Одлуката за контактите помеѓу детето и родителот – дискреционо право на ЦСР

Иако стручните тимови при центрите за социјална работа сметаат дека нивното постапување е секогаш во најдобар интерес на детето, во праксата постои големо незадоволство од нивната работа поради непреземање мерки согласно закон, неможност ефикасно да влијаат на родителот кој го попречува правото на видување на детето со другиот родител, како и донесување решение кое повеќе е во интерес на едниот или другиот родител отколку на самото дете.

0
1163

Според Конвенцијата за правата на детето, детето има право да расте со двајцата родители, а нивна обврска е да се грижат за неговите права и неговиот најдобар интерес. Во пракса, водечките принципи на Конвенцијата за правата на детето, како што е најдобриот интерес, правото на учество, давање на мислење и недискриминација, повеќе се декларативни отколку суштински водечки принципи од кои се раководат надлежните органи и институции кои треба да се грижат за детето, неговите права и интереси.

Во најголемиот број случаи еден/или двајцата родители изразуваат незадоволство од работата на Меѓуопштинските центри за социјална работа, односно нивните одлуки за уредување на начинот и динамиката на остварување на правото на лични односи и непосредни контакти на детето со родителот со кого не живее.

Пропусти во работењето на ЦСР

Центрите за социјална работа претставуваат еден од ретките, ако не и единствен државен орган кој има големи и значајни надлежности, не само во поглед на семејните односи, туку и во други значајни сфери од општествениот и правниот живот.

Сите овие надлежности, претставуваат голем товар и обврска за вработените во центрите што неминовно го наметнува прашањето дали можат да одговорат ефикасно на сите своите надлежности. Дали се доволно кадровски екипирани и дали се материјално-технички обезбедени за да одговорат на сите овие предизвици? Во праксата има бројни примери кои потврдуваат дека има пропусти во работењето на ЦСР.

Едно од најзначајните прашања кое се поставува во случај кога родителите не живеат заедно и кога се разведени е правото на одржување на лични односи и непосредни контакти со детето.

Законодавецот им остава можност на родителите да го уредат ова прашање спогодбено, по нивна волја. Но, доколку родителите на детето, во рок од најмногу два месеци не се согласат со начинот на одржување на личните односи и непосредни контакти со детето, ЦСР донесува решение за тоа. Ваквата состојба е многу честа поради нарушените односи на родителите по разводот на бракот, што негативно се одразува на развојот на децата.

Во македонското законодавство не постои законски пропис кој детално го регулира прашањето за видот и обемот на личните контакти помеѓу детето и родителот со кој тоа не живее. Одлуката за контактите е дискреционо право на ЦСР, што во практиката предизвикува чести конфликтни состојби кои негативно се одразуваат врз децата.

Иако стручните тимови при центрите за социјална работа сметаат дека нивното постапување е секогаш во најдобар интерес на детето, во праксата постои големо незадоволство од нивната работа поради непреземање мерки согласно закон, неможност ефикасно да влијаат на родителот кој го попречува правото на видување на детето со другиот родител, како и донесување решение кое повеќе е во интерес на едниот или другиот родител отколку на самото дете.

Што велат во Одделот за брак и семејство во ЦСР Скопје?

Ги прашавме вработените во Одделот за брак и семејство во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје каков е нивниот став во однос на многубројните поплаки од родителите дека центрите честопати одлучуваат пристрасно при одредувањето на тоа кому ќе го доделат старателството, а особено кога станува збор за одредување на бројот на видувањата на детото со родителот со кој не живее.

Според нив, во рамките на законските надлежности Одделот за брак и семејство постапува согласно Законот за Семејство и методологијата на работа.

„По однос на постапката за развод на брак и доверување на малолетно дете, Центарот согласно законот постапува врз основа на барање од месно надлежниот Суд. Центарот по однос на разводот на брак доколку брачните партнери се согласат спроведува мировна постапка. Доколку мировната постапка не е успешна Центарот до месно надлежниот Суд доставува извештај со предлог мислење за развод на бракот и доверување на малолетното дете на чување, воспитување и делумно издржување на еден од родителите. Мислењето кое стручниот тим од Центарот го доставува до месно надлежниот Суд се темели врз основа на претходно спроведени дејствија односно целосно утврдување на фактичката состојба со цел донесување на мислење кое е во најдобар интерес на малолетното дете“, велат оттаму.

