Секое дете е приказна за себе

Некои деца се родени лидери, некои се волци-самотници. Секое дете има свој карактер, а родителството не е еднообразна пракса. Дајте им ги на вашите деца потребните насоки, засновани врз нивните карактерни црти

0
82

Еден од начините како да се реши овој проблем е да го откриете карактерот на вашето дете и да пронајдете позитивни воспитни методи кои можете да ги примените. За подобро да препознаете што му одговара на вашето дете, ви пренесуваме воспитни методи за различни карактери на деца.

Храбро дете

Ваквите деца се независни, одговорни и се родени лидери. Училишните и домашните обврски често ги извршуваат без на тоа да бидат потсетени и се трудат да бидат продуктивни. Но, понекогаш знаат да имаат барања и потреба за контролирање на околностите. Наместо со нив да дојдете до судир поради таквото однесување, ќе ги „омекнете“ ако ги поттикнувате на активности кои ја доведуваат во рамнотежа потребата да водат и да развиваат понизност. Еден од начините е вклученост во спортски активности кои развиваат социјални вештини, пријателско натпреварување, дисциплина и вештина за промислено донесување одлуки. Преку спортот ќе сфатат дека доминацијата не е најважна, туку комуникацијата со врсниците, како и дека пристојноста и уважувањето на другите се темел на квалитетните односи.

Енергично дете

Децата со ваква личност никогаш не се заморуваат, а кога не прават ништо, се жалат дека им е здодевно. Со ваквите деца потребно е многу трпение и разбирање бидејќи често прават недозволиви работи и се доведуваат во непријатни ситуации. Веднаш да разјасниме, не мора секое енергично дете да има нарушување на вниманието. И постојат различни начини како со позитивен пристап да ги мотивирате активните деца. Еден од начините е да им овозможите доволно време за слободна игра, под услов да ги научите како да играат на мирен начин. Можете да преговарате со детето – да може да игра еден час подолго ако не создава непотребна врева или штета. Исто така, скокањето, врескањето и другите активности дозволете ги под услов да се случуваат надвор, каде што детето не може ништо да скрши, ниту да се повреди себеси или другите. Друг пристап е детето да го вклучите во музика. Според последните истражувања, музиката го смирува мозокот кај младите деца и им овозможува подобра когнитивна функција.

Друштвено дете

Ова се деца кои се пријателски расположени, екстроверти и со многу весела природа. Времето сакаат да го поминуваат со своите врсници. Уживаат во тимските спортови, но и во активности во кои учествуваат заедно со пријателите. Брзо се приспособуваат на новите околности. Единствено нешто на што мора да внимавате со ваквите деца: не дозволувајте им да влезат во лошо друштво. Вашата најважна должност е да знаете со кого се дружи вашето дете, па затоа обидете се односот со него да го одржувате што потранспарентен и поквалитетен. Ако и дојдете во ситуација да не сте задоволни од неговото друштво, прво занимавајте се со однесувањето на своето дете, а изоставете го критикувањето на неговите пријатели. Со такво дете е важно да се одржува искрен однос. Кога ќе успеете во тоа детето да ви верува и искрено да се изјаснува за своите ставови, можете да почнете да се сметате за благословени што имате дете кое одлично се снаоѓа во кое било друштвено опкружување.

Сериозно дете

Ова се деца интроверти, мудри и со многу логично размислување. Сѐ анализираат пред да дојдат до некој заклучок. Повеќе сакаат да го поминуваат времето со книга отколку на некоја детска забава. Колку и да ви е драго што детето ви е сериозно, мора да знаете дека таквите деца често се мачат со перфекционизам. Едноставно, сѐ сакаат да направат совршено инаку се многу фрустрирани. Наместо да ги поддржувате во перфекционизмот, насочете ги на одличност која не бара совршенство, туку ги насочува кон совладување животни неуспеси кои се нормални. Не ставајте пред нив преголеми очекувања бидејќи ќе се обидат да ги исполнат, а притоа можеби тоа не го сакаат, туку го прават поради вашите очекувања.

Чувствително дете

Ова се деца склони на различни емотивни реакции и може да плачат со часови, а може да ги онерасположи и најмала ситница. Но, ова се деца кои се мотивирани со емпатија и разбирање. Колку и да ви се чини понекогаш дека вашето дете е комплицирано, не заборавајте, никогаш не треба да ги занемарувате неговите чувства. Една од најчестите грешки на родителите во воспитувањето е реченицата: „Ајде, престани да плачеш!“ Колку повеќе ги игнорирате чувствата на детето, толку повеќе ќе се бори со тоа да ги потисне или да се приспособи на околината, што може да предизвика анксиозност. На чувствителните деца овозможете им време во кое ќе можат да ги изразат своите чувства без срам и чувство на вина. Обидете се да ги пренасочувате кон смирувачки активности, како што се цртање, редење коцки, боење, пишување. Ако ги дисциплинирате, тоа нека биде нежно, објаснувајќи им притоа зошто го правите тоа.

Текстот е од ТУКА.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]