Томи Стефановски: Децата учат да пливаат за 20 до 30 часа

Летната сезона е пред нас, а секој родител би сакал, барем за време на летувањето, да му помогне на своето дете да научи да плива. Одговорот на прашањата дали се организираат летни школи за пливање за деца и за колку време едно дете може да научи да плива, ги побаравме кај нашиот најдобар маратонец, и тренер по пливање, Томи Стефановски. 

0
590

– За едно дете да научи да плива потребни се од дваесет до триесет часа, ако земеме предвид дека часовите се два пати неделно, тоа се два до три месеци за кои детето би требало да ги научи основите во пливањето. Во летниот период, кога децата се послободни, би можел да се направи забрзан курс со што би се скратило времето, меѓутоа најдобро е во почетниот период да не се брза, бидејќи тој е најважен и грешките направени во овој период подоцна многу тешко се поправаат. Што се однесува пак, до школите за пливање, тие работат преку целата година. Јас сум во пливачкиот клуб „Феникс“ кој работи на Олимпискиот базен. Моите колеги работат во школата за пливање секој ден, освен понеделник, во термини од 16 и 17 часот – објаснува Томи Стефановски.

Во разговорот за „Мајка и дете“ со Стефановски зборуваме и за најсоодветната возраст на детето да почне да плива, колку децата со посебни потреби се вклучени во овој спорт и колку државата се залага за афирмација на пливањето.

Од која возраст детето може да го вклучиме во пливачки клуб и која возраст е идеална за детето да почне да спортува пливање?

– Најдобро е да се почне со пливање на возраст помеѓу пет и осум години. Полезно е детето веќе да имало контакт со вода за првите часови на базен да не претставуваат преголем стрес кој што би можел да биде контрапродуктивен.

Во 80-те, 90-те години, пливањето беше еден од најпопуларните спортови кај нас, па дури и самите тренери по пливање регрутираа деца од основните училишта за да ги вклучат во своите пливачки клубови. Колку денес пливањето е популарно меѓу децата?

– Во денешно време, со сите можности за рекламирање, популарноста на пливањето е поголема од пред триесетина години. Проблем претставува немањето затворени пливачки базени, без кои не може да се практикува овој спорт. Со зголемувањето на пливачките базени низ државата сигурно популарноста ќе се зголеми многу повеќе.

Има ли можности овој спорт децата да го практикуваат и рекреативно, без амбиции да станат натпреварувачи, а сепак во рамките на пливачки клуб?

– Не мора. Меѓутоа, сосема е нормално да се натпреварува кога се зачленило во клуб. Пливањето е еден од ретките спортови каде резултатите се видливи и треба да се пуштат децата сами да се соочат со победите и поразите, што е позитивно за нивниот психолошки развој. Проблеми настануваат само доколку имаме претерано амбициозни родители и тренери.

Здравствените предности на пливањето се познати, но колку спортските клубови и воопшто општеството прави да ги вклучи во овој спорт и децата со посебни потреби?

– Во последниве години на тоа поле има голем напредок. Се работи сериозно со децата со посебни потреби и веќе на голем број од митинзите се започнува со натпревари за овие деца. Секако дека тоа може да биде уште поорганизирано, особено на државно ниво, но радува фактот што родителите на децата со посебни потреби зборуваат за проблемите и ги вклучуваат во општеството.

Што прави државата за афирмација на овој спорт? Ни недостигаат ли пливачки базени, ни недостигаат ли основни услови за развој на овој спорт?

– Со успесите што ги има постигнато, овој спорт многу лесно може да се афирмира, но факт е дека државата нема концепт. Тоа е и сосема нормално кога немате доволно дебати и одлуките не ги носат луѓе кои биле долги години вклучени во спортот, а при тоа биле и успешни. Пливачки базени недостигаат во Скопје, а за останатиот дел од Македонија не треба да се дискутира. Срамота е во 21 век било кој град да нема барем 25-метарски базен, а пливачкиот спорт е специфичен по тоа што не може да се тренира на улица.

Има ли Македонија капацитет да создава врвни шампиони во пливање?

– Капацитет сигурно има за создавање врвни спортисти, но кога ќе направат успех во кадетска и младинска конкуренција треба државата да ги третира како такви, бидејќи пливањето е спорт зад кој секаде во светот стои државата и ние не може да бидеме исклучок.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]