Сакај, направи дете, раздели се, владеј, мрази…

Каде завршува љубовта, а почнува омразата? Дали е нормално двајца да се засакаат, да направат дете и потоа да го употребуваат како оружје за да се повредуваат одново и одново ...колку повеќе толку подобро.

0
888

Пред една година во соседна Србија, едноподруго се случија два страотни злостори. Двајца мажи, едниот пред Центарот за социјална работа во населбата Тошин бунар во Белград со камен ја убил својата поранешна сопруга и мајка на три деца со кои тој требало да има видување во просториите на Центарот, а другиот, во Центарот за социјална работа во Раковица, ги убил и својот петгодишен син и сопругата со која водел бракоразводна постапка.

Ова се навистина екстремни случаи и веројатно станува збор за луѓе кои веќе имале криминално минато, но ќе признаете, за да си ја убиеш мајката на своите деца, во првиот случај, или уште поневеројатно и постраотно, да си го убиеш и сопственото дете, е состојба која би требало да ја анализираат психијатрите.

Меѓутоа, токму ставот на еден српски психотерапевт (Зоран Миливојевиќ) за последниов случај, ја подели јавноста во соседството.

Во својата колумна тој го нарече случајот на убиството на детето и неговата мајка пред Центарот за социјална работа „Медејина одмазда“. Според него, секоја современа трагична приказна, вклучувајќи ја и онаа во која таткото го фрла пред мајката задавеното дете, а потоа ја усмртува и неа со нож, има своја историја и свој контекст.

„Ако мајката не ја игнорирала одлуката на судот и не го спречувала таткото да го гледа детето, можеби оваа трагедија немаше да се случи“, напишал Миливојевиќ.

Покрај овие крвави трагедии после разводите кои го привлекуваат вниманието на јавноста, постојат и стотици и стотици други во кои, за среќа, нема мртви, но во кои сите страдаат, а најмногу децата. Тоа се драмите на распаднатите семејства,  во кои едниот родител емотивно го оттуѓува детето од другиот, во кои покрај правни, се водат и вистински психолошки војни и во кои и двете страни се трудат да го изманипулираат системот.

Случајот Митови

Кога станува збор за разводи во кои има и деца, пред родителите е најтешката задача, да се договорат околу старателството, а доколку сами не можат да го направат тоа, тогаш последниот збор го има судот. Праксата, барем кај нас, покажува дека најчесто родителите не успеваат да се договорат сами, па во тој случај се ангажираат адвокати. Токму затоа на оваа тема зборувавме со адвокатите Наташа Најденова-Левиќ, со Игор Стошиќ и со Александар Димиќ, помлад партнер во Адвокатското друштво „Поленак“.

Прашањето за уредување на видувањата меѓу малолетното дете и родителот со кого не живее детето се поставува во случаите кога родителите се во брак, но живеат одвоено, или кога бракот е разведен, или кога е детето родено надвор од брак, а родителите не живеат заедно и слични ситуации, а родителите не можат да се договорат околу одржувањето на личните односи и непосредни контакти со детето. Во таков случај решение за определување на динамиката за остварување на личните односи и непосредни контакти донесува надлежниот центар за социјални работи.

Случаите од адвокатската пракса покажуваат дека има проблеми во реализирањето на ова право, и тоа, во брзината на постапувањето на надлежниот центар за социјални работи и регулирањето на видувањата, како и во динамиката, односно зачестеноста на контактите помеѓу детето и родителот со кого не живее детето. Доказ дека постои потреба од јасно дефинирање на надлежностите на сите органи и институции што работат на оваа проблематика, особено од аспект на извршувањето на решенијата на центрите за социјална работа и слично е, секако, и пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во случајот „Митови против Република Македонија“ од 16 април 2015 година. Жалителите (тројца членови на семејството Митови) се жалат до Европскиот суд за човекови права дека биле лишени од правото да контактираат со М.М (ќерка на првиот жалител), и покрај решенијата донесени од страна на Центарот за социјални работи.

