Неплодноста не е табу тема, неплодноста не е срам

Здружението „До бебе по патот на ИВФ“ е формирано од неколку храбри и млади жени, кои инспирирани од своите лични приказни исполнети со многу обиди да станат мајки, кај некои успешни, кај некои не, се обидуваат да го скршат мразот кој отсекогаш постоел околу темата на неплодноста.

0
316

Здружението „До бебе по патот на ИВФ“ (Ин витро оплодување) е формирано од неколку храбри и млади жени, кои инспирирани од своите лични приказни исполнети со многу обиди да станат мајки, кај некои успешни, кај некои не, се обидуваат да ги урнат стереотипите и да го скршат мразот кој отсекогаш постоел околу темата на неплодноста.

Здружението е формирано во јануари оваа година, а во своето претставување на официјалната веб-страница напишале:

„Дозволете ми да Ви се претставам.

Плод сум на една долгогодишна приказна, приказна која доживуваше свои подеми и падови, среќни и плачливи денови.
Приказна која не се сеќавам ниту точно кога, ниту зошто започна. Но, стана трнлив пат, кој траеше и не се знаеше кога ќе заврши.

На тој пат запознав нови чувства, се соочив со страв од непознатото, немир во врска со иднината, копнеж за она што не знаеш ниту како изгледа, а сепак го посакуваш длабоко, многу длабоко во себе.
Порив што те тера да продолжиш и да не се откажеш ниту пред најголемите предизвици.
Мешавина од страв, храброст, пожртвуваност.
Надеж дека овој пат ќе има успех.
Копнеж по оној збор кој прави животот да добие смисла – родител. Тоа е приказната за ин витро оплодувањето.

И токму кога мислев дека секој е сам на овој пат и никој друг не ја разбира таа болка и празнина, токму тогаш започна мојот живот.

На почетокот само како реална потреба, понатаму како идеја, и на крајот како вистинско зачнување на плод кој е резултат на едно големо пријателство, разбирање и постојана взаемна поддршка.
Сплотеност на неколку различни приказни, приказните на Зоја, Ана и Снежана, вкрстување на неколку различни патишта, а на средината на таа раскрсница се најдов јас…

20.01.2020 година беше денот кога се родив. Моето име е ‘До бебе по патот на ин витро’.“

Во реализацијата на својата програма и цели, ова здружение се држи до принципите: Неплодноста не е табу тема и Неплодноста не е срам.

Тие се тука за себе, за оние кои се уште се борат, како и за оние кои некогаш ќе започнат…
„Разбирањето и поддршката значат многу, да ја пружиме и побараме едни од други.
Затоа сме тука, затоа постоиме.
Затоа се бориме, едни за други, за уште многу нови и успешни приказни.
Затоа што ни е потребно функционално здравство и институции кои ќе ни излезат во пресрет.
Потребно е да го намалиме финансискиот товар.
Затоа што мораме да го олесниме овој пат. Затоа што можеме…Затоа што заедно ќе успееме…“, пишува на нивната страница, на која тие ги повикуваат да им се придружат сите оние кои се соочуваат со овој проблем.

Од минатиот месец (септември), здружението започна со едукативни бесплатни работилници (webinars) кои се дел од проектот „Да зборуваме за ин витро и патот до бебе“.

Работилниците преку платформата StreamYard се во живо на “facebook live” на официјалната страна на Здружението.

Секој кој е член на Фб страната има можност да ги гледа и да учествува во вебинарите. Исто така, секој има можност и да му постави прашање на гостинот.

Работилниците се одржуваат секоја среда и сабота, а започнуваат во претходно договорен временски термин помеѓу домаќинот на работилниците и гостинот. Секоја работилница ќе биде со засебна тема и со еден гостин.

Досега, во рамките на проектот се обработени повеќе теми и дилеми, меѓу кои темите за: Причини за стерилитет и третмани, со д-р Татјана Гуржанова, специјалист акушер, гинеколог и IVF специјалист во Њуборн Клиник; Вонтелесно оплодување со Професор Д-р Зоранчо Петановски, гинеколог-акушер, Шеф на ИВФ оддел во ПЗУ Ремедика; за женската неплодност и очекувањата, со Д-р Владимир Трајковски, специјалист акушер, гинеколог и ИВФ специјалист од Њуборн Клиник; за Дијабетес мелитус и тироидни заболувања како причина за неплодност, со Д-р Катерина Адамова, специјалист интернист, супспецијалист ендокринолог од Универзитетската Клиника за Eндокринологија, дијабетес и метаболни заболувања, и многу други теми кои ги интересираат сите оние кои се соочуваат со неплодност.

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]