Ја нацртав планетата Земја која е болна

Одличен поглед на пандемијата на коронавирусот на осумгодишниот Димитар Гиновски, син на пејачката, виолинистка и професорка на ФМУ Андријана Јаневска и гитаристот Драган Гиновски Гино. Во домашна самоизолација, како и многу други ширум светот, и ова семејство се забавува на свој начин

0
1171

Андријана Јаневска,  пејачка, виолинистка во МОБ и професорка по солфеж и соло пеење на Факултетот за музичка уметност, со своето семејство, сопругот Драган Гиновски-Гино и синовите – осумгодишниот Димитар и петгодишниот Кристијан, како и сите други ширум светот, си седи дома.

Таа и сопругот, гитарист во бендот „Темпера“, се и сопственици на музичкото студио Гиновски, па со оглед на тоа што студиото е на нивната домашна адреса во Бардовци, тие и во актуелната состојба можат да си подработуваат.

„Со оглед на тоа што студиото ни е во домот, си работиме онолку колку што во моментов има работа. Работиме на некои аранжмани, едитираме, го користиме времето максимално. Исто така, иако сум дома, не дозволувам тековните работни активности да трпат последици, па така, часовите на ФМУ ги одржувам онлајн.

Во текот на денот задолжително одвојувам саат-два за работа на мојот докторат, а после ручек со двата сина ги сработуваме задачите од училиште и градинка. Се разбира, играме и друштвени игри, ги учам да играат шах, гледаме цртани, боиме, готвиме… Додека беше сончево, слободното време го поминувавме во двор. Се разбира, како и сите домаќинки, првата седмица го светнав домот, а сега секојдневно го одржувам чист затоа што хигиената периодов е од особено значење“, раскажува Андријана.

Таа сподели со нас и една од активностите на нејзините деца, а тоа е изработката на украси од тесто. На тој начин децата се забавуваат, а можат да бидат и креативни и на крајот да бидат горди на она што го направиле. А дека децата навистина знаат да бидат креативни доволно зборува цртежот на нејзиниот постар син, осумгодишниот Димитар кој ја нацртал Земјата со топломер во уста.

Бидејќи движењето во оваа состојба е ограничено, за да остане во добра физичка кондиција Андријана секое утро вежба околу 30 минути.

Потоа следува појадокот, а во комбинација со утринското кафе – таа вежба шах. „Купуваме леб и млеко од нашата маалска продавница, а еднаш неделно јас или сопругот одиме во поголемите маркети да испазариме продукти за цела недела. Се разбира, задолжително носиме заштитна маска и ракавици“, вели Андријана.

Нејзината порака до сите читатели е да ги почитуваат препораките и да седат дома, а доколку мора да излезат, задолжително да носат заштитна маска и ракавици.

„Само на тој начин побргу ќе помине овој непосакуван период за сите нас“, порачува Андријана.

[better-ads type='banner' banner='999' ]