Научниците порачуваат: Недостатокот на родителска дисциплина е причина за агресивно однесување на децата

Родителите кои не успеваат правилно да ги дисциплинираат своите деца, создаваат генерации незадоволни и фрустрирани деца, се тврди во истражувањето.

0
167

Учениците имаат двојно поголема веројатност да бидат агресивни и да ги нарушуваат часовите доколку имаат родители кои биле насилни, премногу критични или неконзистентни во воспитувањето, покажува новото истражување.

Спротивно на тоа, децата се однесуваа подобро ако нивните родители ја комбинираат топлината со јасни и конзистентни правила и граници, пренесува DailyMail.

Во истражувањето учествувале 300 семејства со деца на возраст од четири до седум години. Истражувачите, предводени од професорот Стивен Скот, директор на Националната академија за родителско истражување, рекле: „Негативниот стил на родителство, кој се карактеризира со груба, неконзистентна дисциплина, е јасно поврзан со посериозно антисоцијално однесување кај децата“.

Имено, децата чии родители користеле негативна дисциплина имале сериозни проблеми во однесувањето, во споредба со децата од контролната група.

Исто така, студијата покажала дека родителите кои се дистанцирани, далечни и слабо вклучени во одгледувањето и воспитувањето придонесуваат за негативни модели на однесување кај децата.

„Многу деца денес гледаат телевизија пред спиење, наместо да зборуваат со своите родители, да читаат приказни, да пеат песни и да поминуваат квалитетно семејно време заедно. Ова е исто така проблем што не треба да се игнорира”, забележуваат истражувачите.

Понатаму, истражувачкиот тим објавил дека мајките кои биле помалку образовани и имале помали примања, почесто прибегнувале кон негативно родителство.

Лошиот и несоодветен надзор врз активностите на децата исто така е поврзан со лошото однесување.

„Голем број студии покажаа дека грубото родителство ги обучува децата да станат асоцијални“, велат истражувачите. Децата кои пораснале во таква средина имале полоши резултати во училиште и поголема веројатност да прибегнат кон ризични однесувања поврзани со дрога и алкохол.

Истражувачите во заклучокот ја истакнале потребата од едукација на родителите за опасностите од негативното родителство и нагласиле дека дисциплината, комуникацијата и решавањето конфликти се клучни во оптималниот развој на детето.

Фото: Unsplash

[better-ads type='banner' banner='999' ]