Алцхајмер може да ви ја земе мајката, ама на крајот, тој оди во заборав, а вам ви остануваат спомените за неа – пред него

После 7-8 години живот со господин Алцхајмер кој лека полека ја освојуваше нашата мајка, сѐ додека таа речиси сосема не не заборави, ние, нејзините деца, за само неколку дена откако таа почина од ковид 19, заборавивме дека тој стар, здодевен и злобен ‘господин’ воопшто и бил дел од нашиот живот. Сѐ се заборавало, дури и Алцхајмер – болеста што ги брише спомените, ние ја избришавме од нашите спомени.

0
3362

Се сеќавам колку многу плачев кога син ми тргна во градинка. Плачеше тој, се откорна од плачење, па плачев и јас, ѕиркајќи низ прозорецот на градинката и чекајќи дисциплинирано да поминат веќе тие час, два или три колку што веќе требаше да се чека како за прв ден. Ми доаѓаше да влезам, да го грабнам сосе партали и да си одиме дома. Ама не, мораше да оди во градинка и бевме упорни. На крајот се навикна, како и сите деца.

Исто беше и кога првпат отиде на екскурзија, само овојпат тој не плачеше, туку бескрајно се радуваше, а јас бескрајно се секирав.

И не верував дека може некако слично да се чувствувам некогаш во врска со мајка ми. Знаете, мајка ми има(ше) 81 година и тоа според денешни стандарди и не е којзнае колку длабока старост. Впрочем, на оваа возраст, па и постари, луѓето се уште активни и витални. Некои од нив.

За жал, мајка ми веќе неколку години  живееше со Алцхајмер. Колку е тешко да се живее со човек кој боледува од Алцхајмер, бргу дознавме, но не знаевме колку е тешко кога тој човек ќе се разболи од нешто дополнително, а не знае да каже што го мачи.

Две ноќи пред да ни се појават симптомите на ковид-19, односно, пред воопшто и да се посомневаме дека можеби вирусот ни влегол дома, таа беше многу вознемирена, речиси воопшто не спиеше, а јас, преморена, ненаспана и најлошо од сѐ, немоќна, ѝ се лутев.

Наместо да спие, постојано викаше и сакаше нешто, ама не знаеше да каже што. Ја мачела покачената температура, веројатно и некои други симптоми кои ние знаеме да ги препознаеме и да ги именуваме, но не и таа. А температурата, како што отпосле ни објасни нејзината докторка, кај луѓето со деменција делува поинаку, па дури и ниска температура од 37 со нешто кај нив е како кај нас 39. Затоа таа, дури и кога ќе заспиеше, зборуваше во сон – бладаше. Речиси престана да јаде и да пие, па ја храневме како мало дете, еден ја залажуваше, а друг ѝ пикаше во уста од кашичката, нешто лесно за голтање, како за бебе.

За тоа дека за толку стари, болни и изнемоштени луѓе, освен да викнете дома и приватно да им направите тест за ковид 19, нема друго решение, нема да пишувам. Сега тоа и онака ми изгледа веќе многу далечно и неважно. Барем за нас.

Кога се потврди позитивниот резултат на мајка ми, требаше брзо да одлучиме, дали да оди во болница или не. Имавме страшни дилеми, не знаете колку е тешко човек да одлучи што е подобро во тие моменти. Можеби споредбата со одењето на син ми во градинка не изгледа многу соодветна, ама и мајка ми беше исто толку, можеби дури и побеспомошна од син ми од почетокот на приказната.

Знаете ли каков стрес е тоа кога веќе и самите почнувате да се чувствувате лошо, а сѐ уште не сте сигурни што е најдобро да направите за мајка си, па прашувате, талкате, се консултирате.

Конечно, ја сместивме во ковид центарот на Неврологија. Благодарение на нејзината докторка за заборавени спомени – Габриела Новотни. Си рековме, тука имаат барем и искуство со дементни, а и ковид центар е, значи, ќе добие две во едно.

Сите бевме веќе потврдени, позитивни, и со симптоми. Си велам, којзнае, можеби во тие моменти повеќе мислев на себе, отколку на мајка ми, ама беше позитивна, имаше температура и не сакаше да јаде. Тоа изгледаше како доволна причина да ја сместиме во болница.

