Михајло и Лука – речиси исти, речиси различни

Овие дванаесетгодишни близнаци велат дека не сакаат да се облекуваат исто, напротив, освен исти парчиња долна облека која им ја купува мајка им, сѐ друго им е различно. Досега не ја искористиле својата сличност во ниту една ситуација, но не ја исклучуваат и оваа можност

0
299

Многу родители на близнаци ги облекуваат своите деца со идентичен изглед во идентична облека. На некои луѓе ова им е симпатично, но како се чувствуваат близнаците?

Нашите соговорници, дванаесетгодишните Михајло и Лука велат дека нивните родители никогаш не ги облекувале исто, и не им се допаѓа како тоа изгледа кога ги гледаат своите две врснички-близначки од истото училиште во кое учат и тие.

„Не сакаме исти работи и исти бои и секој од нас си има своја јакна, свои тренерки, патики, блузи, маици,…“, вели Михајло.

„Иста ни е само долната облека, но таа ни ја купува мајка ни“, го надополнува Лука.

Со нив се согласуваат и стручњаците кои посочуваат дека близнаците се потполно различни индивидуи и задача на родителите е да ги осамостојат и да ги воспитуваат како различни личности.

Кога ги гледате овие двајца браќа, совладувањето на училишните задачи и обврски изгледа полесно.

„На пример, учиме географија и Михајло ме прашува каде е некоја земја, а јас ја барам на картата“, објаснува Лука.

Тие досега не ја искористиле својата сличност иако, како што велат, сите ги прашуваат дали некогаш го направиле ова за да ги измамат наставниците, другарите, родителите или тренерот по ватерполо, спорт кој двајцата многу го сакаат, исто како и свирењето армоника.

Меѓутоа, тука престануваат сите сличности, па нивните родители, велат, речиси никогаш не ги помешале. На татко им му се случило само еднаш, додека сѐ уште биле мали, додека пак мајка им ги разликувала уште од првиот ден.

Заедно не им е никогаш здодевно, си помагаат, си играат, но и се задеваат.

Велат дека имаат исти другари и слични интереси, но сепак не сакаат постојано да ги споредуваат затоа што се тие сепак посебни личности.

И навистина е така, вели нивната мајка Наташа, која тврди дека никогаш не ѝ се случило да се збуни и без грешка ги разликува не само по надворешниот изглед туку и по однесувањето.

„Ми се случило наместо Михајло, да викнам Лука и обратно, но не затоа што сум ги смешала, туку едноставно сум ги измешала имињата, како што им се случува тоа и на родителите кои немаат близнаци, туку 2-3 деца на различна возраст“, вели Наташа.

Инаку, Михајло и Лука се двојајчани близнаци. Ваквите близнаци настануваат од две одвоени, поединечно оплодени јајце-клетки. Можат да бидат од ист или од различен пол, а генетскиот материјал им е сличен колку и кај кои било браќа и сестри.

Невидливите нишки на заедничкото раѓање ќе ги поврзуваат цел живот, но задача на родителите е да ги осамостојат во различноста.

[better-ads type='banner' banner='999' ]