Се обидувате со месеци, а бебето никако да пристигне?

Постојат многу причини поради кои двојките несвесно го отежнуваат зачнувањето - од премногу секс, до премалку секс. Дознајте кои се вашите грешки и како да се вратите на вистинскиот пат кон вашата цел - бебе!

0
269

Многу двојки, покрај огромната желба да имаат бебе, честопати несвесно прават непотребни грешки кои можат да влијаат на тоа кога ќе се реализираат во улога на родители, дури и ако е сè во совршен ред со нивното репродуктивно здравје.

Еве кои се најчестите грешки што го отежнуваат зачнувањето.

Немате доволно секс

Првото нешто што можете да го поправите и кое е секако најзабавно, е да водите љубов почесто. Можеби мислите дека ако не практикувате секс постојано, можете да „заштедите“ повеќе од спермата на вашиот партнер или да ги чекате деновите на овулација, но грешите.
„Лесно е да се пропушти плодниот период ако сексот е ограничен на деновите кога имате овулација, бидејќи многу жени веруваат дека плодните денови им се тогаш кога не се“, вели Семјуел Вуд, медицински директор во Центарот за репродуктивна наука во Сан Диего. Затоа, само напред – имајте секс онолку често колку што сакате, обрнувајќи посебно внимание на периодот од неколку дена пред овулацијата.

Имате премногу секс

Некои двојки сметаат дека имаат совршен концепт: колку почесто имаат секс, толку полесно и побрзо ќе забременат. Но, повеќе не е секогаш и подобро. Иако сексот генерално не го намалува потенцијалот на спермата, како што веруваат многумина, премногу секс може да предизвика проблеми, вели д-р Вуд. „Практикувањето на секс неколку пати на ден, па дури и секој ден, може да предизвика„ исцрпеност “и може да се случи двојката да започне да го доживува сексот повеќе како обврска“, објаснува тој. Исто така, кога плодните денови се во полн ек, еден од партнерите може да биде незаинтересиран или само да е заситен со секс, што доведува до можна пропуштена шанса.

Практикувате секогаш исти пози

Веројатно сте слушнале дека мисионерската поза е најдобра и дека треба да ги држите стапалата во воздухот после сексуалниот однос, но тоа не е точно. Без разлика дали сте горе вие или вашиот партнер, или ја испробувате лудата поза за која сте читале во некое списание, резултатот е ист. „Кога мажот ејакулира, спермата оди директно во цервикалната слуз и јајцеводите“, вели Серена Чен, директор на Институтот за репродуктивна медицина и наука во Пенсилванија. “Тоа се случува за неколку секунди, без оглед на положбата за време на сексуалниот однос”, додава д-р Чен. Па наместо да се држите до истата поза, опуштете се и забавувајте се со нешто ново.

Претпоставувате дека проблемот е во жената

Кога една двојка има многу потешкотии да добие бебе, обично причината секогаш се бара кај жената. „Мажите генерално не сакаат да веруваат дека нешто не е во ред со нив“, вели Мешел Сибел, професорка по акушерство и гинекологија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Масачусетс. „Доволно е спермата да излезе и тие ќе претпостават дека се плодни“, додава таа. Но, се разбира дека не е така. „Од првиот ден, двојката мора да размислува дека проблемот е во неа, во него или дури и во двајцата, а можеби, се разбира, станува збор за нешто друго“, вели д-р Чен. Затоа е најдобро и двајцата партнери да ги отстранат овие сомнежи на почетокот, за да бидат сигурни.

Ја пропуштате овулацијата

Сомневањето во тоа кога се точно плодните денови може да биде незгодно. „Многу жени го следат примерот од учебник, верувајќи дека овулацијата се јавува 14 дена по првиот ден од менструалниот циклус, но нејзината должина варира, такашто овулацијата не се јавува во исто време секој месец“, објаснува д-р Сибел. Исто така, многу жени сметаат дека некои симптоми укажуваат на почеток на овулацијата. „Ако добро го познавате вашето тело, може да забележите дека вагиналната секреција се зголемува неколку дена пред плодните денови“, вели Ивон Бон, авторка на „Водич за бременост и породување“. Сепак, многу жени не ги забележуваат овие знаци, а некои погрешно ги толкуваат. Значи, наместо да погодувате, д-р Сибел предлага да се користат тестови за овулација кои со сигурност ќе утврдат кога се вашите плодни денови.

Имате секс точно на денот на овулацијата

Ако сте купиле тест за овулација или ја проверувате базалната температура или користите календар за да утврдите кога се плодни денови, веројатно мислите дека треба да имате интимен однос токму на денот кога започнува овулацијата, сепак, тоа може да биде предоцна. По овулацијата, јајцето има 12 до 24 часа да се оплоди со сперма. Ако не претпоставивте точно кога ви се плодните денови, ќе мора да почекате следниот месец за да се обидете повторно, бидејќи спермата може да преживее во вас три до пет дена. Затоа, најдобро е да имате секс неколку дена пред овулацијата, бидејќи тоа ќе ги зголеми шансите да останете бремени.

Користите лубриканти

Размислете внимателно следниот пат кога ќе сакате да користите лубриканти, бидејќи тие можат негативно да влијаат на подвижноста на спермата, што го отежнува достигнувањето до јајцето. Доколку треба да ги користите, испробајте природни лубриканти како маслиново масло, растително масло, бебешко масло …

Веднаш барате стручна помош

После два или три месеци залудно обидување, лесно е да се фрустрирате. Сепак, тоа не значи дека треба веднаш да побрзате кај експерт за да утврдите што не е во ред.

„Дури и под идеални услови, совршено плодните двојки можат да чекаат неколку месеци за да забремени жената“, вели д-р Вуд. Ако сте под 35 години, имате редовни менструални циклуси, без никакви здравствени проблеми што можат да влијаат на плодноста, д-р Вуд советува да бидете трпеливи до една година.

Не барате стручна помош на време

Во некои случаи, подобро е веднаш да се знае дали воопшто можете да имате деца. „Ако имате 35 години или повеќе, треба да посетите специјалист малку порано. Нема потреба да чекате до една година по неуспешниот обид, 6 месеци ќе бидат доволни. Истото важи и ако сте помлади и имате нередовни циклуси или историја на сексуално преносливи болести, вонматерична бременост или некои други здравствени проблеми што можат да влијаат на плодноста.

Го запоставувате општото здравје

Многу често, кога двојките сакаат да имаат бебе, тие се фокусираат исклучиво на нивното репродуктивно здравје, занемарувајќи ги основните работи. Важно е да обрнете внимание на вашето здравје воопшто, бидејќи работите како тежината, пушењето, стресот и земање лекови може да влијаат и на плодноста. Пред да почнете да работите на случајот, би било добра идеја вие и вашиот партнер да направите систематски преглед за на време да му застанете на пат на каков било проблем што може да влијае на плодноста.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]