Александар Тримчевски: Вистински човек за виртуелно време

Нашиот соговорник е татко на две деца, но и творец на едукативен пакет за македонската азбука кој неговата ќерка, како и многу други деца одлично го прифатиле. Всушност, тој е творец на повеќе едукативни апликации и друштвени онлајн игри, токму она што во овој период најмногу им треба на децата, но и на нивните родители

0
1156

Деновиве, кога сите семејства со мали деца се соочени со предизвикот, со што да ги забават своите деца во домашни услови, а притоа, и да ги едуцираат, се чини најсоодветен соговорник е токму Александар Тримчевски, творец на пакет-содржини кој им помагаат на децата да ја научат македонската азбука, но и татко на две деца од една и седум години.

Токму неговата прва ќерка била и причината поради која добил идеја да почне со едукативен пакет за македонската азбука, кој неговата ќерка, но и многу други деца одлично го прифатиле.

„Апликацијата постои нешто повеќе од една година и во изминатиов период посетата е зголемена до 500 корисници на ден. Кога ја добив мојата прва ќерка се загрижив од безмилосната трка по кликови која ја правеа зависна од игрите и видеата. Компаниите според учењето на BJ Fogg ги искористуваат основните човекови инстикти, за да не задржат што е можно подолго време на нивните платформи, со цел да го наплатат нашето внимание. На пример, огромната цена на акциите на фејсбук се заснова на тоа што просечен корисник поминува 1 месец во годината само на facebook.com во споредба со 4 месеци спиење. Неприфатливо ми беше времето кога децата најмногу учат и се развиваат, да го поминат играјќи повторувачки игри и гледајќи реклами. Голема опасност е и тие платформи да станат неодолива мамка за некои од децата и да претставуваат замена за социјална интеракција лице во лице.

Поради големината и финансиската моќ на нашата заедница, согледав дека ретки се и квалитетните содржини на мајчин јазик“, раскажува Александар.

Неговата веб апликација nabukva.mk е наменета за дечиња кои ја учат македонската азбука. Таа содржи звучни прикази на букви и зборови кои кореспондираат со слики, насоки за правилно пишување преку анимации и игра преку која децата ги пишуваат буквите на екранот. Главна цел на апликацијата е да ги поттикне децата да ги развиваат своите когнитивни и јазични вештини и да го зголемат својот речник.

„Специфично за апликацијата е тоа што е изработена користејќи само html, css, vanilla javaScript, со што содржините се достапни на широк спектар на уреди (стари мобилни телефони, компјутери, телевизори) и достапни се преку бавни конекции. Дизајнот е минималистички и наменет за деца, со големи слики кои брзо се вчитуваат и се со висок квалитет при зголемување“, објаснува Александар.

Освен ова, Александар има направено и апликација која нуди детален опис на сите народни инструменти и нивните звуци. Апликацијата нуди и едукативен квиз кадешто детето може по слух да ги погодува инструментите и да се забавува.

Инаку, Александар почнал да работи од 16. годишна возраст, како волонтер во компанијата од кадешто го купил и својот прв компјутер.

„Сменив неколку компјутерски фирми, за на крај да завршам како маркетинг менаџер во АМЦ Компјутери. Сега веќе подолго време работам на полето на графички и веб дизајн и е-маркетинг.

Идејата за нов, алтернативен начин на едукација ми се развиваше уште од периодот кога во Македонија не беше достапен интернет, кога после полноќ се вклучувавме на ББС-ја, кои најчесто беа хостирани од ентузијасти и на кои обично се наоѓаа некои мали игри, смешни слики или кратки клипчиња. Таму ја најдов бесплатно книгата која долго време ја барав да ја купам (Дос библија), како и програмче кое преку едноставни инструкции и игри, ме научи како да куцам со сите прсти и неколку пати побрзо од претходно (дознав и зошто има точки на копчињата J и F на компјутерските тастатури). Но, додека гледав како информатичката револуција го смени ентитетот на светот од енергија во информација и ги измени речиси сите индустрии и создаде нови, немаше голем напредок на полето на едукацијата. И ден денес, повеќето начини на онлајн учење се засноваат на гледање на видеа како во времето на видео касетите. Затоа и почнав да размислувам и како да направам нешто на полето на едукацијата.

Освен дигиталниот буквар, создадов и друштвена борд игра „ОД А ДО Ш“, составена од 64 карти и 2 подлоги наменета за тоа  децата да ги изучуваат самогласките, согласките и македонските зборови во група и која придонесува за правилен социо-емотивен развој. Дизајнирав  и буквар за печатење кој се персонализира посебно за секое дете. Во содржината на книгата се аплицира фотографија од детето во фигури на астронаут, жонглер, магионичар, итн. Достапни се и работни листови за пишување “, вели Александар.

Тој за потребите на својата ќерка, освен своите на електронските уреди ги има инсталирано и 5+, Bibi, Букви кои се Андроид.

Во овој период на самоизолација, вели тој, „е предизвикувачки да работам од дома со 7 годишно и 1 годишно дете, но поради новонастанатата состојба гледам што побргу да направам нова детска апликација која ќе има можност да ја играат повеќе другарчиња во исто време преку интернет“.

[better-ads type='banner' banner='999' ]