Сара Кочан: На децата со посебни потреби не им треба посебен третман

Златниот медал што го освоија танчерите со Даунов синдром на Светското првенство за хип-хоп танци во Полска, ги доведе во центарот на вниманието на јавноста седумината величенствени и нивните инструктори. Со Сара, која со сопругот Нермин го основала танцовото студио кое стои зад светските прваци зборувавме во просториите на „Dancers United MK“. Зборувавме за ангажманот на Оливер во „Јавна соба“, за радио-емисијата на Цако, за љубовта на Христијан, но ја слушнавме и романтичната приказна на Сара и Нермин

0
1286

Повод за разговорот со Сара Кочан, поубавата половина од двојката „одговорна“ за постоењето на „Dancers United MK“, најголемото танцово студио кај нас кое го основале со нејзиниот сопруг Нермин во 2013. година, беше златниот медал што го освоија танчерите со Даунов синдром на Светското првенство за хип-хоп танци во Киелце, Полска.

На почетокот од интервјуто со Сара, со нас беа и Оливер Блажевски, Александар Матовски и Христијан Стојанов, како претставници на победничкиот тим кој го освои пехарот во Киелце.

Оливер, Христијан, Цако, Сара и гордите мајки

Останатиот дел од екипата го сочинуваат Ана Беќароска, Моника Бисовска, Ена Митревска и Дарко Ефтимовски и нивниот кореограф и тренер Виолета Балшевска. Со нашите соговорници, Оливер (38), кој е и најстар во тимот и двајцата колеги, и во екипата, и како студенти на Педагошкиот факултет, Александар, познат како Цако (27) и Христијан (22), зборувавме за нивниот успех и за тоа како се чувствувале во моментот додека ги прогласувале за шампиони, но и за нивните останати ангажмани, желби и  преокупации.

Па така, додека Оливер со страст ни раскажуваше за својот неделен ангажман во „Јавна соба“ кадешто, велат останатите, вклучувајќи ја и Сара, го прави најубавото кафе, Цако си правеше план за својата радио-емисија „Јас сум Цако“ која се емитува секоја последна среда во месецот на Радио МОФ, а Христијан не ја симнуваше насмевката од лицето. Подоцна ни раскажа и на што се должи истата. Имено, патем, накај просториите на танцовото студио „Dancers United MK“, ја сретнал, како што вели, својата идна сопруга, девојката со која учел во основно и во која е вљубен уште оттогаш.

„Денот ми е сега исполнет“, вели искрено тој додека неговата мајка која го придружуваше на интервјуто заедно со мајката на Оливер, се смешка додека го гледа со мајчинска љубов, горда на него и на тоа што е дел од оваа успешна танчерска приказна.

За односот на мајките пак, со Сара, младата жена која веќе 5 години е дел од животот на овие млади луѓе со Даунов синдром, зборува мајката на Оливер која вели: „Ние како мајки сме секогаш попустливи кон нашите деца, но Сара е таа која бескрајно верува во нив и во нивните можности па знае да не искара и да не седне во ќош, постојано докажувајќи дека е во право и дека навистина не постои нешто што тие не можат да го направат. Често знаеме да бидеме сомничави кога сака да ги испрати на некој натпревар за кој ние мислиме дека не се подготвени, но таа секогаш вели: На децата со посебни потреби, не им треба посебен однос“.

Сара го потврдува ова и низ смеа додава: „Да, да,мајките во ќош, децата на пиедестал. Така треба“.

Мајките во „ќош“

А додека нејзината победничка екипа била на пиедесталот, вели Сара, особено додека се свирела македонската химна, сите биле возбудени до бескрај. Победата ја прославиле сите заедно, со членовите на семејствата на заедничка вечера по враќањето во Скопје.

Приказната на Сара и Нермин

По заедничкото пиење кафе и кусиот разговор, набрзина се поздравуваме со Оливер, Цако и Христијан и го продолжуваме разговорот со Сара. Таа ни ја раскажа приказната за себе и за своето семејство, формирано во исто време со танцовото студио.

Имено, Сара се запознала со својот сопруг Нермин за време на шоуто „Танц со ѕвездите“, пред 6 години, кога Нермин дошол од Сараево во Скопје за да биде дел од ова шоу. Сара играла во ревијалниот дел. Се запознале на некоја танцова забава и се вљубиле.

