Мојата битка со болеста ме поттикна да им помагам на луѓето

Од 9-годишна возраст, кога ми беше дијагностициран еден редок вид на тумор на коските. До мојата 16. година имав 7-8 хирушки интервенции и уште толку без отворање. Овој период од детството, воопшто не беше едноставен, но благодарен сум на поддршката од блиските, силната волја, некои необјасниви виши сили и филмовите на Џим Кери и музиката на Мајкл Џексон кои ми ја одржуваа позитивната енергија, вели нашиот соговорник Давор Каракашев.

0
3304

Давор Каракашев е координатор на Проектот на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и меѓународната фондација на Лајонс Клубовите (ЛЦИФ) за децата со пречки во видот, претседател на алумни организацијата на „НОВА“ и голем хуманитарец. Тој е машински инженер но со години активно учествува во низа хуманитарни активности, проекти, едукации, а особено му е драго што последниве години заедно со неговата сопруга и нивната мала ќеркичка се трудат да им помогнат колку што можат на оние на кои им е најпотребно. Тој ни ја раскажа својата животна приказна, како и мотивите и целите на алумни организацијата на средното американско училиште „НОВА“ и досегашните ефекти од проектот на УСАИД и ЛЦИФ.

Кој беше вашиот мотив да се занимавате со хуманитарна работа?

Мелвин Џонс рекол не си постигнал ништо ако не сториш нешто за оние на кои им е потребна помош“. Се согласуваам со оваа мисла, бидејќи пред сè треба да сме луѓе, искрени и добронамерни. Можеби не можеме да им помогнеме на сите, но можеме да му помогнеме на еден. Но, доколку не можеме или не сакаме (во што не сакам да верувам) да помогнеме, барем да не одмагаме. Мојот мотив за филантропски животен стил е базиран на моите лични искуства, а сум ги имал многу.

Каков е вашиот животен пат и професионален пат, по завршувањето на средното образование во НОВА? 

Мојата животна приказна е интересна од повеќе аспекти. Роден сум во 1986. година во Скопје и како еден од многумината од овие генерации научивме вешто да пливаме низ сите промени, програми и ситуации низ годините. За некои работи сум старомоден, но се гордеам што сум производ на старата школа.

Благодарен сум на мојата учителка Фанче која во основно училиште ни ги всади вистинските морални вредности како бон-тон, искрената љубов и почит. Детството ми беше како секое во тоа време. Жмурка, брканица и разноразни игри со другарите во маало, исполнети со смеа. Сѐ до 3 одделение, кога за жал ми беше дијагностициран еден редок вид на тумор на коските (еузинофилен гранулом) кој далечната 1995 година успеа да го дијагностицира проф. д-р. Ѓорѓи Зафировски на кој ќе му бидам благодарен до крајот на животот, бидејќи да не беше тој, јас денес немаше да бидам овде.

И така, од тој Велики Петок 1995. година, од 9-годишно дете, заради сплетот на околностите, морав да се однесувам веќе како возрасен, да внимавам, да учам како новороденче по неколку пати како повторно да се движам, да сфатам дека, за жал, сепак има и деца кои знаат да ти направат сопки иако одиш со штаки или истите да ти ги кријат, па затоа морав дополнително да се пазам и воздржувам поради здравствените проблеми. Со проф. Зафировски се дружевмеуште 10-ина пати сè до мојата 16 година, со краен биланс од 7-8 хирушки интервенции и уште толку без отворање, со што успеав да стекнам солидни познавања од полето на медицината, особено ортопедијата.

Целиот тој период од детството, воопшто не беше едноставен, но благодарен сум на поддршката од блиските, силната волја, некои необјасниви виши сили и филмовите на Џим Кери и музиката на Мајкл Џексон кои ми ја одржуваа позитивната енергија.

И тогаш си реков дека во животот, морам да работам нешто што ќе ги прави луѓето среќни, нешто со што ќе им помагам.

Кога дојде ред да се запишам во средно училиште, изборот не беше лесен. За среќа, меѓународното училиште „Нова нудеше систем со нови можности, кој беше различен и охрабрувачки, а сепак побезбеден од аспект на моите здравствени проблеми.

Се радувам на спомените што ни останаа од часовите кај професорите Тихо (македонски јазик), Венко (математика), Ана (танц), Наташа (биологија и анатомија), а особено на програмата за помош на заедницата, која ме научи дека не мора да станам доктор за да можам да им помогнам на луѓето и да ги направам среќни, барем на еден ден.

Потоа, додека студирав на Машинскиот факултет во Скопје, еден пријател ме запозна со работата на Лајонс клубовите, организација во која со гордост волонтирам од 2005. година. Низ годините активно учествувам во низа хуманитарни активности, проекти, едукации, а особено ми е драго што последниве години заедно со мојата сопруга и нашата мала ќеркичка се трудиме да помогнеме колку што можеме на оние на кои им е најпотребно.

