Со Ели, Нина и Љубен Маџирови за животот СО и ПОСЛЕ Зоки, нивниот и наш сакан Ботлмен

Во пресрет на роденденот (14 јануари) на светскиот виртуоз, музичарот Зоран Маџиров, кој на светската јавност ѝ е познат како „ботлмен“, односно човекот кој свири на шишиња, зборувавме со неговото сакано семејство, сопругата Ели и нивните деца Нина и Љубен, кои велат дека ја преземаат неговата должност - да го наполнат светот со музика и уметност.

0
3544

Зоран Маџиров, најпознатиот македонски музичар кој зад себе има повеќе од 4 илјади концерти ширум светот и е прогласен за почесен граѓанин во повеќе европски метрополи, а САД му дадоа државјанство, познат насекаде како Ботлмен, годинава, на 14 јануари, ќе наполнеше 53 години. За жал, почина на 49, после седум месеци во кома како последица од сообраќајната незгода кај „Пилав тепе“.

Настапуваше на фестивали ширум светот, во САД, во Дубаи, и надолж и попреку низ цела Европа. Знаеше од Италија, да замине на турнеја по јадранскиот брег, па да скокне на гала настап во Германија, да се врати во Дубровник, да „истрча“ до Загреб, па да му ја летне до Рим, на кратко да дојде во родната Струмица на правење ајвар и печење ракија, па назад за Амстердам, да продолжи за Франкфурт, Виена, па на џез фестивал во Скопје, а потоа назад во Австрија, Германија, Швајцарија. Во Минхен од последниот баварски принц Мануел Први ди Нардо, доби орден за високи заслуги како оригинален и единствен уметник кој неуморно работи врз ширење на музичката култура низ целиот свет. Овој медал само ја продолжи низата на значајни општествени признанија во која високо котираат и она од УНЕСКО, а и златната плакета од Департментот за правда на САД кои Маџиров го оценија како „човек со невообичаени способности“.

Неговото животно мото беше она дека светот денес е мал и преубав за да се живее или да се твори само на едно место.

Својот инструмент си го викаше „СРЧАта“ (срча, парче искршено стакло), и тоа, онака, во оригинал, на струмички …

Во Германија неговиот инструмент го завикаа „Флашофон“, а во Америка, и општо на англиски јазик, бидна „Ботлфон“ (Bottlephone), а тој самиот беше познат како Bottleman, Зоран Маџиров, the inventor of the Bottlephone.

Ги побаравме неговата најблиски и најсакани, сопругата Ели, ќерката Нина и синот Љубен кои празниците ги минуваат во Македонија и ги прашавме за животот СО и ПОСЛЕ Зоки.

„Поминаа 3 ипол година, а всушност како да беше вчера кога ја слушнав веста за сообраќајката на Зоки. Во тој период ние живеевме во Милано, Зоки  си дојде во Македонија, а јас отидов во Лос Анџелес кај ќерка ми. Планот беше и тој да дојде во ЛА пред Божиќ. Имаше закажано настап – Божиќен концерт во Лос Анџелес и телевизиска емисија.

На 7 октомври 2016., нашите животи се сменија и бевме принудени да прифатиме една реалност која беше исклучително тешка да се има, да се живее. Никогаш не знаеш што може да ти донесе животот, колку можеш да бидеш силен и способен да се справиш и со најтешките моменти.

Имав надеж и се надевав на чудо  до последниот здив, иако ја гледав објективно цела ситуација и правев сѐ што беше во моја моќ, но сепак исходот беше трагичен.

И после три ипол години загубата на Зоки како сопруг  и татко е непреболена, тој секогаш ќе си живее во нас и во нашите мисли со огромна  љубов“, вели неговата сопруга Ели.

Нина и Љубен, како и нивната мајка Ели, не ја губеле надежта во тој период од речиси 7 месеци, колку што Зоки лежеше во кома, дека сепак ќе се разбуди.

„Кога ја слушнав веста за сообраќајката бев во ЛА со мајка ми. Сиот тој период додека татко ми беше во кома имав надеж дека ќе се разбуди, па дури и до последниот ден. Тој секогаш не учеше дека надежта последна умира“, вели Нина, а нејзиниот брат Љубен додава дека и самиот секој ден се надевал дека татко му ќе се разбуди.