Адвокат на семејството Митови пред европскиот суд за човекови права е токму еден од нашите соговорници, адвокатката Наташа Најденова-Левиќ.

Европскиот суд во својата пресуда во предметот на Митови посветува големо внимание на образложување на заклучокот дека властите не презеле никакви мерки во создавањето на потребните услови за извршување на решенијата за видување, донесени од центрите за социјална работа.

На мајките- старателство, на татковците рестриктивни видувања

Во праксата на адвокатот Игор Стошиќ, досега, најголемиот број случаи од бракоразводната област кои ги водел се завршиле со спогодбени предлози за развод.

„Во помалиот број на случаи каде предметите ги имам водено по тужба за развод, најчесто тужители (поднесувач на тужба за развод) биле тогашните сопруги односно мајките на децата. Во сите случаи старателството на децата беше доделувано на мајката“, вели Стошиќ.

Според неговата колешка, адвокатката Најденова- Левиќ, во случај на развод на бракот, пред родителите се поставуват најмалку две прашања. Првото се однесува на тоа, на кого од родителите ќе му биде доделено детето на чување, воспитување и делумно издржување и второто, на кој начин ќе се остваруваат родителските права од страна на другиот родител, односно родителот со кого детето не живее. И во двата случаи самите сопружници можат да се договорат и да дадат предлог до судот и до центрите за социјална работа, но почесто, поради конфликтите при разводот, оставаат тоа да го одлучат институциите.

„Во својата адвокатска пракса која трае повеќе од 20 години, сум имала поголем број случаи на развод. Само во последната година дена сум била ангажирана или консултирана во повеќе од 15 случаи. Поради природата на нашата адвокатска работа, и принципот да не ангажираат по „препорака“, во последниот период повеќе сум ангажирана од страна на татковците, и тоа веќе во фаза по разводот на бракот, кога настанале проблеми во однос со остварувањето на контактите со нивните деца. Во сите овие случаи децата биле доделени на чување и воспитување на нивните мајки“, објаснува Најденова-Левиќ.

И адвокатот Александар Димиќ, има слично искуство во својата пракса и вели дека во досегашната пракса кога постапувале по повеќе семејно-правни предмети, а биле ангажирани како од страна на мајките така и од страна на татковците, во поголемиот број случаи старателството врз децата им се доделувало на мајките.

Со оглед на тоа што во повеќето случаи кај нас децата им се доделуваат на мајките, а на татковците им се одредува колку пати во месецот можат да ги гледаат своите деца, според Стошиќ, во сите случаи кадешто не постоела спогодба помеѓу двајцата родители и начинот на гледање и остварување контакти на родителот кому не му било доделено старателство, бил уредуван од страна на центрите за социјални работи, родителот, а тоа е најчесто таткото, никогаш не бил задоволен од времето кое му било определено да го поминува со своето дете.

И клиенти на адвокатката Наташа Најденова- Левиќ се најчесто татковците на кои не им се доверени децата на чување и воспитување, а тие не можат да остварат редовна комуникација со своите деца.

„Според моето искуство, на повеќето родители, во случајот татковци, генерално, не им пречи ако детето е доверено на мајката, доколку самите остваруваат доволно време, во квантитет и квалитет со своите деца, за да можат да ги носат на воншколски активности, спорт, курсеви за јазици, да слават заеднички родендени, да одат на одмор, итн. Проблемот настанува кога определените термини за видување се многу рестриктивни, на пример, 4 часа во неделата, секој вторник и четврток од 16 до 18 часот (иако тоа време може да биде и нешто подолго или пак пократко) и сега може да се замисли како ова кратко време е оптоварување за родителот, но и за детето, за да го организира на најоптимален начин. Што попрво родителот да направи, да разговара со детето како го поминува времето или како му оди на училиште, или да го однесе на некоја претстава, на пливање или друга активност и слично. Значи, на ова прашање треба да му се посвети многу посериозно вниманите, и времето што детето го остварува со родителот да биде квалитетно, инспиративно, а не исполнето со стрес, брзање и нервоза. Посебен проблем претставува извршувањето на решенијата донесени од страна на центрите за социјална работа во однос на остварувањето на видувањата на детето со родителот со кого не живее, во ситуации кога другиот родител тоа намерно го попречува. Имаме пресуда донесена од страна на Европскиот суд за човекови права, во случајот Митови, во која беше констатирано непостоењето на ефикасен правен механизам за извршувањето на овие решенија“, вели адвокатката.

