Професорско обраќање: Не примам ургенции и мито, не ме интересира чии ќерки и синови сте…

Не примам ургенции, не примам мито, не ме интересира чии ќерки и синови сте. Ќе положите само ако освоите најмалку 51 поен. Во оваа августовско-септемвриска сесија ќе кажам дека имаше три обиди за ургенции. Сите три студентки не положија и веројатно разбраа дека така не може, вели проф.д-р Владимир Трајковски во обраќањето до своите студенти.

0
4033

Деновиве на професорскиот блог на професор д-р Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија на Филозофскиот факултет при УКИМ, беше објавено едно интересно и искрено обраќање до неговите студенти. Го објавуваме во интегрална форма:

Почитувани студенти,

Покрај тоа што знаете дека не прифаќам ургенции и тоа го повторувам почесто пати, повторно ќе се најде некој/а што сака да „притиска, да ми ги тестира пријателствата, да пробува без знаење да положи испит.

Иако општествено политичката состојба во државата не е на високо ниво. Имено има многу корупција, непотизам, привилегии и слично, сепак треба да сфатите дека јас не сум тој калибар на човек. Не примам ургенции, не примам мито, не ме интересира чии ќерки и синови сте. Ќе положите само ако освоите најмалку 51 поен. Не сакав минативе денови да пишувам, но еве откако заврши оваа августовско-септемвриска сесија ќе кажам дека имаше три обиди за ургенции (2 од психологија и 1 од дефектологија).

Сите три студентки не положија и веројатно разбраа дека така не може. Дали треба да ги објавувам јавно нивните имиња, па бруката да им биде голема?

На нивните блиски кои ми ургираа навистина им посакувам добро. Ова не значи дека не ги почитувам. Доколку ми се лутат, нивен проблем, тоа значи дека не ми биле вистински пријатели. Јас ќе продолжам и натаму да одам по нормалните принципи, а тоа е знаење, знаење и само знаење.

Нема да дозволам додека некој пеколно учи, некој со освоени 10-20 поени да помине, само заради тоа што нашол некој близок до мене. Јас и онака кога некому недостасуваат поени давам според моето „судиско убедување”. Еве уште еднаш замолувам за наредните сесии да не играте на картата ургенции, туку добро да седнете и да учите најмалку по 10 часа на ден.

Искрено ваш,

Предметен наставник

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]