„Јас тој ден бев дома, во Скопје и го чекав татко ми да се врати од Струмица. Се сеќавам дека му ѕвонев на телефон многу пати за да го прашам за колку време ќе стигне во Скопје, бидејки тој ден имав Концерт со мојот бенд „Контакт 59“, но за жал, тој никогаш не се врати дома. После тоа, секој ден имав многу голема надеж дека ќе се разбуди. Бевме многу блиски и ми беше како најдобар другар и ментор“, вели Љубен.

 

Во чест на својот татко, Нина го направи краткометражниот филм „Glass“ (Стакло) снимен во рамките на Њујоршката филмска академија во Лос Анџелес кадешто таа студираше актерска игра. Нина се потпишува и како сценарист на проектот кој претставува нејзина интимна исповед за тоа низ што поминувала во периодот додека била сама во ЛА, а нејзиниот татко лежел во болница.

„Може да кажам дека филмот ми помогна да го преболам, ама секогаш ќе чувствувам празнина во срцето. Јас и татко ми секогаш бевме поврзани. Имавме посебен однос, на некој начин,  како да бев слабата точка на татко ми. Едни од најомилените моменти со него се кога ме однесе во Париз за мојот роденден, а незаборавни ми се и моментите кога заедно свиревме на клавир. Секогаш кога свирам клавир ќе го чувствувам како да ме слуша и како да е до мене.

Инаку, „Стакло“ беше мојата дипломска работа. Оценките беа сите десетки и добив големи комплименти бидејќи професорите знаеја низ што поминувам. Стакло доби 15 награди на интернационални филмски фестивали и имаше премиера во „The Chinese Theater“. Исто така, се прикажуваше во „Warner Brothers Theаters“, кадешто го гледаа стотици луѓе од Њујоршката филмска академија“, раскажува Нина.

 

Филмот на Нина и музиката на Љубен за истиот, ја направиле нивната мајка  многу горда на нив, но од друга страна и емотивно ја скршиле.

„Тоа беше момент кога сфатив дека и покрај сѐ што имаат  поминато, тие се способни, силни, уметнички битиа кои имаат моќ да успеваат и да напредуваат во животот. Секој успех на моите деца ме прави среќна, Тие секогаш ќе ја имаат мојата поддршка. И додека траеше агонијата со Зоки, ние тројца се имавме еден со друг, но имавме и огромна поддршка од вистинските пријатели и роднини за кои имам огромна почит и посебно место во моето срце. И сега ми доаѓаат солзи на очите кога ќе се сетам на луѓето кои беа со нас во тој тежок период. Тоа се вистински големи луѓе кои несебично ни помогнаа“, се потсетува Ели.

Таа сега работи со Биорезонантна квантна медицина, со што, како што вели, ѝ се вратила на својата љубов кон алтернативната медицина.

„Во Лос Анџелес завршив за биорезонантен терапевт и лиценциран нутриоцинист за Кето диета по д-р Берг.

Кога се преселивме со син ми во Лондон, студирав на Натуропатија специјалност за алергија и имунологија, хомеопатија и Иридологија.

Во Лондон имам своја канцеларија и во моментот со својата колешка спремаме нова, поголема, каде ќе се испорачуват биорезонантни третмани во комбинација со терапија за негативни јони и ифаред терапија, како и Кето програми за слабеење. Мојот живот после смртта на Зоки им е посветен на децата и на многу работа. За мене тоа е единствениот начин да одам напред во животот. Љубен доби стипендија од универзитетот во Лондон и одлучи таму да студира (тапани, музичка продукција и филмска музика на ICMP – Institute of contemporary music performance), па се преселивме и живееме заедно во Лондон.

 

За чудо, тука немам заеднички спомени со Зоки бидејќи никогаш не сме биле заедно во Лондон, иако тој има студирано и живеено во Лондон пред да се сретнеме. За мене тоа беше олеснително… нова околина, нови луѓе, многу акција…Такашто, Лондон ми беше нов почеток, го засакав градот, запознав многу нови луѓе, имам многу пријатели таму, а до ден денес контактирам и со пријателите од Италија, Германија, Данска, Америка, Монако…

Имавме многу пријатели низ цел свет и констатно добивав  пораки со поддршка. Со Зоки бевме во брак 22 години, ги имаме нашите деца и многу убави заеднички спомени.

