Објаснете им на децата: бројот на следбеници и лајкови не е мерило на вредност

Едно од правилата за да ги научите децата како да се заштитат на интернет е она дека треба внимателно да ги одбира своите дигитални примери, кого следи и имитира. Затоа, пред сè, внимавајте токму вие да не сте оној лошиот пример

0
73

Бидејќи виртуелниот свет стана важен дел од нивниот реален живот, ние, постарите, треба да им ги посочиме потенцијалните опасности и со нив навреме да ги запознаеме. Интернетот поседува низа предности и одлични карактеристики, меѓутоа, постои темна страна која вклучува незаконски активности кои им штетат на децата. Умешноста или вештината за користење на интернетот, компјутерот, таблетот, паметните телефони, не е иста со разбирањето на влијанието на акциите што децата ги преземаат онлајн. Децата не ги разбираат секогаш сите потенцијални опасности што може да се случат. Истражувањата го кажуваат следното: Во САД, од 10 деца дури 9 претрпуваат некој облик на сајбер-непријатности. Во Србија, на пример, од 3 деца едно доживува некој облик на сајбер-вознемирување.

Како децата да се заштитат себеси и својата приватност на мрежите?

За да се спречи можната злоупотреба на децата и младите, потребно е да се научат и насочат за да станат свесни како да се заштитат себеси и својата приватност онлајн. Децата треба да се упатат во безбедносна култура на користење интернет и популарни друштвени мрежи. Треба да развиваат здрави сајбер-идентитети, да научат како да ја сочуваат својата приватност, што помалку да се изложуваат на ризици во виртуелниот свет, да научат да разликуваат корисни и вистинити информации од лажни и непроверени. Сè почесто слушам родители како загрижено коментираат дека нивните деца подобро се снаоѓаат со употреба на телефоните, компјутерите и интернетот од нив. Тоа кај некои од нив предизвикува страв и грижа. Сепак, незнаењето или слабата информираност за користењето нови технологии не треба да ги одврати родителите од занимавање со активностите на нивното дете во виртуелниот свет и секако не смее да биде изговор. Постојат едукативни спотови и текстови на овие теми на интернет, а постојат и апликации.

Родителите мора да постават јасни правила кога е во прашање користењето на интернет и на телефоните – од временско траење, односно колку долго е детето пред монитор, преку содржините што ги гледа или апликациите што ги користи и мора да постојат санкции доколку правилата се прекршат. Родителите треба да му објаснат на детето дека интернетот и социјалните мрежи не се лоши, туку извонредно корисни средства, но дека мора да се почитуваат правила:

– За почеток, доколку детето сака да има профил на социјалните мрежи, профилот мора да биде приватен (заклучен), па објавите да не може да ги видат непознати луѓе и личности и лица кои детето не ги прифатило за пријателство.
– Не треба да прифаќа непознати луѓе како следбеници, ниту да комуницира со лица што не ги познава.
– Никогаш не треба да издава, пишува и остава приватни информации за себе (во кое училиште оди, адреса, број на телефон…).
– Не смее да остава лоши коментари, да озборува, навредува, пцуе на социјалните мрежи.
– Секој вид насилство (закани, уцени, злоупотреба на фотографии) веднаш треба да ви го пријави вам и на наставникот.
– Не смее да им испраќа свои фотографии на луѓе што не ги познава.
– Мора да води сметка за својата дигитална репутација и какви фотографии поставува.
– Кога ќе налета на непримерна и непосакувана содржина, веднаш треба да ви каже.
– Бројот на следбеници и лајкови не е мерило на вредност, ниту успех.
– Детето никогаш, ни под кои било околности (особено не поради влијание од врсниците), не смее да се впушта во предизвици на интернет кои може да предизвикаат повреди, загрозување на здравјето и животот.
– Внимателно треба да ги одбира своите дигитални примери и кого следи и имитира.

Бројот на активности што директно ги загрозуваат децата и младите, за жал, расте. Заштитата на деца и младите на интернет станува едно од најважните прашања за безбедноста.

Родителите треба на отворен и искрен начин да им презентираат на децата како да користат нови технологии. И за реалниот и за виртуелниот свет на децата им е потребна помош од родителите и нивно насочување. Можеби денешните деца се дигитално пописмени, но вие ја имате животната мудрост на своја страна.

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]