Програмерот Александар Арсовски, првак во местење Рубикова коцка без гледање

Нашиот соговорник е оснивач на „Македонската Кјубинг Асоцијација“ и македонски првак во редење Рубикова коцка ‘на слепо’ и трет во истата категорија, на интернационалниот натпревар во редење Рубикови коцки кој се одржа викендов (26. и 27.октомври) во ОУ ‘Ѓорѓија Пулевски’ во скопски Аеродром. На натпреварот учествувале 78 натпреварувачи, меѓу кои најмладиот имал неполни 7, а најстариот речиси 40 години.

0
910

Александар Арсовски има 26 години и работи како програмер, а неговиот интерес за редење на Рубикова коцка потекнува од неговите средношколски денови.

„Еден другар се пофали дека знае да ја мести, па научив и јас и потоа се натпреварувавме кој ќе ја намести побрзо. Иако потоа долго ја немав местено, при крај на 2017.година решив да се потсетам на брзото местење и почнав да вежбам за да си докажам себеси дека можам да напредувам во оваа техника.
Во февруари 2018.година сосема случајно дознав дека за само неколку дена ќе се одржува натпревар во рубикова коцка во Софија. Сите места беа пополнети, но стапив во контакт со организаторите и ми дозволија да учествувам. Тоа беше мој прв натпревар на кој поставив нов македонски рекорд од 16.36 секунди. Претходниот стоеше уште од 2010. година. Мојот рекорд привлече доста медиумско внимание, а веќе за следниот натпревар имаше и други македонски натпреварувачи“, раскажува Александар.

Откако сфатил дека има многу деца кои сакаат да местат Рубикова коцка, одлучил да организира натпревар во Македонија и сите да добијат фер шанса во официјален натпревар.

„Во август 2018. година ја основав „Македонска Кјубинг Асоцијација“ (терминот кјубинг, во отсуство на соодветен македонски термин, е превод од англискиот термин cubing кој се користи за оваа техника на брзо решавање коцки) заедно со Александра Лазовска, Ристо Чешмеџиевски, Андреј Арсовски и Војче Кушевски. Целта на асоцијацијата е јасна: Организација на натпревари во Македонија, поддршка за сите „кјубери“, објавување на рекорди, организирање на дружби, итн“, вели тој
Досега организирале 3 официјални натпревари во соработка со  светската кјубинг асоцијација и неколку неофицијални натпревари, а последниот – Macedonian Nationals 2019, се одржа изминатиот викенд (26. и 27. октомври) во ОУ ‘Ѓорѓија Пулевски’ во скопски Аеродром.

„Имавме 78 пријавени натпреварувачи од 7 држави: Македонија, Швајцарија, Белгија, Бугарија, Грција, Србија и Косово, а натпреварувачите беа на возраст од 6 до 40+ години. Во натпреварувањето не се разликува ни пол, ни држава, ни старост, туку сите натпреварувачи се натпреваруваат во една иста група. Имавме 12 дисциплини, т.е. 12 различни коцки и други форми (пирамида, „коцка“ со 12 страни, итн.).
За секоја дисциплина имавме 3 интернационални победници и 3 македонски победници“, објаснува Александар.

Според него, кај младите има оргомен интерес за играње на видео игри, но местењето на рубикова коцка е многу подобра варијанта и добра замена за видео игрите од неколку причини: претставува одлична алатка за психички тренинг на мозокот уште од мала возраст; придонесува за развој на физичките рефлекси; го подобрува фокусот; го намалува стресот; поттикнува спортски и натпреварувачки дух кадешто главен фокус е подобрување на личните рекорди, но и пријателски натпревар помеѓу натпреварувачите. Тој го препорачува ова хоби за сите оние кои сакаат да пробаат нешто ново.

„Интересот е огромен, како што спомнав, пред натпреварот во Бугарија во 2018.година, последниот Македонец се натпреварувал во 2010. година. После неполни 2 години ние имавме преку 100 различни натпреварувачи од Македонија. Горд сум на таа бројка. Освен натпреварите во Македонија, често патуваме на натпревари и во соседните земји, а се надевам дека во блиска иднина ќе можеме да организираме и групни патувања“, вели Александар.

На натпреварот кој се одржа викендов најмалиот учесник, Немања Трајковиќ  имал неполни 7 години, а најстариот, Максимилијан Мертенс, со неполни 40, веќе втора година по ред доаѓа од Белгија.

Сите деца кои се натпреваруваат имаат огромна поддршка од своите родители и го препорачуваат редењето Рубикова коцка како алтернатива за децата да се тргнат од компјутер.

Деталната листа на победници и рекорди изгледа вака:

Интернационални подиуми:

Александар Дуклески: 3 подиуми (3×3 – 3то место, 3×3 со една рака – 2ро место, 6×6 – 2ро место)

Ѓорѓи Чешмеџиевски: 2 подиуми (Skewb – 1во место, 7×7 – 3то место)

Александар Арсовски: 1 подиум (3×3 без гледање – 3то место)

Македонски подиуми:

Ѓорѓи Чешмеџиевски: 11 подиуми (3×3 – 2ро место, 7×7 – 1во место, 6х6 – 2ро место, Megaminx – 1во место, Skewb – 1во место, Square-1 – 1во место, 2×2 – 2ро место, Pyraminx – 1во место, 3х3 со една рака – 2ро место, 4х4 – 3то место)

Александар Дуклески: 9 подиуми (3×3 – 1во место, 7×7 – 2ро место, 6х6 – 1во место, 5х5 – 2ро место, Megaminx – 2ро место, Skewb – 2ро место, 2х2 – 1во место, 3х3 со една рака – 1во место, 4х4 – 1во место)

Никола Димитровски: 5 подиуми (3х3 – 3то место, Square-1 – 2ро место, 3х3 со една рака – 3то место, 4х4 – 2ро место, 5х5 – 3то место)

Борјан Бабоски: 3 подиуми (6×6 – 3то место, Skewb – 3то место, Pyraminx – 3то место)

Никола Ничовски: 3 подиуми (Megaminx – 3то место, 2х2 – 3то место, Pyraminx – 2ро место)

Александар Арсовски: 1 подиум (3×3 без гледање – 1во место)

Борис Ѓорѓиевски: 1 подиум (Square-1 – 3то место)

Никола Пулковски: 1 подуим (7х7 – 3то место)

Нови Македонски рекорди:

Ѓорѓи Чешмеџиевски: 7 рекорди

Александар Дуклески: 6 рекорди

Александар Арсовски: 1 рекорд

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]