Се роди со 665 грама, си замина дома со 2.190 

По 67 дена поминати на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство - Скопје, со престој на неонатолошките интензивни одделенија, предвремено роденото женско бебе денеска заминува дома во добра општа состојба и со уреден наод на виталните функции.

0
213

Бебето кое беше родено на 8 октомври, предвремено, во 29-тата гестациска недела, со екстремно мала тежина од само 665 грама, со должина од 30 сантиметри, денеска го испишале од болница со 2.190 грама телесна тежина. Трудницата која е прворотка била хоспитализирана три дена пред раѓањето на бебето – на 5 октомври и во тој период била подложена на предродилен мониторинг и третман. Бременоста ѝ била оптоварена со повеќе ризици, вклучувајќи го слабиот раст и развој на фетусот, односно на плодот во утробата на мајката.

Нашата најмала хероина во 2021 година денеска првпат ќе влезе во својот дом во велешкото село Јаболчиште, по 2 месеци и една недела поминати на неонатолошките интензивни одделенија на ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје. Тимот лекари и медицински сестри секојдневно ја следеле нејзината здравствена состојба и заедно со новороденото ги добиле сите предизвици кои се испречувале пред нив.

Во периодот на престој на одделенијата на ГАК, новороденото имало комплексен третман, а поради проблеми со дишењето било и на механичка вентилација.

Бебето е родено како високоризичен пациент, но беше мошне борбено и за цело време имаше добар одговор на комплексните третмани кои му се даваа на неонатолошките интензивни оделенија на Клиниката. На бебето му се направени сите скрининзи кои се пропишани во Националната програма на Министерството за здравство и денеска персоналот на ГАК го испраќа од клиниката со прецизни поуки за контрола и за следење на растот и на развојот.

За среќа, во рамки на екстремната незрелост, намалената отпорност и малата родилна тежина и целокупниот третман, новороденото се испишува во добра општа состојба, со пораст на телесната маса, стабилно и витално.

Медицинскиот персонал заедно со министерот за здравство д-р Венко Филипче кој денеска го посети бебето Бехра, го испратија доенчето дома кај нејзините родители со желби за здраво и среќно детство“, се вели во соопштението од ГАК.

Оттаму додаваат дека во изминатите 4 години години постигнале значајни резултати.

Ние сме единствена земја во светот која има значајно намалување во вкупната смртност на родените бебиња. Процентот на преживување на предвремено родени бебиња значајно се зголеми, односно смртноста од 2016 година кога беше 25% сега е 8,9%. Сето ова е како резултат на севкупното внимание, инвестиција што ги правиме со што го подобруваме третман на родилките и бебињата, како на оние коишто се раѓаат во термин така и на предвреме родените“, пишува во соопштението.

[better-ads type='banner' banner='999' ]