Како машински инженер, 10-тина години работев во семејниот бизнис, Агрометал – компанија која постои 27 години и се занимава со производство на запчаници, редуктори и останати машински делови. Сè уште помагам во семејниот бизнис, иако низ годините имав можности да се занимавам и со менаџмент на настани и да работам како консултант за меѓународен развој и претприемништво. Постдипломските студии ги завршив на Економскиот факултет.

Од пред 3 години, моето хоби стана моја редовна работа и во моментов работам како координатор на Проектот на УСАИД и ЛЦИФ за децата со пречки во видот, еден од најголемите проекти досега во Македонија кој е насочен кон оваа целна група, на што сум особено горд.

Сепак, најгорд од сè сум на тоа што сум татко на Камелија и сопруг на Ирена. Нивната неизмерна љубов, поддршка, смеа и енергија ми даваат сила за секојдневните нови предизвици.

За Алумни асоцијацијата на „Нова“

Претседател сте на алумни организацијата која неодамна ја формираа поранешни ученици во ова училиште…Од кого конкретно потекна идејата за оваа организација и што се промени во начинот на кој функционира од моментот кога го официјализиравте нејзиното постоење?

Идејата за формирањето на Алумни асоцијацијата на „Нова“ мислам дека датира од поодамна или барем е дискутирана во различни кругови, помеѓу соученици од различни генерации. Минатата година, по повод јубилејот 20 години „Нова“, дел од алумните кои порано бевме активно инволвирани во новогодишните претстави со глума или танци, од нашата професорка Ана бевме контактирани дали сме заинтересирани да направиме еден алумни перформанс. Иако агендите на повеќето од нас веќе ни се пренатрупани со редовни обврски и сме излезени од форма, без двоумење го прифативме предизвикот. Месец и половина, десетина соученици од различни генерации активно се подготвувавме и уживавме во целиот процес кој ни беше како издувен вентил, а дури и мојата ќеркичка Камелија беше редовен посетител на пробите. Настанот беше преубав, а и ние како постари и не бевме така лоши (има видеа по јутјуб па слободно видете). Со Алан, другиот претседател на алумни асоцијацијата на „Нова со кој се дружиме долги години и заедно членуваме во ист Лајонс клуб, ја начнавме темата дека треба да направиме обид да ја „живнеме“ алумни мрежата. Во исто време пак, Јован, помлад соученик исто така ја има иницирано темата со вработените во „Нова“ и на општо задоволство, веќе ги имавме првите средби заедно со уште неколку ентузијасти, претставници од своите генерации. На 29. септември го имавме првото собрание, каде се изгласа статутот на асоцијацијата, бордот на управување и логото, со што се официјализира нашето постоење како организација во рамките на „Нова“.

Дали има голем одзив кај поранешните ученици да ви се придружат и колку од вас сте активни чинители во организацијата?

Формирањето на алумни асоцијатијата на „Нова“ беше позитивно поздравено од поголемиот број на активни алумни кои имаат желба да придонесат во организацијата. Право на активно учество во асоцијацијата има секој кој е над 18 години, има поминато најмалку 1 година како ученик во „Нова“ и е регистриран во алумни дата базата. Во моментов имаме преку 200 регистрирани алумни членови и активно работиме на воспоставување на комуникација со што е можно поголем број, со оглед на тоа што за овие 20 години, повеќе од 5000 ученици имаат поминато дел од своето образование во „Нова“, а голем број од нив своите студии ги реализирале на најреномираните универзитети во светот со што и понатамошните професионални кариери ги почнале во други држави. Интересен е фактот што исклучително активни се токму колегите кои се наоѓаат на илјадници километри од Македонија.

На кои проекти работите во моментов со оваа организација?

Главната цел на организацијата е возобновување на „Нова“ алумни мрежата, каде секој заинтересиран алумни може да придонесе со тоа што ќе го остави како наследство и патоказ на своите колеги, но и на новите генерации своето споделено искуство, образовно и професионално, како и можноста за заедничка соработка. И секако, да се обидеме да ни е забавно низ целиот процес.

Досега имаме организирано 2 настани, едниот беше основачкото собрание и неформална дружба каде дел од алумните ги споделија своите животни приказни, времето што го поминале во „Нова“ и секако искуствата стекнати после „Нова“.

На пролет планираме да направиме поголем настан како саем за кариери и работа, каде искусни алумни преку мотивациски говори и презентации ќе ги претстават своите кариери, компании и проекти, кои ќе им овозможат на учениците да се запознаат подобро и одблизу со некоја професија или бизнис кој ќе им помогне во нивната одлука за насочување и усовршување во иднина.

