Сите родители (или барем огромното мнозинство од нив) раѓаат деца со желба тие да имаат убав, значаен, среќен живот. За жал, тоа не е секогаш така и постојат околности и ситуации на кои не можеме да влијаеме на кој било начин. На повеќето сепак можеме. Данците се чини дека најдобро знаат како правилно се воспитуваат деца. Зошто токму тие и зошто постојано пишуваме за нив? Па, едноставно е. Повеќето истражувања (релевантни истражувања од сериозни универзитети) покажале дека Данците се најсреќните луѓе во светот. Тоа значи дека има нешто што тие го прават подобро од другите. Бидејќи, на крајот од приказната, среќата е цел на секој човек.
Данското родителство е посебно од многу аспекти, но денес ќе спомнеме еден што е болка на повеќето родители. Тоа се ултиматумите или, малку погрубо кажано – уцените. Сигурно понекогаш и самите сте помислиле дека ако не постоеја уцени и подмитувања, не би знаеле како да ги воспитувате децата.
И иако знаеме дека уцената не е добар образовен стил, понекогаш е едноставно најбрза и најлесна, бидејќи резултатот го гледаме за кратко време, а не ја гледаме веднаш негативната страна, почесто прибегнуваме кон нив.
Данците, сепак, не го прават тоа. Нивниот стил на родителство може накратко да се опише со зборот – почит. Без викање по децата, без засрамување или удирање на децата за да се добие резултат. Почитувајте ги децата, научете ги со вашиот пример како да ги почитуваат другите, па така и самите ќе добиете почит. Вреди да се спомене дека во Данска, тепањето деца е забрането со закон повеќе од 20 години. И, ако прашате кој било Данец, тој ќе ви одговори дека за нив тоа е незамислив начин на дисциплина.
Зошто Данците не ги уценуваат своите деца?
Ултиматумот како таков ги става родителот и детето во позиција дека некој мора да излезе од него како победник, а некој како губитник. Никој навистина не сака да му поставуваат ултиматуми затоа што тоа е секогаш само борба за моќ. Таму каде што има уцени, нема решение во кое сите ќе бидат „победници“. Ако земеме предвид дека нам, како на држава, веќе со години од страната на ЕУ ни се поставуваат некакви ултимативни барања кои треба да ги исполниме ако сакаме да не примат во унијата, а ние преговараме за нив, веројатно нашиот став се должи токму на тоа што сме навикнати на уцени од мали нозе.
Но, да се вратиме на воспитувањето на децата.
Она што родителите кои прибегнуваат кон уцени не го разбираат е дека тие се всушност оние кои на крајот, на долг рок, секогаш губат со овој метод. Тоа е борба во која се добиваат битки, но на крајот војната е изгубена. Како? Такашто ќе ја изгубите блискоста со детето, затоа што однос во кој постојат закани и кој се темели на страв (дури и ако во него има многу љубов) не може да создаде блискост.
Во таква врска не може да има почит, бидејќи ако родителите се закануваат напразно, децата ќе научат дека границите не значат ништо. И бидејќи се паметни, тие почнуваат да сфаќаат дека заканите се всушност метод што го користат нивните родители кои не се во состојба да се справат на кој било друг начин.
Она што е интересно за уцените е дека нивната употреба во комуникацијата со децата има многу врска со тоа како сме воспитани ние, родителите. Јазикот, тонот и методите што ги користиме со нашите деца, родителите често ни ги оставиле во наследство нашите родители. Многумина од нас се воспитани со методи засновани на страв и закани, па затоа е разбирливо што често посегнуваме по нив кога немаме асови во ракавот. (Сте слушнале, сигурно, барем милион пати, дека денешните родители низ смеа велат „мене моите ме испраќаа да си изберам прачка“).
Оние кои имале капацитет да ја видат поголемата слика, од овие методи на нивните родители научиле дека треба да го прават токму спротивното, оние што го немале тој капацитет, ги следат овие методи – уцени, викање, тепање.