„Тоа беше љубов на прв поглед. После 5 месеци се веривме, за 7 месеци го отворивме „Денсинг јунајтид“, па се зедовме. Сѐ се случуваше многу брзо, па еве наскоро ќе правиме 5 години од брак, имаме две прекрасни дечиња и уште 200 и кусур кој доаѓаат во нашиот клуб и кои со годините стануваат дел од семејството.

Инаку, интересно е и тоа што мојот свекор е Босанец од Македонија и за време на Олимпијадата отишол во Сараево кадешто ја запознал свекрва ми па останал таму, а сега Нермин, доаѓа назад во Македонија по работа, ме запознава мене, и останува тука“, се смее Сара и додава: „Многу сме среќни, а одлуката да се земеме е најпаметната одлука во мојот живот“.

Сара, Нермин, Емили и Луна

Емили Нера и Луна Дариа

Сара пораснала во Сарај и е дете од мешан брак, нејзината мајка е Македонка, а татко ѝ Албанец, Има сестра и брат кој е женет за Македонка, па иако како дете со мајка си зборувала македонски, а со татко си албански, сега на семејните ручеци се зборува главно македонско-босански, за да бидат во тек, снаата и зетот.

Завршила во „Јахја Кемал“, па одлично го зборува и турскиот јазик. Како помала тренирала гимнастика и карате, а со својата вистинска страст, танцот, почнала да се занимава на 17 години.

Денеска, со своите две деца зборува на босански.

„Одлучив додека не наполнат три години јас и Нермин да им зборуваме на децата на ист јазик. Доволно е тоа што мајка ми и во градинка им зборуваат на македонски, дтатко ми – на албански, а семејството од страна на Нермин на босански. Затоа веќе сега Емили добро ги зборува македонскиот и босанскиот, а ги разбира албанскиот и англискиот.

Треба да ги негуваме сите јазици и затоа сакам моите деца од старт да ги зборуваат сите. Секој јазик е богатство.

Инаку, тие две се сосема различни. Емили Нера (второто име ѝ го даде татко ми, а е всушност името со кое нагалено му се обраќаат на Нермин неговите во Сараево), е вистинска принцеза. И кога ќе ја прашате, самата си кажува дека е принцеза. Секогаш е во фустанче, со фризура, дотерана, слуша латино музика, и е многу нежна, баш вистинска принцеза. Помалата Луна Дариа (второто име го доби по кумата, мојата најдобра другарка) е сосема поинаква. Лази од 4 месеци, а од 8 веќе сама се исправа, си дофаќа тоа што ѝ треба, крупна е, постојано намуртена, обожава хип-хоп и тепа кого стигне па сум изгребана како да имам мачка, а не бебе“, се смее Сара.

Сара готви, Нермин чисти

Сара е вистински доказ дека и после две деца жената може да изгледа фантастично, да биде успешна и реализирана, не само како мајка, туку и професионално, во областа во која е најдобра. Таа вели дека освен генетиката, за нејзиниот изглед е одговорна најверојатно и нејзината активност. А била активна и до последниот месец од двете бремености, а и потоа. Па и сега, иако сѐ уште не танцува, секој ден е ангажирана во студиото и со сите обврски што ги носи тоа со себе. На натпреварот во Полска, биле сите заедно, и јуначки издржале иако патувале со автомобил.

Што се однесува до доењето, Емили ја доела до година ипол, а Луна, иако веќе јаде и цврста храна, сѐ уште ја дои. Ноќе цица на секои два часа, па Сара е хронично ненаспана, иако не делува така. Можеби затоа што е среќна па ништо не ѝ е тешко, а можеби и затоа што до себе го има, како што вели, најпрекрасниот татко на светот.

„Нермин вели дека да имаше уште и гради, немаше да има нешто што не може да го прави. И навистина, кога станува збор за децата, ние сѐ правиме заедно, сите обврски ни се заеднички и на никого ништо не му е тешко. Кога станува збор за останатите домашни обврски, најчесто готвам јас затоа што многу сакам да го правам тоа.