И според Димиќ, често во случаите во кои постапувале, а кои не се решени со спогодба помеѓу родителите, родителот кому не му е доверено чувањето и воспитување на детето, бара поинтензивна динамика на остварување на лични контакти со детето и има забелешки на заштитата која ја пружаат надлежните органи во случај кога другиот родител го попречува правото на личен контакт на детето со родителот со кој детето не живее.

Алиментации

Во однос на прашањето за алиментациите кај нас, односно, паричната надокнада која е должен да ја плаќа родителот кој не живее со детето, Стошиќ вели дека висината на издршката секогаш зависи од вкупните примања на лицето-родител кое било задолжувано со истата. Така во случај лицето да не е вработено и нема никакви други приходи било задолжувано со издршка во иснос од 1.000 денари. Во другите случаи судот се има водено од возраста на детето при што издршката се има движено од 10 до 30 отсто од вкупните примња на родителот кој бил задолжуван со истата. Во одредени случаи издршката била определувана во фиксен паричен иснос и тоа најчесто околу 4.000 до 7.000 денари.

Адвокатката Најденова- Левиќ вели дека издршката кај нас, обично се определува во проценти или во номинален износ, зависно од диспозицијата на странките и од висината на примањата. Во проценти, тоа се движи од 20 до 30 отсто за едно дете, до 50 отсто за две или повеќе деца. Процентот може да биде и повисок, ако давателот на издршката се согласи со тоа. Исто така и номиналниот износ може да варира зависно од висината на приходите. Во некои случаи бил определуван износ, на пример, по 3.000 денари по дете, а во други и по 20 илјади денари. Значи, индивидуално е за секој конкретен случај, и можат да постојат големи разлики помеѓу одделни случаи. Понекогаш тие средства не се доволни ни за најнужните потреби на децата, а понекогаш, како што се жалат некои од клиентите, придонесуваат за повисок стандард и луксуз на живеење на поранешниот сопружник, а не на самото дете. Она што е особено важно, е дека судот нема можност да го ослободи родителот што нема примања да плаќа издршка, дури и кога неговата реална ситуација е таква. За ваквите случаи, смета таа, потребно е државата да обезбеди заменски плаќања, по примерот на другите држави, што се решава на тој начин што овие средства ќе се плаќаат од буџетот на државата или на  општините, од посебни фондови, или пак ќе биде  регулирано со прописите за социјална и детска заштита и слично.

„Во конкретниве случаи зборувам за родители/татковци кои редовно ги плаќаат своите обврски по основ на издршка на децата, а сепак имаат проблеми во остварувањето на редовни контакти со нив. Тоа значи дека системот не функционира добро, и не овозможува квалитетно и ефикасно остварување на родителските права на родителот со кого детето не живее, вели Најденова-Левиќ.

Според Александар Димиќ, износот на издршката која за детето треба да ја плаќа родителот кому не му е доверено чувањето и воспитувањето на детето се одредува врз основа на критериуми уредени со Законот за семејството и тоа: износот на приходите на родителот, реалната можност за заработувачка и имотната состојба на тој родител, обврската на тој родител да издржува други лица, возраста на детето и потребата на негово школување, и тн. Во случаите каде примањата на родителот се просечни, а потребите на детето се вообичаени, износот на месечната издршка која се досудува изнесува од 5.000 до 8.000 денари. Во праксата се сретнуваат случаи кога родителот и покрај редовно плаќање на издршката наидува на препреки кога треба да ги реализираат видувањата со своите деца.