Имаме импресивни приказни од наши соученици кои водат сопствени бизниси, се дел од тимот кои го лансираа роверот за планетата Марс, истакнати млади професори кои работат со Нобеловци, раководители во тимови на познати светски брендови, сите тие заслужуваат внимание.

Планираме и неколку хуманитарни настани каде ќе ја продолжиме и надградиме програмата за помош и одговорност кон заедницата, што функционира во склоп на училиштето.

Ги охрабруваме сите алумни на „Нова“ кои се заинтересирани да придонесат во асоцијацијата преку директна помош и поддршка во настаните или пак доколку имаат свои идеи за дополнителни активности, слободно да не контактираат. Колку сме побројни, толку ќе можеме да бидеме повлијателни.

Вие сте и член на Лајонс клубот. Кои се Лајонси и што прават?

Меѓународната асоцијација на Лајонс клубовите е формирана во Чикаго 1917 години и е една од најголемите хуманитарни организации во светот со преку 1,4 милион членови, 46.000 клубови во речиси сите земји во светот. Важат за витези во борбата против темнината поттикнати од Хелен Келер, активистка за подобри можности за слепите лица, но и поради фактот дека белиот стап во 1930. година е измислен токму од Лајонс член.

Фокусот на делување е во категориите вид, млади, дијабет, глад, детски канцер, животна средина, елементарни непогоди.

Во Македонија постојат повеќе од 20 години, организирани во Дистрикт 132 Македонија кој е составен од 46 Лајонс клубови со околу 900 членови и 13 Лео клубови со околу 180 членови.

Мојата приказна со Лајонизмот ја започнав 2005. година преку Лео клубот „Аксиос“. Во 2011. сум еден од основачите на Лајонс клуб „Феникс“ во кој и денес членувам и учествувам во низа акции во кои помагаме на различни целни групи. Од новогодишни пакетчиња, до донации на школски прибор и хигиенски материјали, индивидуални донации на средства, храна, облека и др.

Низ годините имам извршувано низа функции на ниво на клуб и на Дистрикт, многу едукации во земјата и надвор за што имам добиен бројни признанија и награди кои ми се особено драги. Оваа година сум задолжен како координатор за глобалниот тим за лидерство во рамки на дистриктот и клупски директор. Поздрав до сите Лајонси, особено до оние кои безрезервно, искрено и активно придонесуваат во помагањето на оние кои им е најпотребно.

Проект на УСАИД и ЛЦИФ за децата со пречки во видот

Со Лајонс работите и на проект кој е посветен на деца со пречки во видот…Што е направено досега?

Проектот на УСАИД и ЛЦИФ за децата со пречки во видот е пет и пол годишен проект започнат во октомври 2014. година и се имплементира преку Универзитетот на Југоисточна Европа, финансиран од УСАИД и ЛЦИФ.

Главната цел на проектот е да се зголемат образовните можности за децата со пречки во видот преку писменост и пристап до образование како и рано откривање на евентуални очни болести. Проектот е составен од образовна, медицинска и социјална компонента.

Во рамките на образовната компонента се отворени 5 целосно опремени и функционални ресурсни центри во пет градови во Македонија (Скопје, Тетово, Велес, Штип и Битола) каде деца со пречки во видот посетуваат дополнителна настава. Секој центар е опремен со визуелни помагала, дидактички материјали, зголемувачи на текст, фјузери, Браеви диспеи, Браеви машини, специјални помагала за математика, уметност, наука и сл. Потоа, 120 учебници од основно образование се адаптирани на Браево писмо од македонски и албански јазик, како и дополнителни 20 детски книги, а 70 аудио книги се достапни на нашата веб страна. Имаме континуирана поддршка и обука на 36 специјални едукатори кои работат во ресурсните центри. Се прават и обуки за дополнителни 100+ специјални едукатори и редовни наставници од цела Македонија од сите државни училишта. Се организира квиз на знаење со преку 5.000 прашања од основно образование, прилагоден за децата со пречки во видот. Секој може да го игра квизот сам, со неколку играчи и мрежно. Наставниците имаат привилегија да создадат свој квиз и да го споделат со своите ученици. Инклузивни спортски активности за деца со пречки во видот се одвиваат неколку пати неделно со различни групи на корисници од ресурсните центри, како и од центарот за поддршка на лицата со пречки во видот од Скопје, а постојат и континуирани вон-училишни инклузивни активности за децата со пречки во видот.

Во рамките на медицинската компонента, проектот на УСАИД и ЛЦИФ за децата со пречки во видот соработува со Здружението на Офталмолозите, Државната Универзитетска очна клиника во Скопје, приватната очна клиника Систина Офталмологија“ и очните клиники од другите градови во скрининг активностите.

