Сите деца го заслужуваат најдобриот можен почеток во животот

Министерството за труд и социјална политика во партнерство со УНИЦЕФ и со финансиска поддршка од британската влада, денес започнаа со серија обуки на 30 воспитувачи од предучилишно образование кои ќе ја водат програмата за развој на социјални и емоционални вештини на децата од предучилишна возраст кои се клучни за развој на мозокот.

0
139

Наша одговорност како наставници, воспитувачи и родители е да разбереме дека социјалниот и емоционалниот развој во раните години во голема мера им помага на децата да научат како да станат ефективни и зрели возрасни лица, рече Елспет Ериксон, заменик претставник на УНИЦЕФ. Сите деца го заслужуваат најдобриот можен почеток во животот. Истражувањата покажуваат дека децата кои растат во поттикнувачка домашна средина и кои имаат шанса за организирани програми за предучилишно образование кои го поттикнуваат нивниот холистички развој постигнуваат подобри резултати на училиште и имаат подобри перспективи во животот.

Сѐ поголем број научни истражувања истакнуваат дека емоционалниот развој на почетокот на животот е од клучно значење за развојот на целокупната мозочна архитектура и има огромни влијание во текот на целиот живот. Исто така, истражувањата покажуваат дека децата од предучилишна возраст кои имаат силна емоционална основа имаат капацитет подобро да управуваат со секојдневните социјални интеракции.

Потпирајќи се на ваквите научни сознанија оваа двегодишна програма има за цел да обезбеди подеднаква застапеност на содржини за социо-емоционален развој во предучилишните програми како што се застапени содржини за развој на когнитивните вештини и писменоста. На децата им се потребни социо-емоционалните способности подеднакво колку и когнитивните бидејќи тие овозможуваат да бидат фокусирани на активностите, да се мотивирани, да соработуваат со воспитувачот, и да се слагаат со другарчињата во групата. Социјалните и емоционалните способности ја зголемуваат способноста на детето да учи, да работи со другите, да обрнува внимание во училницата и да развива други вештини кои се основа за формално учење и социјална интеракција во училишните години и пошироко.

Програмата беше подготвена врз основа на системско испитување на предучилишното образование кое го спроведе Министерството за труд и социјална политика со поддршка од УНИЦЕФ во текот на 2018 година. Некои од клучните наоди на оваа дијагностичка проценка беа: зајакнување на професионалните компетенции на наставниците и воспитувачите од предучилишно образование; создавање систем за континуиран професионален развој на кадарот; подобрување на соодносот воспитувачдете, и постигнување национален консензус за системот за следење и евалуација на работата во предучилишниот сектор.

Во контекст на емотивниот и социјален развој на децата, УНИЦЕФ исто така дава поддршка за позитивно родителство како суштинска компонента за ран развој на децата. Секое искуство на детето влијае врз развојот на мозокот и го обликува начинот на кој ќе мисли, ќе чувствува, ќе се однесува и ќе учи во текот на целиот живот. За да го насочи вниманието кон потребата да се даде поддршка на родителите во подигањето успешни деца полни со самодоверба и почит, УНИЦЕФ ја поддржа кампањата „И родителството се учи“ и отвори јавна дискусија на теми поврзани со развојот на детето вклучувајќи емотивно приврзување, развој на карактерот, родителски стилови и влијанието на негативните искуства и стресот врз развојот на детето. Овие исти вештини се централни теми и на обуките што започнаа денес.

Серијата обуки за лидери меѓу наставниците и воспитувачите во предучилишното образование ги организира невладината организација и партнер на УНИЦЕФ ЕЦД-Кор а обуките ги води реномиран меѓународен експерт за емоционален и социјален развој на децата др. Ребека Гренџер-Елис.

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]