Се обидуваме да ги извадиме најпозитивните работи од седењето дома

„Универзумот си ги намести работите за да се ресетираме малку, да се симнеме од брзата лента, да се посветиме едни на други, да се изназбориме, да се изнаиграме, да си поминеме квалитетно време заедно“, вели Ели Пешева, директорка за комуникации во компанијата „Њу Момент“ и сопственичка на продавницата за слатки „О ла ла“.

0
522

Во овој период на самоизолација, ѕиркаме во домовите на нашите сограѓани, познати, непознати и помалку познати и ги прашуваме како им минуваат деновите ним и на нивните деца.

Директорката за комуникации во компанијата „Њу Момент“ и сопственичка на продавницата за слатки „О ла ла“, Ели Пешева, за актуелната состојба поради која сите ние, па и таа и нејзиното семејство, сопругот Сашо и ќерките Ена  и Лана сме принудени да седиме дома, вели: „ако над главата не ни висеше корона – паниката и масовната хистерија од целиот свет за економската рецесија, ќе можевме да кажеме дека карантинот дури и добро ни дојде.

„Универзумот си ги намести работите за да се ресетираме малку, да се симнеме од брзата лента, да се посветиме едни на други, да се изназбориме, да се изнаиграме, да си поминеме квалитетно време заедно.

 

Дома сме трета недела, откако училиштето на девојките престана со работа на 10 март, и освен неколку куси излегувања за набавка на домашните намирници и грижа за мајка ми, која е во границата на повозрасните граѓани со лимитирани часови за движење, воопшто и немаме излезено од дома. Нашата компанија веднаш се префрли на работа од дома, имаме среќа што сме во индустрија во која е тоа лесно возможно. Во работните денови, иако со побавно темпо, речиси ги имаме стандардните активности, јас и сопругот со работните обрски, а девојките од 8 сабајле имаат одлично организирано онлајн училиште, и обврски кои понекогаш им завршуваат во попладневните часови. Иако во домашна атмосфера сѐ е порелаксирано, работниот ден ни е полн, имаме паузи за кафе/чај, ритуал е подготовката на овошно смуди, понекогаш работиме на домашните, ги користиме скајп/вајбер и другите технички опции за контакт со остатокот од семејството, со пријателите, колегите и клиентите. Некако природно ни се поделија и домашните работи, бидејќи сите четворица сами се грижиме за домот, готвиме, чистиме, средуваме. Попладне вежбаме јога, јас имам свои 20 минути дневна медитација, играме друштвени игри, читаме, правиме домашно кино, ги средуваме сите библиотеки, ги организиравме заостанатите фотографии во албуми, играме тик ток, правиме музички плеј-листи на некоја тема, на пример, 90-тите и шизиме“, објаснува Ели.

Со оглед на тоа што во моментов не работат студијата за убавина, а тие дома се препуштени сами на себе, си организираат сеанси за убавина, си ги средуваат ноктите и косите, а двете тинејџерки си ги вежбаат и шминкерските способности на себе, но најчесто – на мајка им. Со дотерување, не се оптоваруваат.

„Претпоставувам сѐ уште не сме стигнале во тој сегмент на карантинот да чувствуваме потреба од убавите фустани и високите потпетици, но се држиме до правилото дека барем секој втор ден треба да се излезе од пижами и да се влезе во вистински панталони или хеланки.

Имаме среќа што живееме во мирна населба, и имаме свој двор, кој е нашето бегство од реалноста, па го третираме како најголемо богатство. Како да сме некаде на одмор, само што не сме. Го шетнуваме кучето во нашата уличка и потоа му даваме слобода за неограничено играње во дворот. Кога времето беше сончево, игравме и по некоја партија бадмингтон или мини фудбалче“, вели таа.

Секако, разговараат и за карантинот, за причините за изолација и, како што вели Ели, и на децата им е јасно дека светот ќе биде застанат на неколку месеци и тоа е тоа.

„Веројатно им е многу полесно за нивната тинејџерска возраст сознанието дека и нивните другари се во истата ситуација, па немаат чувство дека испуштаат нешто многу важно. Се погоди и роденденот на помалата ќерка да биде во карантин, извадивме максимум од можностите, сами правевме роденденска торта со тоа што во моментот го имавме дома, таа го организираше роденденскиот ручек и ја одбра семејната игра. Нејзината најдобра другарка живее веднаш до нас, и првиот подарок и честитки ги доби преку железната ограда која ги двои нашите дворови. Врнеше, а двете девојчиња застанати од различни страни на оградата, со батериски лампи, раце полни подароци направени и спакувани дома, си кажуваа колку се сакаат. Веројатно, карантинот ќе го покаже и најдоброто од сите нас.

Се трудиме телевизорот да го пуштаме во попладневните часови (кога е најчесто прес-конференцијата на министерот за здравство), но не и да се труеме цел ден со информации од цел свет и да го подигнуваме нивото на стрес на целото семејство. Понекогаш фаќаат делови од нашите деловни комуникации, па сакаат да знаат дали „ќе можеме да издржиме“.

Колку и да непријатна причината за седењето дома, се обидуваме да ги извадиме најпозитивните работи. Нормално е понекогаш да се разлетаат и повисоки децибели, но сите си попуштаме меѓусебно со констатацијата дека оваа ситуација веројатно ќе потрае, затоа најдобро за сите е да воспоставиме мир“, раскажува Пешева.

[better-ads type='banner' banner='999' ]