Придружете се на предизвикот на Данецот Јеспер Јул

Познатиот дански педагог и семеен терапевт, Јеспер Јул, објаснува како употребата на паметни телефони влијае на нашите односи и предлага експеримент што секој може да го спроведе во своето семејство.

0
193

Овој текст е инспириран од истражувањето спроведено во пролетта 2016. година од данската телевизија. Истражувањето опфатило 1.600 тринаесетгодишни деца, ученици од 6-то одделение и еднаква група родители. Како и многу други експерти, родителите често ме прашуваат кои се последиците од користењето паметни телефони и таблети за социјалните вештини на децата и за развојот на нивниот мозок.

Бидејќи невролозите од многу земји сè уште објавуваат различни резултати, мислења и препораки, ќе се потпрам на мојата експертиза и знаење во врска со природата и квалитетот на семејните односи, а на пишување на овој текст ме поттикна силната доследност во размислувањето и искуството на младите и родителите во Данска.

Јас ги нарекувам електронските уреди „членови на семејството“ затоа што тие го одвлекуваат вниманието и буквално ја менуваат културата на семеен живот на начини кои се нездрави за односите втемелени на љубов – односите помеѓу возрасните, помеѓу браќата и сестрите и родителите и децата.

Според заклучоците од споменатото истражување, повеќето деца на училишна возраст изјавуваат дека им недостасуваат родителите и дека би сакале да поминуваат повеќе непречено време заедно. Родителите го сакаа истото, и јас сум прилично сигурен дека ќе добиеме таков одговор и од нашиот партнер. Истражувањето е спроведено во вистинско време затоа што достигнуваме точка во историјата каде повеќето млади возрасни повеќе нема да можат да го споредуваат своето искуство во семејството пред и по паметните телефони.

Од огромен број причини, повеќето возрасни се убедени дека нивните животи треба да го следат темпото на дојдовните е-пошта, пораки, објави и СМС-пораки, а работодавците, пријателите и деловните соработници ги весели тоа што можат да очекуваат да бидеме достапни 24 часа на ден, седум дена во неделата. Истото важи дури и за малите деца и нивните социјални мрежи. Овие согледувања сега се факти и тие се сериозен проблем – до степен до кој треба да го смениме нашиот начин на размислување.

Односи меѓу возрасните

Пред околу десет години, возрасните сметаа дека употребата на мобилни телефони за време на приватни посети, состаноци и оброци е вознемирувачко, фрустрирачко и непристојно. Денес, малку луѓе се возбудуваат поради тоа, па дури и кога некој ќе се вознемири поради тоа, повеќето млади луѓе (до 50 години) ги игнорираат ваквите реакции. Тоа едноставно не е кул и е старомодно.

На секоја блиска врска заснована на љубов ѝ треба континуитет и непречено заедништво – да расте, да ги развива своите нијанси и да се зајакнува – исто како што на секое растение му требаат хранливи материи.

Нема ништо ново во ова: двојките кои се заедно веќе седум или повеќе години, знаеме дека се чувствуваат далечно, несреќно и фрустрирано ако се поврзуваат само кога има проблеми или кризи; и тие се чувствуваат уште полошо кога овие „итни состаноци“ не се можни или се премногу кратки и се фокусираат само на изнаоѓање решение.

Во такви услови обете страни чувствуваат празнина и бесмисленост. „Функционираме прилично добро, но не живееме“, велат тие.

Не е ни толку важно зошто нема доволно континуитет и непречено заедништво. Пред паметните телефони, причини за тоа беа ТВ, стрес заради работа, перфекционизам, обврски надвор од семејството, хоби и сл. Сите овие фактори – вклучително и денешните паметни телефони и таблети – не се вистинската причина за губење на блискоста и значењето во односите што се важни за нас.

Причината е во нашиот ум и тоа е добра вест, бидејќи тоа значи дека можеме да смениме нешто самостојно, без оглед што ќе одлучат другите. Ова го прават многу двојки кога едниот партнер заболува од рак; кога нивниот живот или начин на живот е загрозен или не може да се продолжи како порано од некоја друга причина. Животот близу смртта често ги учи луѓето да избираат многу поинтелигентно.

