Цело семејство во СКАрантин

Ели, Пеце, Никола и Маша не губат време ниту во карантин. Семејството е заедно повеќе од претходно, обврските се споделуваат, а резултатите се огледало на нивната креативност. Пеце сними нова песна со својот бенд „Суперхикс“, сите заедно со фановите на бендот се најдоа и во спотот, Ели спрема главна улога за нова претстава во гостиварскиот театар, Никола вежба на клавирот и со мама синхронизира серии, а Маша со помош на тато си сними своја роденденска песна.

0
1221

Иако периодов додека светот седеше во карантин, повеќето луѓе го сметаат за изгубено време, некои го користат максимално, за создавање нови креативни нешта.

Така е и со семејството на актерката, диџејка и пејачка Ели Клинчаревска Младеновска и нејзиниот сопруг Петар Младеновски, алијас Пеце Суперхикс.

„За мене и моето семејство времето поминато во карантин не беше изгубено време. Напротив, го искористивме за да уживаме во семејна атмосфера. Периодов беше одличен за да се преиспитаме, да се преслушаме и да си се посветиме еден на друг. За да функционираме и за да ги завршиме навреме сите работни обврски, направивме еден дневен распоред кој на сите ни одговараше. Имаше време за учење со децата, за прошетка, за вежбање, за снимање песни и за учење нови текстови за нови проекти“, раскажува Ели.

Тие во текот на работната недела престојуваат во својот стан во градот, а викендите ги поминуваат во викендичката на Скопска Црна Гора.

Бидејќи таму имаат двор и поголема слобода, очигледно е таква и креативноста.

„Со оглед на тоа што училиштата не работат и соочени сме со онлајн настава, учиме дома. Како родители на школски деца, ние обврските си ги поделивме рамноправно. Јас учам со Никола, а Пеце со Маша. Засега сме редовни и успешни во исполнувањето на сите задачи.

Освен училишните обрски со децата, сконцентрирани сме и на нашите професионални обврски. Пеце подготвува нов музички материјал, а со „Суперхикс“ веќе снимија и нова песна “СКАрантин“. За спотот за оваа песна имаше и јавен повик и отворена покана, сите што сакаат да се снимат дома и да ги испратат материјалите за да бидат дел од него. Се разбира, дел од спотот сме и ние со Маша, Никола и нашето маче Мила“, се смее Ели.

Инаку, Пеце од дома ги води и радио емисиите за Урбан ФМ, а за тоа време децата се тивки и мирни. Седат во друга соба и си се занимаваат со своите обврски.

Иако се уште мали, вели Ели, и двајцата веќе знаат што е професионалност.

„Никола вежба на клавирот, бидејќи е ученик во МБУЦ, а заедно со мене работи и на снимање на надсинхронизации во студиото на Бранко Попчевски, за Сител телевизија.

Маша пак е дел од детскиот хор „ПОТОЧИЊА“ и има тригодишно искуство со балет и сцена па неодамна со помош на татко ѝ сними своја песна за роденденот, такашто и таа знае што е професионалност.

 

Јас во моментов се подготвувам и учам текст за новата претстава „Полковникот Птица“, која треба да ја реализираме во мојот матичен театар -НУ Гостиварски театар кадешто се вработив пред околу 7 месеци. Претставата е во режија на нашиот познат режисер Андреј Цветановски и иако првично главната улога требаше да ја игра машко, режисерот ми ја даде мене. Пресреќна сум и едвај чекам да им се вратиме на пробите и на сцената.

Велат дека наскоро ќе се укине полицискиот час, сите ќе се вратиме на нашите вообичаени дневни работни обврски, ќе им се вратиме на старите навики, но да не заборавиме кои сме, колку можеме и колку се важни семејството, грижата, љубовта, емпатијата… Да не заборавиме да бидеме ЛУЃЕ!!!“, порачува Ели во разговор за нашиот портал.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]