Данците се многу демократски и емпатичен народ и не е тајна дека тие се обидуваат да ги всадат овие квалитети кај децата уште од најрана возраст. Тие гледаат на децата како на еднакви на себе, но им треба некој што ќе ги води, секако да не да ги контролира. Тие знаат дека тоа како тие гледаат на детето, влијае и на тоа како ќе го третираат.
Затоа, обидите на децата да ги прекршат правилата и да ги поместат границите се сметаат за сосема нормални и не се третираат како безобразие, тврдоглавост или невоспитаност. И ова прави клучна разлика во тоа како тие реагираат на однесувањето на децата.
Тие ги слушаат децата, исто како што ги слушаат и возрасните. Исто како што нема да го игнорираат возрасниот што им се обраќа, не го игнорираат ниту детето. Ова има неверојатно влијание врз самодовербата и самосвеста на детето. Децата почнуваат рано да разбираат кои се границите, зошто се тие важни и зошто постојат правила, а потоа можат да ги прифатат, да ги ценат и почитуваат со целосно разбирање. Стравот дека ќе прекршите правило што не сте го разбрале најдобро е сосема друга работа. Ако почитувањето на границите се заснова на страв, децата понекогаш ќе ги почитуваат дури и без да знаат зошто го прават тоа, зошто не смеат да прават нешто, но ќе се држат до нив за да не се случи некој да им викне или да ги удри.
Овој пристап не создава блискост или доверба, без оглед колку му давате нежност на детето во ситуации кога сè е во ред.
Ако вложите во почит кон детето, тоа ќе ви се исплати на долг рок, сметаат Данците.
Но, се лажете ако мислите дека тие се попустливи родители. Затоа што не се. Воопшто.
Тие воспоставуваат јасни правила што се очекува децата да ги следат. Но, тие се многу подготвени да разговараат и да им објаснуваат на децата сè за правилата. Тие не ја знаат реченицата „затоа што јас велам така“.
Кога очекуваат од детето да ја среди својата соба, а детето одбие, тие нема да речат – ако не ја средиш собата нема да одиш во парк, туку ќе се потрудат да вложат време и трпение за да објаснат зошто собата треба да се исчисти и зошто е важно тоа да го направи детето.
Ова, се разбира, бара пракса. И многу трпеливост. Но, резултатите нема да изостанат. Вистината е, всушност, дека децата можат да разберат многу. Честопати нашата нетрпеливост, не разбирајќи колку е лош сојузник во воспитувањето деца, е причината зошто посегнуваме по ултиматуми.
Како можете да престанете да ги уценувате децата?
Првиот чекор е договор со партнерот. И двајцата треба да се согласите дека сакате да ја промените практиката каде што децата ве слушаат само за да не изгубат некои привилегии или за да не бидат казнети. Се согласувам дека ако некој од вас почне да ја губи контролата во некоја ситуација, другиот треба да го преземе разговорот со детето.
И запомнете – не мора да ја биете секоја битка. Некоја можете и да предадете. Фокусирајте се на важните работи. Често се случува нашите реакции кон детето да бидат претерани кога нешто ќе се случи пред другите, па затоа сме под дополнителен стрес затоа што не сакаме некој да мисли дека не знаеме како да ги воспитуваме своите деца.
Тие го чувствуваат тој страв и стрес и тоа може да ги натера да се однесуваат уште полошо. Не мора никому да докажувате ништо. Научете го вашето дете да почитува, однесувајте се кон детето и кон другите со почит и детето ќе ве почитува.
Друга важна работа: покажете му на детето емпатија. Дали е гладен? Уморен? Вознемирен? Колку повеќе ја разбирате причината за нивното однесување, толку посилна ќе биде вашата врска. Тоа како ќе одберете вие да го гледате вашето дете, секогаш ќе влијае на вашата реакција кон него. Она што ќе го дадете ќе ви биде вратено. Доброто поттикнува добро, лошото поттикнува на лошо, губењето на контролата поттикнува на губење на контролата. А мирот поттикнува мир.
Фото: Pixabay