Подготвувам три оброци на ден и се трудам да готвам здрава храна. Секојдневно имаме оброци „на лажица“, а кога правам нешто печено во рерна, тогаш задолжително правам и супа. Употребувам многу зеленчук, а откако свекрва ми ми го откри експрес лонецот, сѐ можам да направам многу брзо. Доаѓам дома, ставам во лонецот да се вари гравче, јас одам да ги успијам децата, се враќам и гравчето е готово. Наутро најчесто правам печени лепчиња со јајца кои сите, па дури и Луна, најмногу ги сакаме. Тоа се истите оние лепчиња кои обично се пржат, но наместо да ги пржам јас откако ќе ги потопам во матени јајца и млеко, ги редам врз хартија за печење во тава и ги ставам во рерна. Готови се за 3-4 минути. Обожавам да готвам и да хранам луѓе, па кога некој доаѓа кај нас дома, тоа никогаш не е само кафе, туку е ручек или вечера. И мајка ми е одлична готвачка па често не собира кај нив дома сите на ручек“, раскажува Сара.

Инаку, таа и нејзиниот сопруг пред раѓањето на децата биле и танцова двојка и имаат освоено трето место на европско првенство во танго и салса, а планираат повторно да танцуваат заедно.

„Сѐ уште сме млади, двајцата имаме по 30 години и нема зошто да не танцуваме. Сепак, танцувањето не ми недостасува бидејќи е тоа дел од нашето секојдневје, во клубот доаѓаме често сите, заедно со децата, а танцуваме и дома. Иако се децата мали, не сметам дека треба да се затворам дома и да се посветам само на чување деца. Моето мото е дека за да бидам успешна мајка, треба да бидам и успешна на сите други полиња. Затоа и дојам кадешто ќе стасам, односно, кадешто ќе посака да цица Луна, а претходно и поголемата ќеркичка, немам предрасуди, или тоа, или треба да седам дома, да не правам ништо друго и да чекам да ми помине тој период на доење и да не се реализирам на ниедно друго поле. Напротив, мене откако ги родив децата почна да ми цвета животот во секој аспект и сум повеќе мотивирана и за работните обврски, и за семејните“, објаснува Сара.

Ние не правевме свадба, ама ги обучуваме другите за првиот свадбен танц

Нивниот клуб има 10 тренери и инструктори, а се играат латино-американски танци, хип-хоп, балет, зумба, аеробик, фитнес, а дел од нивната работа се и свадбените танци.

„Ги подготвуваме за првиот свадбен танц сите оние на кои им претстои свадба, но самите не правевме свадба. Едноставно, не сум од оние девојки кои цел живот сонувале да облечат бел фустан и во принцип, не сакам свадби“, признава Сара.

Во нивното студио од 500 квадрати тие имаат три сали, во најголемата имаат  фитнес, зумба, аеробик, пилатес, додека во другите две се танцува латино, хип-хоп или балет за различни возрасти. Затоа кај нив има можност додека децата танцуваат балет или, евентуално, хип-хоп или латино, мајките во другата сала да вежбаат аеробик. Ѕидовите се исшкртани со детски цртежи, пораки и имиња, а истото им го дозволуваат и на своите деца дома. Веројатно затоа и сите се чувствуваат толку пријатно.

Инаку, групата на пара-танцувачи, таа и нејзиниот сопруг ја формирале уште на самиот старт, со надеж дека ќе направат клуб со реноме на модерен танцов клуб, отворен и пристапен за сите, без никакви предрасуди и со многу можности.

„Јас и Нермин сакавме да формираме некоја група која ќе биде општествено одговорна група и идејата беше да ги вклучиме сите, па уште од почеток токму така функционираме – сите се добредојдени. На почеток не знаевме точно што ќе направиме, но откако случајно се сретнав со семејството на Цако со кого се познаваме од деца, решивме тоа да биде група на деца со Даунов синдром. Направивме состанок со повеќе родители на деца со Даун и така почнавме со часовите. После 5 години, еве сме тука, како светски шампиони“, вели Сара со гордост.

Иако, просториите на нивниот клуб се и онака преполни со медали, пехари и признанија, последнава победа е дефинитивно, нејзината најголема гордост.

[better-ads type='banner' banner='999' ]