Сара се грижи за домот, Димитар за дворот, а како родители имаат неколку правила

Лимитирано гледање ‘вртани’, јадење благо и слични, се правилата до кои заеднички се придржуваат Сара Мејс и нејзиниот сопруг Димитар Атанасовски кога станува збор за воспитувањето на нивната ќеркичка Илина. Со оглед на тоа што летово имаме доста врнежливи денови, многу често од радиото кое е речиси постојано вклучено на некоја фреквенција, а најчесто на онаа на Македонското радио, ја слушав Сара како пее: ‘Врне, врне, врне, врне...’ И ја побарав...

0
1062

Иако со Сара одамна се договараме за интервју, некако досега не се погоди моментот. Имено, пред точно една година, мојот предлог да направиме интервју, на крајот се претвори (се разбира, самата се обидов да помогнам), во барање дадилка за нејзината ќеркичка Илина, што признавам, одеше тешко. Неверојатно, нели? Покрај толку многу млади и невработени, си велев, ајде што не може човек да најде помош за грижа за својата стара мајка која боледува од Алцхајмер (во тој период јас барав  некој кој ќе ми помага во грижата за мајка ми), ама да не може да се најде некој што ќе чува мало и слатко детенце, навистина е чудно.

Како и да е, интервјуто тогаш не го направивме.

Со оглед на тоа што летово имавме доста врнежливи денови, многу често од радиото кое е речиси постојано вклучено на некоја фреквенција, а најчесто на онаа на Македонското радио, ја слушав Сара: ‘Врне, врне, врне, врне…’ И ја побарав…

Се погоди ова да е токму еден ден по тригодишнината од нејзиниот брак со Димитар Атанасовски, па разбирливо, така и го почнавме разговорот со нашата музичка ѕвезда. Ја прашав за кусо резиме, како ѝ поминаа овие три години, дали имале и тешки моменти или биле само убавини.

„Ја славиме љубовта и животот секој ден со разбирање, поддршка и многу хумор. Имало тешки моменти, се разбира, како и во сѐ друго во животот, но со повеќе разбирање, се надминува сѐ“, вели Сара.

Од настапот на „Skopje Unplugged“

Иако периодов со коронавирусот, за настапи нема многу можности, Сара е активна. По настапот во винаријата Камник, во рамките на најновото издание на фестивалот „Skopje Unplugged“, Сара настапи и како дел од оркестарот на Македонската опера и балет на сцената на Долен Сарај во рамките на фестивалот Охридско лето.

„Skopje Unplugged беше едно прекрасно искуство… прекрасно место, магична атмосфера, зајдисонце, помал број на публика, но онаа вистинската публика, што навистина ти ја сака музиката и вистински ѝ се препушта и ужива. За мене беше многу посебно и поради фактот што првпат настапував со мојата харфа и мојот бенд. Тоа е тоа што сакам да го правам и во иднина. Тој е концептот за кој секогаш мечтаев“, вели таа.

Инаку, и таа и сопругот вели дека кога станува збор за вирусот с внимателни и дисциплинирани, а Илина пак, која наскоро ќе полни две години, е премногу малечка за да разбере што се случува.

А кога станува збор за Илина и за мајчинството, и фактот дека Сара воопшто не застана со својата кариера и професионалните ангажмани отако стана мајка, па после албумот „Floating Through Spase With Sarah Mace“, беше дел од проектот на Принц – „Femme Fatale“, со кој имаа концерт во Епицентар уште пред пандемијата, како и низа закажани концерти низ Македонија за оваа година, кои со оглед на памдемијата се времено одложени.

„Што се однесува до мојата инспирација и креативност, односно авторство после биднувањето мајка, „Бакар боја“ беше првата песна (која е напишана за Илина), потоа преработката на „Зборувај ми за Скопје“ на Нина Спирова како соработка со Kaly (“Kaly Music Challenge) и последната песна посветена на пандемијата –  „Наше време“ (сите тие ‘пост мадерхуд’ песни повторно во таа моја нова насока – харфа, бас, тапани, вокали).

Инаку, сѐ може да ме инспирира, зависи….времето во кое живееме, Илина, Димитар, социјално битови теми и слично….а сега, откако станав мајка е уште подобро. Со нови сили, кон нови победи. Креативното срце што чука во мене само се развива, не застанува“, се смее Сара.

Илина која наскоро ќе полни две години, вели Сара, е прекрасно дете, а како што расте, е сѐ поинтересна.

Сара ја доела до 11 месеци и смета дека е тоа сосема доволно, наспроти оној тренд децата да се дојат до 2-3 години, но онака, со широкогради ставови, таа нагласува: „Според мене, доење до година дена е сосема доволно, но почитувам секој да си одлучи сам што е најдобро за себе и за своето дете“.

Летниот одмор на Сара, Димитар и Илина тече во духот ‘Истражи ја Македонија’.

„Бевме во Леуново и си поминавме прекрасно, а ќе одиме и во Охрид. Со дете е дефинитивно поразлично од одморите претходно (без дете). Секое си има свои убавини, особено со добра организација“, одговара Сара на нашето прашање колку се поразлични одморите кога си родител.

А како родители таа и Димитар имаат и некои правила до кои заеднички се придржуваат. На пример, лимитирано гледање ‘вртани’, јадење благо и слични. За другото, вели таа, кога еден кара, другиот поддржува и обратно.

Домашните обврски во нивниот дом се рамноправно распределени, Сара се занимава со куќата, а Димитар со дворот.

„Се разбира, правиме отстапки согласно со потребите. Илина веќе спие ноќе, а кога стануваше почесто, дежурав јас“, се смее Сара.

А дека Илина е веќе ‘големо’ девојче, зборува и тоа што неодамна, за сефте го поминала викендот со родителите на Димитар во Бојанчиште.

„Си поминаа преубаво. Инаку, од пред некој месец почнавме со таа практика, чат-пат да преспива кај нив“, признава Сара.

Кога се дома, Сара и Илина свират заедно, секоја на својот инструмент, Сара на својаа харфа, а Илина на малата (келтската).

За понатаму, иако е индивидуално кое дете кога е подготвено да почне да свири на инструмент, Сара смета дека е најдобро после третата година.

Од првиот роденден на Илина

„Би ја оставила да истражува сама и да пројави некаква желба пред сѐ, а потоа би ја насочила…. Индивидуално е кое дете кога е подготвено да почне (во зависност од концентрацијата) и зависи од инструментот….од 3 па натаму“, тврди Сара.

Со оглед на тоа што Сара има брат кој, како што вели, го сака највеќе на светот и е едно од најважните суштества во нејзиниот Универзум, смета дека е убаво да се расте со брат или сестра.

„Искрено, во моментов уживаме со Илина и сакаме да ѝ се посветиме максимално, па не размислуваме на оваа тема, но дефинитивно, убаво е да се расте со брат или сестра“, вели Сара која за иднината има само убави мисли, да продолжи да твори и да настапува во оваа насока (харфа, бас, тапани, виолина) и сите да бидат здрави, живи, весели и секако, заедно.

[better-ads type='banner' banner='999' ]