Во брзата помош која не возеше натаму, веројатно под влијание на ковидот, но многу повеќе поради стресот и тешката одлука, ми се слоши. Ситуацијата кога им тропнав на лекарот и медицинската сестра на прозорчето што не одвојуваше од нив за да им кажам дека ми е лошо, дека ми се повраќа и дека можеби ќе се онесвестам, а тие ми подадоа кесичка за повраќање и си го затворија прозорчето, не е тема на муабетов, ама некако не ми доаѓа да ја премолчам. Додека се обидував да дишам длабоко и да се смирам, ја гледав мајка ми пред мене, легната на носилката како си зборува бесмислици, немаше поим каде е и каде оди и за чудо, не беше вознемирена.

Место да ѝ се посветам, јас само се грижев како да останам во свесна состојба. Кога стасавме, инсистирав докторот од брзата помош да ми измери притисок (беше 150 со 100, наместо вообичаениот 100 со 70) и додека добивав инјекција со диазепам, ја слушнав мајка ми како вика. Се обидуваа да ѝ ги извадат прстените бидејќи пациентите на себе не требало да имаат вредни предмети. Ама, во тие моменти, кому му е гајле за прстените – додека јас потпишував дека тие остануваат со неа, мајка ми веќе ја однесоа.

Уште истото попладне моравме да се вратиме назад со нејзините лекови за смирување. Била многу вознемирена. А како и да не биде вознемирена во комплетно нова средина. Иако постојано, и додека беше дома, бараше да си оди ‘дома’, иако веќе не знаеше каде се купатилото и кујната, не знаеше ни кои сме ни што сме ѝ, колку и да ја каравме и да се однесувавме со неа како со мало дете, сепак, можеби длабоко во себе знаеше дека е дома, дека е на безбедно и најважно од сѐ, дека не е сама. Често ѝ го кажувавме тоа, секојдневно барем по 10 пати, како мантра – мамо, дома си, ова е твојата куќа, твоја соба, твој кревет, а ние сме твоите деца.

Кога беше порасположена ја ‘испрашувавме’ колку деца има, а таа некогаш велеше 4, некогаш 6, некогаш ќе се сетеше на сите, некогаш ѝ требаше потсетување. Ги бараше мажот ѝ, татко ѝ, брат ѝ, сестрите, … сите починати.

Не го разбирам Алцхајмерот, ама знам дека има многу нагли падови. Одреден период сѐ си тече по некој колосек, а потоа наеднаш се случува некој нов пад, некоја нова ‘неволја’. Последниот период, речиси и не одеше, ја влечкавме по подот за да стасаме во купатило, а се случуваше да ни падне на чекор од фотелјата. Кога бев сама со неа едноставно не успевав да ја додржам, паѓаше на страна, паѓаше нанапред, губеше рамнотежа, а прошетките по улица на кои до скоро одевме, станаа невозможни. Според прогнозите, тоа беше сѐ уште добра состојба. Следуваше период кога ќе заборави да голта, да пие, да јаде.

Прогнозите пак, во нејзините први денови во болница, оние поврзани со ковидот, беа добри. Дури и се насекирав дека ќе ја пуштат пред да оздравам, а состојбата со деменцијата после ковидот, си замислував, ќе биде уште полоша.

Но наеднаш сѐ тргна удолу. Состојбата ѝ се влоши толку многу што се молев да заврши што побрзо и да не се мачи повеќе. Не беше свесна и така и си замина – без да ме погледне, да ми ја стегне раката, барем да трепне.

Но замислете, иако последниве 7-8 години додека се справувавме со нејзината состојба велевме дека таа веќе одамна не е нашата мајка и дека е вистинска штета што речиси и заборавивме каква беше пред Алцхајмерот, сега, наеднаш, ги заборавивме последните години, сите маки и нервози и цел тој Алцхајмер период во кој нашата мајка лека полека забораваше сѐ. Единственото нешто по што сега жалиме е таа, нашата мајка таква каква што беше цели 70 и кусур години. Овие последниве, 6, 7, 8, 10, колку и да беа веќе – ги заборавивме.

Верувајте, навистина сѐ се заборавало, дури и Алцхајмер – болеста што ги брише спомените, ние ја избришавме од нашите спомени.

[better-ads type='banner' banner='999' ]