Ваков повик итните служби не примиле никогаш дотогаш. Една мајка од Јута, на 28.јануари минатата година во очај го свртила бројот 911, откако наеднаш, без никаква најава, среде ноќ, млекото ѝ секнало, а нејзиното шестмесечно бебе неутешно плачело.
Шенон Брд дома немала вештачка формула бидејќи дотогаш без проблем го доела своето бебе, инаку, петто по ред..
„Им ѕвонев на соседите, но никој не се јавуваше. Никогаш не сум се нашла претходно во ваква ситуација. Моето млеко буквално пресуши. Ова ми е петто дете и тоа никогаш не ми се случило“, изјавила Брд за телевизискиот канал KSL.
Таа им објаснила на службениците дека сопругот ѝ е надвор од градот, а четирите деца спијат. Новороденчето инаку го дои, па сега нема друг избор.
„Бебето плачеше на цел глас, не знаев што друго да направам“, додала таа.
Полицаецот Брет Вагстаф веднаш после повикот се упатил во продавница, купил млеко и ѝ доставил на мајката на врата.