Причината за дислексија не е сосема јасна, а се појавува и кај надарените, креативни и успешни деца

Тешкотиите во совладувањето на читањето и пишувањето се утврдуваат дури на крајот од второто одделение, а симптомите многу често им се припишуваат на мрзливоста и недисциплината, па проблемот долго останува маскиран.

0
927

Без оглед на тоа дали детето има просечни или натпросечни интелектуални потенцијали, може да пројави потешкотии во совладувањето на читањето и пишувањето.

Иако овие тешкотии можат да се воочат уште на почетокот од школувањето, дијагнозата на дислексија обично се поставува дури пред крајот на второто одделение. Тогаш дефинитивно се забележува отстапувањето од нивото на читачките способности на врсниците.

Пречки се појавуваат и во областа на течноста и брзината во читањето и пишувањето, како и точното разбирање на прочитаното. Меѓутоа, многу е битно да се разликуваат децата со несовладана техника на читање од децата со дислексија. За детето со дислексија е карактеристично што постојано ги прави истите грешки во читањето без оглед на тоа што се применува добар метод во неговото совладување.

Со оглед на тоа што симптомите на дислексија се многу сложени и бројни се случува да не бидат препознаени од родителите и учителите.

Дислексијата не е болест и не се лекува во буквална смисла на тој збор. Причината за нејзината појава не е сосема јасна, но се знае дека таа погодува речиси 10 отсто од децата, а се јавува и кај надарените, креативни и успешни деца.

Дислексијата е можно да се потврди врз основа на „спелување“ и неповрзување на зборови при читањето. Во случај на дисграфија доаѓа до изоставање, замена на букви или слогови, неуреден ракопис, мешање на големи и малу букви, неправилни големини и облици на буквите, недовршени букви, намалена брзина на пишување или препишување, општа нечитливост, згрчени прсти при пишувањето. На ова пореметување укажуваат и необичната положба на телото, рачниот зглоб и хартијата при пишувањето. Потоа, непотребно бришање на напишаното, детето се збунува без видлива причина, нејасна артикулација лево-десно, тешкотии во вербалното изразување. Можат да бидат присутни и потешкотии со облекувањето, врзувањето врвци…

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]