното се чисти од организмот, затоа е тоа крварење, и што уште не.

Постојан страв и сомнеж, како ќе биде и што ќе биде. Но, кога Бог не праќа на најтешките патеки, тој ни дава и чевли да ги изодиме истите.

Сето тоа помина и се родија нашите две прекрасни девојчиња, близначките Јана и Ива.

Воопшто не очекувавме близнаци. Кога првпат ни кажаа дека најверојатно се две бебиња, јас и сопругот од една страна бевме пресреќни, од друга страна во неверување. Буквално не можевме да си дојдеме на себе. Сега за сега еве веќе 3 години ние сме успешни и горди родители. Без никакви пречки се справуваме со близначките. Тие за нас се сѐ во животот. Ние четворица моментално, и петиот член на семејството кој е на пат, сме едно. Буквално едно и неразделни. Поддршката и помошта од сопругот ми се сѐ на светов. Од самиот почеток до ден денешен. И на секого му посакувам ваков партнер покрај себе“, вели оваа задоволна и среќна сопруга и мајка.

Иако без никаква надеж, неодамна се случила и нејзината втора бременост – по природен пат.

„Мојата втора и успешна бременост се случи неочекувано. Воопшто не очекувавме, а и не верувавме дека може да се случи такво нешто. Меѓутоа, еве пример дека никогаш не треба да губиме надеж. Сѐ се случува“, вели Ана.

Инаку, Ана е член на Управниот одбор на Здружението ‘До бебе по патот на ИВФ’ и ги повикува сите жени, без разлика дали се борат со неплодност или не, да им се приклучат.

„Не е лесно, тон тежина ни носи срцето, лутина и бес ни ја параат душата, кога ќе видиме мало дете или бремена жена, грутка ни стои во грлото. Да, ние сме јаки и спремни за секој следен чекор во оваа борба…Но, само ние знаеме што носиме во душата и колку е само тежок овој пат. Тежок е….навистина е тежок и мачен овој пат. Но, се надевам дека ќе дојде денот кога сите вака ќе можеме да си споделуваме успешни приказни“, ја завршува Ана својата успешна приказна.

[better-ads type='banner' banner='999' ]