Со оглед на тоа што е очигледно дека отсуствува механизам за ефикасно следење на решенијата и одлуките за остварување на правото на одржување на лични односи и контакти на детето со родителот со кого не живее, донесени од страна на месно надлежниот центар за социјална работа, а вршењето надзор над родителското право како мерка многу малку се користи, ги прашавме и зошто не се преземаат никакви мерки кон резиденцијалниот родител кој го оневозможува личниот контакт  на детето со другиот родител под различни изговори па има случаи кога родителите не си ги гледаат децата со месеци, или пак ги гледаат многу ретко.

„По однос на уредување на личните односи и непосредни контакти на малолетното дете со родителот со кој не живее Центарот пред сѐ го почитува договорот помеѓу родителите. Во случај кога истиот не постои тогаш со помош на медијација посредува во однос на уредување на видувањата и доколку родителите со помош на стручните лица се договорат во однос на видувањата изготвува Спогодба со која ги уредува истите.

Во случај кога родителите не успеваат да постигнат договор тогаш Центарот изготвува правен акт Решение со кое ги уредува личните односи и непосредни контакти на малолетното дете со родителот со кој не живее. Донесеното решение е облигаторно за двајцта родители и истото е потребно доследно да се почитува. Во случај на непочитување на Решението Центарот ги превзема сите дејствија согласно законските овластувања со цел да не се попречат видувањата на детето со родителот со кој не живее. Видувањата кои се пропуштени од оправдани причини (од аспект на детето, болест) се реализираат по родителски договор прв нареден ден по престанокот на причината поради која не е реализирано видувањето во утврдениот термин, а минимум еден ден порано да го известат другиот родител, за неможноста на реализирање на видувањето со детето и за причините за истото.

При уредување на личните односи и непосредни контакти на малолетното дете со родителот со кој не живее Центарот се раководи пред сѐ од возраста, развојните фази на детето, неговите потреби на биолошки, психолошки и социјален план, како и родителските капацитети во делот на начинот на вршење на родителското право.

Родителите на малолетното дете се должни да се придржуваат до определениот термин на утврденото видување, одговорно и родителски да се однесуваат и да создаваат позитивен однос во реализација на утврденото право на детето. Воедно, родителите е потребно взаемно да соработуваат во извршување на родителските права и обврски, создавање на соодветен однос во припремата и реализација на контактирањето на малолетното дете со родителот со кој не живее, како позитивна претпоставка за изградувањето на квалитетен однос и релација родител-дете“, тврдат во Одделот за брак и семејство во ЦСР Скопје.

Според нив, судот при одлучувањето по однос на доверување на малолетно дете на грижа, чување ,воспитување и делумно издржување кај еден од родителите во принцип го зема предвид мислењето на Центарот, но притоа докрај ги утврдува сите факти и околности кои влијаат за донесување на Пресуда со која се доверува малолетното дете.

На прашањето дали е можно да се смени некогаш практиката на  доделување на децата кај едниот родител кога детето има двајца подобни родители кои сакаат и можат да се грижат за него, и да се почне со спроведување на заедничко родителство, добивме само формален одговор:

„Најголема придобивка за правилен раст и развој на малолетното дете чии родители се разведени е овозможување на другиот родител подеднакво да ги оствари неговите права и должности односно да ја пружи потребната грижа, љубов, воспитување и издржување на детето“.

Што велат од Заводот за социјални дејности?

Од Заводот за социјални дејности пак, како институција во чии ингеренции е надзорот на работата на Центрите за социјална работа, на прашањето, каков е нивниот став во однос на поплаките од родители дека центрите честопати одлучуваат пристрасно при одредувањето на тоа кому ќе го доделат старателството, а особено кога станува збор за одредувањето на бројот на видувања на детето со родителот со кој детето не живее, велат:

„Со Законот за семејство по барање на судот Центарот за социјална работа спроведува постапка за мирење на брачните партнери и  постапка за доверување на дете. По спроведена  постапка, Центарот до судот доставува извештај  со предлог мислење за доверување на детето доколку мировната постапка е неуспешна.

