Не им го пумпајте егото на децата

Откако ќе го убедите детето дека е во сè нај и во сѐ подобро од било кој друг, тешко ќе го поднесе судирот со реалноста. Дали и вие мислите дека вашето дете е најдобро, најубаво, најпаметно: Му го повторувате ли тоа по сто пати на ден?

0
325

Денешните деца се најсовршените суштества што одат на Земјата. Суви генијалци, најубави, најпаметни, најспретни, опасни, знаат сè, родени со мобилен телефон во рацете, менуваат канали на телевизорот пред првиот роденден, зборуваат англиски од втора година, ги дриблаат во фудбал и оние постарите, а како само пеат, свират и брилјираат во математика…

Сите од добри подобри, а најдобри се оние кои се долго сакани и долго чекани.

И, додека родителите и некако  успеваат да се задржат на земја, на бабите и дедовците, тоа слабо им поаѓа од рака, па својата воодушевеност од внуците ја претвараат во проблем. Затоа што откако ќе го убедите детето дека е во сè нај и во сѐ подобро од било кој друг, тешко ќе го поднесе судирот со реалноста.

Д-р Етјен Бизен, познат француски психијатар за деца, верува дека децата треба да растат нормално, без идеја за сопствената „големина“ и супериорност, затоа што, за жал, таа постои главно само во нивниот дом. Особено е лошо, додава таа, кога врз основа на нереалните претстави се формираат нереални очекувања, што може да предизвика големо страдање и на детето и на возрасните од неговата околина.

Ако дома немате уште еден шестгодишник кој тренира фудбал, не ги убедувајте вашиот син или внук дека тој е идниот Меси и дека само што не ја добил „Златната топка“, бидејќи тој може да го помине својот прв следен натпревар на клупата за резерви. Како мислите дека ќе се чувствува? Дали тоа ќе ја зголеми неговата самодоверба? Ќе му верува ли на тренерот кој му кажува дека има подобри од него или вам кои сметате дека е најдобриот голгетер кој се родил? – наведува д-р Бизен.

Ако го карате, додава таа, или ако му се потсмевате, ќе му ја уништите самодовербата. Нему му требаат вистина и поддршка, а не критики и нереални пофалби. Објаснете му дека сите ние понекогаш победуваме, понекогаш губиме, понекогаш сме најдобри, понекогаш просечни.

Истото правило важи и за градинка, за училиште, за сите места и за сите односи со врсниците, затоа што е сигурно дека вашето дете или внуче не е во сѐ најдобро и најсовршено. На крајот на краиштата, дали навистина сакате вашиот четиригодишник да оди низ животот со ставот „Јас сум најубав“, а вашиот седумгодишник, само затоа што знаел да собира до 20 пред да тргне на училиште, да тврди дека е најдобриот математичар во одделение – прашува д-р Ети Бизен .

Таа истакнува дека таквите самољубиви деца со нереална претстава за себе честопати имаат проблеми со своите врсници, особено ако наидат на слични на нив, а со оглед на тоа дека ги има сѐ повеќе и повеќе, постојат реални шанси за тоа.

Каков е случајот со вас? Дали и вашето дете е најдобро, најубаво, најпаметно, му го повторувате ли тоа по сто пати на ден?

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]