Наместо да ја следите процедурата, сменете ја!

Се прашувам, дали е навистина можно дека треба толку долго за да се смени законот за семејство, за да се спречи, да се ублажи, да се забрза и да се смени постапката која ќе ги обележи децата од висококонфликтните разводи, за цел живот?

0
273

Денеска, во просториите на МКЦ во организација на Граѓанската иницијатива за воведување заедничко и одговорно родителство по развод и Првата детска амбасада Меѓаши се одржа тркалезна маса на која стана збор за заштитата на детските права по развод.

На дискусијата присуствуваа претставници од надлежните институции и тоа, Министерството за труд и социјална политика, Заводот за социјални дејности, (претставниците од Центрите за социјална работа од Скопје не дојдоа, иако, токму кон нив е вперен прстот на голем дел од оние кои се засегнати од постојното системско решение околу доделувањето на старателствата врз децата по развод на бракот), како и психолози, адвокати, и претставници на иницијативата.

Беше страшно да се слуша како речиси сите присутни од надлежните институции се согласуваат дека проблем постои, но дека е таква процедурата и, се разбира, законот. Следствено на тоа, нели, сите мораат да ја следат процедурата. И под изговор дека „децата не се заморчиња“ па не треба да се брза со измени на законот за семејство во овој дел, односно, треба да се оди чекор по чекор, се толерира веќе пола век закон кој докажано не е добар за нашите „заморчиња“.

Имено, следејќи ги упорно процедурите и држејќи се за постојниот закон, како „слеп за стап“, државата дозволува и натаму да се случува сето она што веќе се случува, а како резултат на тоа да имаме: родител (читај „татко“, бидејќи најчесто е тоа таткото) кој не си го видел детето 10 месеци, друг кој не си го видел детето 7 години, трет – 20 месеци, итн.

Центрите за социјална работа често се повикуваат на обвиненија на честопати, измислени насилства и манипулации со детето, и склони се да ја поддржат, главно, мајката, а кога ќе се докаже лажноста на обвиненијата, поминале 10,20, 30, месеци и детето, гледајте чудо, се оттуѓило од родителот! И тогаш, дури и да се донесе поволно решение за тој родител, самото дете повеќе не сака да слушне за него.

Додека институциите си ја префрлаат топката и ја следат процедурата, времето си поминува и детето го губи родителот а родителот своето дете.

И додека има строги санкции дури и за недокажани насилства во семејството (се разбира дека не смее да се ризикува тие да се сепак вистинити а ништо да не се преземе), а истовремено, не се презема ништо кога ќе се докаже дека се лажни, кон оној родител кој ги измислил, нема санкции за нив и за психичкото насилство кое тој родител кој се послужил со лажно обвинение, го врши врз својот поранешен партнер.

И така, еднородителскиот систем кај нас упорно се форсира иако е очигледно дека со него судирот помеѓу родителите се зголемува. Истражувањата во некои понапредни држави докажале и покажале дека во ситуација на поделено старателство, тој судир со време се намалува, односно се намалува тогаш кога на ниту еден родител не му се заканува губењето на сопствените деца.

Наместо да прифатиме дека високиот конфликт е неизбежен при развод, наша цел треба да е, тој да се намали, а логично е и не знам зошто надлежните не сакаат да го прифатат ова, па макар и здраво за готово (кога и онака немаме ефикасен постоен систем), дека поделеното старателство дава поттик за соработка на родителите, за преговори, за медијација и за развој на планови за родителство.

Повеќето родители се во состојба успешно да научат како да го минимизираат судирот кога се за тоа мотивирани, а поделеното старателство мотивира, наспроти постојниот еднородителски систем кој предизвикува страв и непријателство кај родителите, кои растат кога им се заканува потенцијално гувење на нивното дете.

Со еднаква стартна позиција на двајца подобни родители кои се изјасниле дека сакаат да продолжат подеднакво да се грижат за своите деца и по разводот, овој страв повеќе нема да постои. Со тоа ќе се намали културата на непријателство која ја создава судскиот спор и антагонистичкиот систем на самостојно родителско старателство кој е како создаден за производство на најлошите можни исходи кога двајца подобни родители сакаат да продолжат да бидат примарни старатели, а не можат да се договорат за родителскиот план па се принудени да се оцрнуваат меѓусебно настојувајќи да си ја задржат својата родителска улога.

Сигурноста на децата во повеќето случаи на разводи најдобро се штити кога се и двајцата родители активно и одговорно вклучени во нивните животи и кога институциите ги поддржуваат во исполнувањето на родителските одговорности.

Ако не се проба со заедничко старателство, туку се продолжи по автоматизам со старата пракса на еднородителскиот систем, неповратно ќе се изгубат голем број деца. Наместо да се теоретизира со години, треба да се направи еден храбар рез и да се смени приказната, па со измените во законот за семејство да им се каже на родителите дека и двајцата имаат и право и задача заеднички да го одгледаат своето дете!

Се прашувам, дали е навистина можно дека треба толку долго за да се смени постоечкиот закон, за да се спречи, да се ублажи, да се забрза и да се смени постапката која ќе ги обележи децата од висококонфликтните разводи, за цел живот?

Драгица Христова
[better-ads type='banner' banner='999' ]