Деца

Ова е опис на она што се случува сè почесто во текот на тие неколку часа што децата ги поминуваат со своите родители секој ден: Децата сакаат да ги прашаат своите родители нешто, сакаат да им кажат нешто или сакаат да одговорат на нешто што родителите само го кажале и многу често го добиваат одговорот: „Извини, жал ми е, само што добв мејл од работа на кој треба да одговорам… ми треба помалку од една минута, ветувам“, „О, извини, заборавив да го исклучам мобилниот телефон и сега треба да одговорам“.

На краток рок, ова однесување ги фрустрира децата. Наспроти верувањето на многу возрасни, децата „не се чувствуваат отфрлени“. Нема такво чувство. Кога возрасните велат дека се чувствуваат отфрлени, тоа е затоа што чувствуваат нешто поради кое мислат дека се отфрлени. Но, децата не ги обработуваат своите чувства интелектуално на овој начин. Кога нивните родители ги одбиваат, тие се едноставно тажни, разочарани, лути, но како и секогаш – децата почнуваат да соработуваат со однесувањето на родителите (тие се прилагодуваат). Прво се откажуваат и се надеваат, а потоа се повлекуваат и престануваат да се обидуваат. На приближно три години, децата почнуваат да го копираат однесувањето на возрасните и да се фокусираат на сопствените екрани – таблети, ТВ, а подоцна и на паметните телефони.

Кога децата од споменатото истражување велат дека им недостасуваат родителите, тоа чувство е коктел од неколку различни емотивни реакции и за нив е значајно искуство кое ги обликува:

Се чувствувам беспомошно

Децата се чувствуваат беспомошни затоа што многу приказни и чувства што би сакале да ги споделат со своите родители едноставно не можат да бидат искажани поради стресот предизвикан од недостаток на време, а она што им треба е чувство на сигурност, блискост, доверба и активна, поддржувачка емпатија. Дури и кога се чувствуваат толку беспомошно, децата веруваат дека нивните родители знаат најдобро и ги следат нивните упатства.

јас сум збунет

Секој пат кога родител ќе прекине контакт дури и за една минута или две, мислите на детето талкаат и протокот на свеста се нарушува. Лошото „краткорочно помнење“ како резултат, често ги фрустрира родителите и заклучуваат дека всушност и не е важно тоа што го правеле заедно. Чувството на конфузија кај децата прераснува во чувство дека се глупави.

Не можам да ти верувам

Децата сосема точно забележуваат дека нешто друго е поважно за родителот од нив самите. Ова го дели и го попречува нивниот развој и ја оштетува многу чувствителната самосвест чиј најважен и најранлив дел е чувството дека тие имаат вредност во животот на нивните родители. Без оглед на тоа колку пати родителите постојано повторувале „Те сакам“, наоѓале изговори и романтични ветувања за иднината (како „ќе ти го направам тоа“), штетата е направена. Во раното детство, децата ќе веруваат во овие зборови што ќе ги доведе до точка кога ќе почнат да се сомневаат во своите чувства и со тоа да отсечат уште едно големо парче од нивната самосвест.

јас сум осамен

Во текот на 10 до 12 години колку што трае овој процес на учење, децата се чувствуваат осамено секогаш кога нивните родители ќе изберат да му дадат предност на својот паметен телефон и за многу деца оваа осаменост го дефинира нивното постоење и во други социјални контексти. Кај децата пред пубертет, ова најчесто резултира со општо губење на самодовербата и надеж дека која било возрасна личност ќе одвои време да ги ислуша и ќе им помогне да разберат како се и кои се. Кога ќе се појави пубертет, тие ќе се повлечат од семејниот живот и интимноста, почитта и разбирањето ќе почнат да се бараат на друго место, честопати преку социјалните платформи на Интернет. Од искуство со телефонски линии за деца на возраст од 6 до 16 години, знаеме дека многу деца дошле до заклучок дека нивните родители немаат време да седат со нив. Ова не е нужно објективна вистина, но е нивно искуство и заклучок.