И децата треба да имаат право на глас

Во однос на прашањето дали се уважува мислењето на децата, Стошиќ досега немал случаи каде децата биле на поголема возраст за да може да биде побарано и нивно изјаснување.

Адвокатката Најденова- Левиќ, пак, вели дека треба да се има предвид дека во нашиот Закон за семејство, се предвидува обврската да се сослуша детето само во определени членови од Законот, односно во определени случаи и кога детето ќе достигне одредена возраст. На пример, во членот 79, став 2, се предвидува дека „при определувањето на личните односи и непосредни контакти на детето со родителот, центарот за социјална работа го информира детето и ги зема предвид неговите ставови и мислења во зависност од возраста и степенот на развиток и го известува за можните последици од одлуките“.

„Според моето мислење,  тоа треба да се прави во сите случаи и во сите постапки во коишто се одлучува за правата и обврските на детето. На пример, во постапките за развод на бракот и доверувањето на детето/децата, на доверување и чување, главно се слуша мислењето на родителите, а не на децата. Затоа ќе може да сретнете случаи кога едното детете е доделено на таткото а другото на мајката, затоа што родителите така одлучиле, а децата никој не ги прашал, или не посветил доволно внимание на нивното мислење.

Друго е прашањето на кој начин тоа се прави. Кога центрите за социјална работа разговараат со детето, или во постапката за развод на брак, кога се одлучува за доверување на детето, иако ова е поретко, тука родителите почесто го имаат главниот збор, или во остварувањето на личните односи и непосредни контакти со родителот со кого не живее, често тоа се прави во присуство на другиот родител, којшто веќе има големо влијание врз одлучувањето на детето. Или има случаи на наведување, односно инструирање на децата да се произнесат на определен начин. Јас за ваквото постапување вообичаено сум известена од страна на моите клиенти, кои во некои случаи биле сведоци на ваквите постапки, бидејќи овие разговори се одвиваат без присуство на полномошник/адвокат. Но ова е тешко за докажување бидејќи незадоволните родители не можат ваквото постапување да го докажат. Чести се случаите и кога родителот со кого детето живее, обично мајките, ги условуваат постапките на децата, на начин што ќе им ветат нешто, на пример дека ќе ги однесат некаде или ќе им купат нешто, ако тие направат или во определени случаи кажат нешто како што тие ќе ги подучат да кажат. Сепак, да не се сфати дека секогаш и во сите случаи е така, но сепак, за жал, чести се ваквите случаи“, вели Најденова-Левиќ.

Во досегашната пракса на адвокатот Димиќ, постапувале по предмети во кои надлежните органи ги земале предвид желбите на децата со кој од родителите сакаат да останат да живеат. Во услови кога надлежните органи применуваат соодветни мерки при испитувањето на желбата на детето (а не само едноставно интервју со детето,) не е едноставно да се зборува за манипулација со децата. „Без оглед на ова, во дел од овие предмети во кои сме постапувале, решението на надлежните органи донесено земајќи ја предвид желбата на децата се покажало како добро решение за понатамошниот развој и воспитување на децата, а во дел од предметите – не“, тврди тој.

Од шаблонски решенија на Центрите до шаблонски судски пресуди

Според досегашното искуство на адвокатот Стошиќ, судот целосно ги зема предвид мислењата на центрите за социјална работа.

„Не сум имал случај судот да го уреди начинот на гледање и остварување контакти на родител со малолетно дете поинаку од начинот утврден со решенијата и мислењата на центрите“, вели тој.

И според Наташа Најденова-Левиќ, судовите во најголем број случаи својата пресуда во однос на доверувањето на детето, ја засноваат врз мислењето на центрите за социјална работа. Иако согласно Законот за парничната постапка, мислењето на центарот е само еден од доказите во постапката којшто судот треба да го цени поединечно и заедно со останатите докази, сепак судот, веројатно поради вербата во стручноста на тимовите коишто работат во центрите за социјална работа, покажува голема доверба во нивното стручно знаење, кое судот, секако во таа област, го нема.

