Помогнете му на детето што има тикови

Тиковите се неволни, ненадејни, бесцелни мускулни движења, ограничени на одредена група на мускули, а може да бидат проследени и со глас. Основно обележје на таквото пореметување е релативната постојаност и ограниченоста на одредена група на мускули, најчесто на мускулите на главата, вратот или рамениот појас. Најчести тикови кај децата е трепкањето со очи, мрдање со главата, движење со рамето, кашлање, шмркање...

0
2269

Тиковите се едни од најчестите пореметувања кај децата, но релативно мал број се јавуваат кај психолог или детски психијатар.

Благи тикови се појавуваат кај околу 10 отсто од децата во некоја од фазите на нивниот развој, главно со поаѓањето во училиште до раната адолесценција, и тесно се поврзани со психосоцијалниот стрес.

Почести се кај момчињата отколку кај девојчињата во однос 2:1, а најчести се во периодот од деветата до дванаесетата година од животот.

Во настанувањето на тикови значајна улога имаат органските оштетувања на мозокот – тешки бремености и породувања, менингитиси, енцефалитиси. Исто така, значајна е и наследната компонента (околу 25% од родителите и околу 5% од браќата и сестрите исто така имаат тикови).

Кај тиковите постои неодолива потреба тикот да се повтори. Секое спречување на повторувањето на тикот ја зголемува напнатоста, а извршувањето смирува. Кога тикот ќе се реализира, напнатоста моментално опаѓа, но повторно расте, такашто целокупната активност се повторува.

Тик-пореметувањето може да биде предизвикано од различни стресогени настани; медицински постапки (честопати од операцијата на крајници), силен страв, присуствување на непријатни настани, на казни (особено физички), заболувања на носот, на очните капаци, на белите дробови …

Родителите често наведуваат дека тикови на поткашлување почнале по операцијата на крајниците, а трепкањето после воспалението на капаците.

Што ги карактеризира тиковите?

Настануваат ненадејно, брзо, минливи се и природата на движењата е ограничена.

Имаат тенденција да се повторуваат.

Исчезнуваат во текот на спиењето.

Со леснотија можат волно да се репродуцираат или да се сузбијат.

Имаат ритмичност

Тиковите најчесто имаат психогено потекло:

Детето со тикови е обично поагресивно, напнато, има проблеми со спиењето или пореметен однос со другите.

Во семејните односи владее напнатост

Тиковите се стрес-сензитивни состојби затоа што често се јавуваат после некој стресен настан.

Како да му се помогне на детето со тикови:

Неопходен е разговор со родителите и советување. Одделни родители послабо ги толерираат тиковите на децата, затоа што се тие видливи за околината, што може да предизвика непријатност и вина. Одделни родители стануваат агресивни што може да предизвика дополнителни пречки во однесувањето. Одделни истражувања  покажуваат дека мајките на децата со тикови се напнати и тежнеат кон совршенство.

Детето не би требало да се опоменува ниту да се казнува, затоа што на тој начин се крева напнатоста и со тоа се засилуваат тиковите.

Препорачливо е воведување на спортски активности кои ги ангажираат телото и движењата.

Повеќето тикови со време се повлекуваат спонтано. Битно е намалување на стресовите и воведување релаксирачки активности. Доколку се тиковите напорни, потребно е да се побара стручна помош од психолог.

[better-ads type='banner' banner='999' ]