Млади возрасни

Психолозите и советниците кои работат со средношколци и студенти и други млади луѓе на возраст од 16 до 25 години, пријавуваат рапидно растечки број на млади луѓе кои се осамени, депресивни, страдаат од анксиозност и социјални фобии, кои исто така се самоуништувачки. Овие млади луѓе генерално велат дека од рана возраст се чувствуваат оттуѓени од родителите и оваа изолација им ја одзема можноста да чувствуваат и да изразат што се случува во нив. Многу од овие млади луѓе сега стануваат родители и најверојатно ќе ги пренесат овие недостатоци на своите деца, што доведува до застрашувачко зголемување на бројот на деца и возрасни со сериозни проблеми со менталното здравје. Препишувањето на антидепресиви на овие млади луѓе е исто толку контрадикторно, колку што е и контрапродуктивно. Осаменоста и тагата може да изгледаат како депресија, но не е исто. Антидепресивите не прават ништо друго освен што ја намалуваат непријатноста и ги спречуваат пациентите да се справат со ситуацијата на здрав начин. Децата и младите велат дека се чувствуваат подобро од лековите, но ова во никој случај не докажува дека тие навистина се подобри. Лековите се слаба замена за блиските односи, а односите создадени под дејство на антидепресиви се површни и траат кратко.

Потребен ни е нов начин на живот

Во текот на последните 4-6 години, беа направени експерименти во некои земји кадешто на децата им беше забрането да користат паметни телефони во училиштата, а семејствата се обидоа да живеат без нив една недела или еден месец или повеќе. Позитивните повратни информации од сите возрасни групи беа неверојатни. Успехот во училиштето се подобри, а родителите и децата беа воодушевени и брзо се закачија за сè што можеа да направат заедно. Ова искуство и зголемената свесност дека нашето темпо на живот и приоритети не ни носат добро, ми дава надеж дека е можна голема промена на животниот стил.

Секако, секое семејство ќе мора да создаде своја култура и правила, но имајте предвид дека целта на овој проект не е да ги заштити децата од можно оштетување на мозокот, туку да постигне подобар квалитет на семеен живот, блискост и интимност. Станува збор за тоа да бидете достапни и пристапни за вашите најблиски, наместо да бидете постојано достапни за сите други. Не чекајте да се појави нов тренд од нашата мизерија – здружете се со вашите деца и другите семејства со кои сте поврзани и одлучете се за двонеделен експеримент.

По две недели, проценете, прилагодете се и погрижете се сите да знаат дека три месеци е минималниот пробен период. Споделете ги вашите искуства на Фејсбук и другите социјални мрежи и помогнете да се создаде трајно движење.

Еве ги моите предлози:

Целиот утрински ритуал е зона без телефон и истото правило важи од половина час пред вечера додека децата не си легнат. Ставете убава кутија во ходникот кадешто сите ќе ги оставаат и ќе ги полнат своите телефони во времето без телефон.
Исклучете ги сите телефони од одењето на спиење до одењето на училиште и на работа следниот ден.
Сите оброци се без телефон, вклучително и оброците во рестораните, како и времето додека чекате да ви се сервира храната. (Овие минути се идеални за воспоставување контакт и блискост по одредено време на разделување.) Ако дозволите употреба на телефони и таблети додека чекате, пораката е: се собравме само за да јадеме и да ги надополнуваме нашите тела со хранливи материи, а не со срце и душа. (Имајте на ум дека децата можат да ги отворат своите срца за време на истражувањето, но честопати не можат со своите родители, или можат само кога е речиси доцна.)
Родителите и двојките можат да се договорат за ситуациите во кои можат да се користат паметни телефони и таблети, но тие треба да бидат исклучени барем за време на заеднички оброци и спиење, филмови, патувања и слично.
Задолжително известете ги пријателите, семејството, колегите и вработените дека повеќе не сте достапни цело време и дека им помагате на децата да го сторат истото ако е потребно.

Судејќи според извештаите што ги добивме од семејства кои веќе направиле вакво нешто, знаеме дека е важно родителите да преземат водство, особено во текот на првите три месеци, а ова вклучува редовно следење на потребите и распоредот на сите. По два до три месеци, децата стануваат најсигурни спроведувачи на планот и често ги инспирираат пријателите повторно да ги смешаат електронските картички во нивните семејства.

Фото: Unsplash

[better-ads type='banner' banner='999' ]