„Во нашиот правен систем, определувањето на видувањата, односно на личните односи и непосредни контакти на детето со родителот со кого не живее, се одвива исклучиво преку центрите за социјална работа, со сите предизвици и недоречености кои произлегуваат од тоа. За жал, кај нас, тоа сѐ уште не е материја за која одлучува судот. Сметам дека треба да се направат промени во овој дел, и за тоа да одлучуваат судовите, коишто ќе превземаат и соодветни мерки во случај на непочитување на нивните одлуки“, смета Најденова- Левиќ.

Со оглед на тоа што судовите во бракоразводните парници своите одлуки главно ги базираат врз мислењата од Центарот за социјални работи, смета Александар Димиќ, ако при своето постапување Центарот не врши доволна индивидуализација на секој одделен случај, таквото постапување ќе се огледа и во пресудите на судот.

Според нашите соговорници, токму тоа и се случува во практичната примена на применливиот Закон за семејството, односно, не постои доволна индивидуализација во постапувањето на институциите при семејно-правните работи и тоа како во постапките за доверувањето на чување и воспитување на децата, така и во постапките за уредување на личните контакти на детето со родителот кому детето не му е доверено на чување и воспитување.

Според Најденова-Левиќ, во секој случај од овој тип, со мали разлики, во нијанси, може да се забележи одредена матрица на постапување.

„Тоа значи дека по конфликтниот развод на бракот, и доделувањето на детето/децата на едниот од родителите, најчесто мајката, започнуваат проблемите за другиот родител во остварувањето на контактите со децата. Во Центрите тешко се справуваат со овие случаи, и многу често ќе се слушне резигнирано да кажат: ‘ајде договорете се веќе еднаш, ќе биде подобро за сите’. Бидејќи очигледно пред инаетот и манипулацијата на (едниот од) родителите, и институциите, барем во овој момент, остануваат немоќни да се справат“, вели таа.

И според Александар Димиќ, во постапките за доверување на чување и воспитување на децата речиси секогаш детето се доверува на мајките, додека во постапките за уредување на личните контакти речиси во секој случај се утврдува идентична динамика на видување на детето и родителот кому не му е доверено детето на чување и воспитување (практика е контактите на детето со родителот да бидат еднаш во текот на работната недела без ноќевање или евентуално со едно ноќевање, како и секој викенд наизменично со едно или две ноќевања).

„Ваквото институционално постапување има повеќе последици во практичната реализација на Законот за семејството.

Пред сè, фактот што во постапувањето на институциите не постои доволна индивидуализација ја оневозможува целосната и правилна примена на Законот за семејство. За да има правилна примена на законските решенија, при донесувањето на своите одлуки, институциите мора да ги имаат предвид сите конкретни околности кои постојат во секој одделен случај и своите одлуки да ги приспособат на секој одделен случај. Не може посветен родител кој пред разводот на бракот поминувал квалитетно време со детето секој ден и родител кој со детето пред разводот не поминувал соодветно време со детето, ниту има таква желба, да имаат идентична динамика на остварување на личните контакти со децата“, вели Димиќ.

Како заклучок, сметаат адвокатите, потенцијалното решение на проблемите што се идентификуваат во практиката треба да се бара во евентуални измени на сегашните законски решенија

Случајот Митови против Република Македонија е еклатантен пример дека цената на правдата може да биде прескапа. Особено во случај кога таа ги надминала разумните рокови и кога е воочена не од страна на домашен орган, туку од Европскиот суд за човекови права.

Драгица Христова

„Проектот е финансиран од страна на Европската Унија, преку подгрантовата шема од проектот „Медиа Платформа за застапување“ имплементиран од Граѓанската асоцијација МОСТ“

 „Изразените гледишта во никој случај не ги рефлектираат гледиштата на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.“

[better-ads type='banner' banner='999' ]