Музикотерапијата е светски тренд што полека се пробива и во Македонија

Според светските истражувања, музикотерапијата служи и како поддршка и реедукација за лицата кои имаат проблеми со комуникација и релација со опкружувањето, придонесува во олеснување на состојбите од аутистичен спектар и го подобрува развојот кај децата. (МИА)

0
247

Дваесет и деветгодишната Христина Станојковска Златковиќ е единствената дипломирана музикотерапевтка од Куманово. Таа пред три години дипломирала на Ателјето за музикотерапија од Бургоња во Дижон (Atelier de musicotherapie de Burgogne-Dijon), Франција. По завршувањето на гимназијата во билингвалната паралелка на македонски и француски јазик и завршувањето на нижото музичко училиште, се одлучила да студира музикотерапија и го продолжила образованието на Конзерваториумот на Гран Безансон на виолина. Паралелно студирала и две години на музикологија на Универзитетот „Франш Комте“ во Безансон, Франција. Љубовта кон музиката и кон психологијата биле главните фактори за да заврши музикотерапија.

– Музикотерапијата е светски тренд што полека се пробива и во Македонија. Наменета е за различни категории лица, позитивно влијае на аутистични лица, лица со тешкотии во развојот и генерално врз психичкиот развој кај човекот. Музикотерапијата е еден тип психотерапија во која се користат музички елементи, ритам, звук, мелодија, хармонија, говорот на телото и слушање музика, која помага да се отвори патот за комуникација од различен вид, вели Станојковска Златковиќ.

Музикотерапијата дејствува на сите возрасти, од пренатален период, па се до длабока старост. Во Македонија, поради недоволна информираност и немање финансиски средства, помалку се применува. Клиентите доаѓаат на музикотерапија со препорака и дијагноза од стручно лице (психолог, психијатар, логопед…). Музикотерапевтот не дава дијагноза, тој работи тимски, а ако има некаков проблем оди на супервизија и се консултира со стручни лица.

– Имаме два вида музикотерапија – активна и рецептивна. Активна музикотерапија е кога лицата имаат тешкотии во изразувањето на своите емоции (користиме различни удирачки инструменти, танцуваме, пееме…), додека, пак, рецептивна музикотерапија е кога лицата се во состојба да ги изразат своите емоции (слушаме избрана музика што кај клиентот може да разбуди различни емоции. Музикотерапевтот е терапевт и музичар. Можеме да држиме групна или индивидуална сеанса. Некогаш клиентите имаат потреба и од двете, појаснува музикотеравтот.

Сеансите траат од половина до еден час. Клиентот се  прегледува преку процес што наликува на интервју, вели Станојковска Златковиќ. Ако има потреба, на прегледот присуствува и психолог. Во текот на прегледот се користи музикотерапевтски прашалник што служи како алатка за следните сеанси. Кога станува збор за дете, присуствуваат и родителите. Музикотерапевтот пред секоја сеанса има зададено дидактичка цел, одредена програма приспособена кон  потребите на клиентот. Не секогаш, но според предвиденото, додава Станојковска Златковиќ, сеансата може да премине во нешто друго, каде што клиентот би можел повеќе работи да каже, да твори или да направи. На крајот од одреден број сеанси клиентот може да побара извештај или мислење на музикотерапевтот. Доколку музикотерапевтот заклучи дека личноста не напредува или, пак, смета дека нема да може да му помогне овој вид терапија, им препорачуваме да се обратат кај стручни лица наменети за таа состојба.

Со оваа професија, според светските истражувања, се воспоставува комуникација со луѓето кои имаат тешкотии, истовремено да најдат стабилност на умот и телото, благосостојба. Музикотерапијата служи и како поддршка и реедукација за лицата кои имаат проблеми со комуникација и релација со опкружувањето, придонесува во олеснување на состојбите од аутистичен спектар и го подобрува развојот кај децата. Ја подобрува физичката и когнитивната активност, ја намалува анксиозноста и го подобрува расположението.

Станојковска Златковиќ вели дека конкретно во Франција многу претставници од доменот на музиката, медицината, како и психологијата, имаат објавено дипломски, тези. Најмногу истражување има околу музиката за опуштање, релаксација, подготовка за сон. Во секоја развиена држава музикотерапијата се применува како дел од целокупниот третман во одделот за психијатрија, неврологија, онкологија, хематологија, реедукација, рехабилитација. Во светот, во секој современ клинички центар има минимум еден музикотерапевт. Стручните лица ја препорачуваат музикотерапијата како составен дел од целокупниот третман за лекување.

Сепак, вели Станојковска Златковиќ, мора да се потенцира дека музикотерапијата не е лек од кој ќе се напиеме и болката  ќе  помине, додавајќи дека на некои сеанси клиентите плачат, а на некои се радуваат.

– Мислам дека музикотерапијата почнува да се применува низ Македонија и тоа многу ме радува. Многу би сакала да знам и да видам на кој начин ја применуваат музикотерапијата, бидејќи секој терапевт има свој начин на пристап кон клиентот. За крај би сакала да кажам дека за секоја терапија треба да помине одреден временски период за да го добиеме саканиот резултат, вели Станојковска Златковиќ.

[better-ads type='banner' banner='999' ]