Во постапката за доверување и во постапката за определување на личните односи и непосредни контакти на детето со родителот со кого не живее,  мислењето на Центарот се темели на стручната работа во која се ценат следниве аспекти, и тоа: развојните потреби на детето, родителските способности,  ресурсите на семејството и ресурсите на социјалната средина. Во овие постапки се преиспитува постигнатиот договор меѓу родителите, односно колку истиот е во интерес на детето. Во ситуации кога не постои родителски договор, Центарот се насочува кон доближување на нивните ставови во делот на начинот на вршење на родителското право во сите сегменти од родителството“.

Според нив, во случај кога  родителите  не постигнале договор за начинот на одржување на личните односи и непосредни контакти на детето со родителот со кој не живее, Центарот, заради заштита на правата на детето превзема  мерки кон родителите согласно Законот за семејството.

На прашањето дали се потребни измени во начинот на работа на Центрите во оваа област, на пример, како што предлагаат психолозите – одредување на минимум време за лични контакти и видувања на детето со родителот со кој не живее, наместо одредувањето на максимум време, оттаму со одговор:

„Во  определувањето на личните односи и непосредни контакти со родителот со кој не живее, во најдобар интерес на детето е примена на индивидуален пристап согласно со возраста и развојната фаза на детето, како и потенцијалите на родителите за постигување на договор околу термините, динамиката, времетраењето и содржината на реализација на ова право на детето“.

На забелешката дека центрите за социјална работа честопати, при одлучувањето по барањата за правото на видување, во напорите да „им удоволат“ на родителите, го забораваат најдобриот интерес на детето и многу ретко го бараат неговото мислење, вработените во Заводот за социјални дејности, со став:

„Во постапувањето при донесување на решение за определување на личните односи и непосредни контакти на детето со родителот со кого не живее, Центарот применува стручна работа со детето и согласно возраста и состојбата  го зема предвид и неговото мислење. При тоа се утврдува дали неговата изразена волја е во негов најдобар интерес и дали е дадена слободно без притисоци. ЈУ Завод за социјални дејности Скопје постапува во рамки на своите законски надлежности при спроведување на надзорот над стручната работа, за евентуални недостатоци во стручната работа на Центарот определува мерки и препораки за понатамошно постапување. Истовремено, ја следи нивната понатамошна реализација“.

И на крајот, ако ги прашате дали е можно да се смени некогаш практиката на доделување на децата кај едниот родител кога детето има двајца подобни родители кои сакаат и можат да се грижат за него, и да се почне со спроведување на заедничко родителство, и тие со формален одговор:

„Конструктивната  комуникација меѓу родителите и нивното меѓусебно уважување овозможува детето да ја добива потребната родителска љубов и грижа од двајцата родители, што е најголемата придобивка и императив за неговиот понатамошен правилен раст и развој. Досегашната пракса од работата на Центрите за социјална работа покажува дека преку давање на директна помош и поддршка на родителите и децата, резултира со позитивни примери со надминување на проблемите во постразводно родителство и нивното понатамошно осамостојување во вршење на родителското право. Во посложени ситуации во третманот со родителите и децата се вклучуваат и други расположиви ресурси, здравствени институции и  советувалишта за зајакнување на родителските капацитети“, велат од Заводот за социјални дејности.

И така, додека според Центрите за социјална работа и нивниот контролор, Заводот за социјални дејности, сѐ оди според законот и во најдобар интерес на детето, во праксата сме сведоци на долготрајни процеси, на оттуѓени родители и деца, на несреќни решенија и застарени сфаќања кои очигледно, не покажуваат добри резултати.

Крајно време е да се ревидираат улогата и надлежностите на Центрите за социјална работа и неговите ингеренции поврзани со вршењето на родителското право по разводот на бракот, но и да се подигне свеста на родителите дека е во најдобар интерес на детето тоа да одржува контакти на постојана основа со двајцата свои родители, а тие заеднички и спогодбено да одлучуваат за најважните прашања поврзани со личноста, правата и интересите на детето!

Драгица Христова

„Изразените гледишта во никој случај не ги рефлектираат гледиштата на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.“

[better-ads type='banner' banner='999' ]