Не е тајна дека ние возрасните на им правиме голема ‘услуга’ на нашите момчиња во смисол на емоционалната поддршка. Општеството вели дека тие мора да бидат „цврсти“ и „силни“ и дека покажувањето емоции се за „слабите“ и за девојчињата. Ова често резултира со тоа што тие на крајот не знаат да изразат емоции како тага и незадоволство затоа што се научени да ги потиснуваат, а знаеме дека тоа не е добро.
Истражувањата покажуваат дека на момчињата всушност им е потребна поголема емоционална поддршка отколку на девојчињата, но заради социјалните очекувања и родовите стереотипи, ние не им го даваме тоа. Постојат биолошки разлики во начинот на кој се развиваат мозоците на момчињата и девојчињата. Всушност, момчињата се емоционално поранливи уште во матката.
Според студијата на Себастијан Кремер, „Кревок мажјак“, објавена во 2000 година, момчињата се во понеповолна положба уште од зачнувањето. Според неговата студија, машките ембриони се поподложни на стресот на мајката, а машките фетуси се поподложни на работи како церебрална парализа. Момчињата има поголема веројатност да се родат предвреме, а мртвороденоста е почеста.
По раѓањето, поверојатно е дека кај новороденчињата ќе се покаже повисоко ниво на кортизол (хормон на стрес). При раѓањето, нивните мозоци се послабо развиени отколку оние на девојчињата до возраст од шест недели. Момчињата продолжуваат да се развиваат побавно од девојчињата, дури и кога стареат. Кремер напоменува: „Грижата за момчињата е генерално потешка“.
Момчињата понекогаш изгледаат како диви суштества – тие се гласни, разиграни, секогаш во движење – и тоа може да биде исцрпувачко, дури и во првите месеци. Но, во неговиот труд, „Сите наши синови: развојна невробиологија и невроендокринологија на момчиња со ризик“, др. Алан Шор, клинички психолог во УЦЛА, ја нагласува важноста од тоа машките доенчиња да создаваат позитивни врски со нивните родители и / или старателите за својот емотивен развој.
„Бидејќи кај машко новороденче созревањето на десната страна на мозокот е побавно во првата година од животот, посебното внимание на мајката и поврзаноста со детето се важни за да можат момчињата да се развијат целосно социјално и емоционално“, истакнува Шор.
Емоциите се човечка работа, а не родова работа. Како родител на момче, лесно е да се падне во родови стапици од типот на „големите момчиња не плачат“.
Не признавајќи дека момчињата имаат чувства и дека знаеме како да им обезбедиме соодветни начини да ги истражат сложените емоции што ги прават луѓе, ние само ги „програмираме“ да ги повторуваат проклетите циклуси на токсична машкост и угнетување. Ако го сакате вашиот син, престанете да се обидувате да го направите силен и вистински маж и дајте му простор да биде целосно формирана, емоционално сигурна личност.
Фото: Pixabey