Проектниот тим на офталмолози, составен од 20 истакнати офталмолози, спроведуваат континуирани очни скрининзи во градинките и некои од основните училишта помеѓу децата од 1-3 одделение. Од 2015. година до сега во речиси сите градови во Македонија, како и во руралните области се прегледани преку 29.000 деца на возраст од 3-8 години или во просек, со 3 скрининг активности неделно.

Членовите на Лајонс клубовите во Македонија континуирано спроведуваат презентации за родителите и дистрибуција на Лајонс програмата за заштита на здравјето на очите (ЛЕХП), поддршка на вон-училишните активности, како и активности за подигнување на јавната свест за предизвиците со кои се соочуваат лицата со пречки во видот.

Во рамките на социјалната компонента проектот отвори Центар за поддршка за лицата со пречки во видот во Скопје, во соработка со Црвениот Крст на град Скопје. Главната цел на центарот се активности и сесии за вештини, како на пример: адаптиран и сертифициран ЕЦДЛ компјутерски курс, часови по основен и напреден англиски и германски јазик, часови по пливање, психолошки советувања, планинарење, готвење, социјализација, споделување на искуства и совети за инклузија и подобрување на системот за социјална и здравствена заштита во Македонија, асистенција при транспорт и мобилност, развивање на вештини, знаења и подготвки за вработување за лица со пречки во видот и слепи лица. Обуки и сесии за поддршка се одвиваат во центарот секојдневно.

Редовни очни прегледи од 3 години, по седмата е доцна за превенција

Имате ли некакви сознанија кои се најчестите проблеми со видот кај децата на оваа возраст со кои се работи во интерес на рано дијагностицирање на проблемите со видот?

Офталмолозите во многу наврати апелираат на родителите за потребата од редовни очни прегледи на своите дечиња од рана возраст, поточно од три години бидејќи за жал по седмата година е веќе доцна за превенција. Во изминатите три години тим на истакнати офталмолози со 15 подвижни ауто-рефрактометри (опрема која за првпат ја имаме во Македонија благодарение на проектот) успеаја да прегледаат преку 29.000 деца, а 18% од нив беа препратени на дополнителен офталмолошки преглед. За помалку од 1 минута, апаратот овозможува со скринингот да им даде повеќе од 8 параметри кои им се потребни на офталмолозите за да утврдат дали тоа дете има добар вид или треба да се јави на дополнителен преглед. Скринингот е корисна и ефикасна метода, а децата одлично соработуваат бидејќи апаратот изгледа како апарат за сликање кој испушта звуци и разни бои. Во соработка со Министерството за здравство работиме на тоа офталмошките прегледи кај децата со наполнети 3 години да станат задолжителни.

Кој ги обучува децата да се служат правилно со сите тие визуелни помагала, дидактички материјали, зголемувачи на текст, фјузери, Браеви диспели и машини?

Тим на специјални едукатори работат со децата со пречки во видот, задолжени за функционирањето на ресурсните центри. Секој едукатор има 10-15 часа неделно дополнителна настава со децата, согласно со нивниот распоред. Часовите се организираат врз база на изготвените индивидуални образовни планови за секое дете според нивните потреби и можности. Особено сме горди и благодарни на едукаторите кои се најзаслужни за описменувањето, рехабилитацијата и работата со децата, постојаната комуникација со останатите наставници и родители на децата.

Како функционираат овие 5 целосно опремени и функционални ресурсни центри во пет градови во Македонија (Скопје, Тетово, Велес, Штип и Битола), колку деца со пречки во видот посетуваат дополнителна настава?

Ресурсните центри се лоцирани во веќе постоечки редовни основни училишта, кои имаат една училница која е адаптирана со најсовремената асистивна технологија за лица со пречки во видот.

Во Тетово центарот се наоѓа во ОУ „Братство Мигени“, во Велес ОУ „Васил Главинов“, Штип ОУ „Ванчо Прке“, Битола ОУ „Климент Охридски“ и во Скопје во единственото државно училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“. Вкупно 70 дечиња ја посетуваат наставата во ресурсните центрите.

Кои се вашите следни планови и активности?

Трансфомацијата на инклузивното образование со поддршка од релевантните институции низ ресурсните центри за пречки во видот како позитивен модел ќе се пресликаат во новиот закон за основно образование.

Континуирана едукација на населенито за потребата од очни прегледи од најрана возраст и спроведување на скрининзите.

Партнерство со приватниот сектор и релевантните институции за самоодржливост и поддршка на одредени активности од проектните компоненти.

[better-ads type='banner' banner='999' ]