Како фамилија бевме многу поврзани и така и си остана, а така и ќе биде.

Сите нас, звукот на шишињата и вибрафонот секогаш ќе не потсетуваат на Зоки, каде и да сме во моментот, тој секогаш ќе биде со нас и во нашите мисли. Сега со децата се гледаме во Лос Анџелес, во Лондон или во Македонија. Последен пат сите заедно, пред точно една година, бевме за премиерата на филмот „Стакло“ во Скопје, а потоа и во Лондон.

Изминатава пролет, поточно, во април  имавме букирано карти за патување во Фиренца, во Италија, на филмски фестивал кадешто Нина доби награда за филмот, но се случи пандемијата и многу планови се поместени за во иднина.

Сега сум во Македонија и престојувам во Скопје. Често сум и во Хрватска, ја обожавам Истра, таму имам многу добри пријателки, а и сестра ми живее во Загреб. Работата ми дозволува да  работам и онлајн па имам клиенти од цел свет, меѓу кои и многу клиенти од Македонија“, ни раскажа Ели.

 

За Нина, животот во Лос Анџелес е нешто што од секогаш го посакувала.

„Од секогаш сум сакала да живем блиску до студијата. Најголемата поддршка ја добив од моето семејство. Моментално работам на Оскаровска кампања за краток документарец што го снимивме во 2019.година, а исто така потпишав договор со голема холивудска менаџерска агенција, што ме праќа на големи аудиции за Нетфликс серии, ХБО, итн.

Мојот круг на пријатели во ЛА се мои колеги, исто така и пријатели – актери што ги имам запознаено по сетови и театарски претстави. Македонија секогаш ми недостасува, посебно фамилијата, пријателите и народот, но константно сум во контакт со моите најблиски на социјалните мрежи.

Тешко е кога не сме заедно со мајка ми и со брат ми, но од секогаш сме биле премногу блиски без разлика на тоа кој каде е. Се гледаме 2-3 пати годишно, но се надевам дека наскоро сите заедно ќе живееме во ист град.

Моментално јас и брат ми соработуваме на нова скрипта, којашто ќе ја снимиме во 2021. Дејството се одвива во САД и во Македонија. Имам 2 филма кои ќе ги режирам во ЛА и еден во кој и ќе глумам. Исто така, во февруари ќе снимам и веб серија, а со продукциската куќа сега работиме на кампања за оскарите.

 

Инаку, и јас секогаш кога ќе видам шише помислувам на татко ми, па дури и кога пијам чаша вино помислувам на него. Често пати го слушам неговиот албум „Balkano Nuevo – Roots on a Roof“. Кога ќе го слушнам звукот на шишиња спокојно се сеќавам на неговите концерти и на неговата енергија. Од него ги зачував сите мудрости на кои не учеше. Засекогаш, сентиментално, ќе ми бидат зачувани нашите фамилијарни мигови кога сме се смееле и кога сме биле сите среќни и заедно“, завршува Нина.

Иако живее и студира во Лондон, Љубен има два бенда во Македонија, Контакт 59 и Дактили.

„Во Лондон имам друштво музичари од факултет, сите доаѓаме од различни места и жанрови на музика, како што би рекол татко ми – ‘мешана скара’. Сепак, Македонија ми недостасува многу па често доаѓам поради бендовите, поради друштвото и возењето сноуборд со другарите.

И во моментов сум тука и среќа во светската несреќа, овој период на пандемија го искористивме многу добро. Со Контакт 59 работиме на нов албум, а со Дактили имавме два настапи, еден промотивен концерт за албумот ‘Рандом Дестинација’, во Струмица и еден во Скопје. Исто така извадивме и нов сингл ‘Болни светогледи’. Со сестра ми работиме и на нов документарен филм за татко ми кој може да се очекува во наредните пет години.

Набрзо спремам и проект во чии рамки ќе свирам на шишиња. Секогаш кога ќе видам и кога ќе слушнам шише, помислувам на татко ми“, ја завршува својата приказна и Љубен, кој сега со својата сестра ја имаат задачата да продолжат да го полнат светот со музика и со уметност и да пробаат да ја надоместат загубата на нивниот татко.

[better-ads type='banner' banner='999' ]