Македонски накит со папочна врвца, мајчино млеко, косичка, запче…

Она што е тренд помеѓу младите мајки во светот и кај нас го донесе Катерина Габунија, еден од поинтересните изложувачи на базарот за ракотворби кој се одржа минатата недела во галеријата „Колектив“ на скопскиот плоштад.

0
3832

Со изработка на накит од епоксидна смола започнала од лична причина…сакала да го зачува и да го има со себе секогаш омиленото цвеќе на нејзината мајка – темјанушката.

„Барајќи по интернет наидов на овој начин на зачувување на драги предмети. За брзо време накитот предизвика доста внимание и почнаа различни барања. Едно од нив беше и ланче со мајчино млеко и праменче косичка.

Не ветував ништо, но ми беше предизвик да пробам да го направам.

Најпрво доста читав и се советував со луѓе од Америка кои веќе подолг период го работат ова. Така, првото ланче со мајчино млеко беше успешно, а по него веќе имаше доста барања за исти и слични желби. Покрај ланчиња со мајчино млеко, ми бараат и привезоци со папочна врвца, праменче косичка, прво запче, алките од родилиште, дури и првите ноктиња на бебчето“, објаснува Катерина.

Инаку, и таа самата е родител на две прекрасни дечиња. Нејзината ќеркичка е второ одделение и ужива да ја гледа како го изработува накитот и со посебна радост ги дочекува крајните резултати, односно готовиот производ.

Синчето на Катерина има 3 години и бидејќи периодов не оди во градинка, го чуваат наизменично мама и тато.

Се разбира, Катерина и самата има привезоци кои се за неа особено драги. Станува збор за привезок со косичка од нејзиниот син и привезок од првото запче и од праменче косичка од нејзината ќерка.

„Покрај ланчињата со мајчино млеко и папочна врвка, најнеобични и интересни за мене беа привезокот со скорпија и уште еден со пчеличка.

Освен млади мајки, накит од овој тип од неа нарачале и неколку прекрасни баби кои сакале да имаат привезок со праменче косичка од своето внуче, со фотографија од внучето, како и со првото извадено запче.

„Накитот го изработувам од епоксидна смола во комбинација со предмети по желба. Процесот на изработка на едно ланче, во зимските месеци е од 2 до 5 дена, во зависност од тоа што треба да заробам во смолата.

Активно со накит од епоксидна смола се занимавам една година. Сепак, ова ми е хоби бидејќи по професија сум педагог, а работам во НУФЦ ‘Вардар Филм Македонија‘. Многу различни гранки, но секаде се пронаоѓам и секоја работа ме исполнува“, вели Катерина која за изработувањето на накит со епоксидната смола се учела сама.

На базарот за ракотворби во галеријата „Колектив“, освен накитот, Катерина имаше изложено и две фантастични маси.

„Да, на базарот изложив и две маси кои беа соработка со мојот брат кој се занимава повеќе од 20 години со столарија. Комбинацијата на дрво и смола има посебна убавина, едвај го чекам секој нов заеднички проект“, вели таа.

Инаку, со оглед на бројните обврски на работа и дома, Катерина почнала да учествува на базари од овој тип од многу скоро, а накитот го продава на интернет.

„Базарите се еден голем плус кадешто човек може да ги изложи своите изработки, да стекне нови пријателства и да добие нови идеи.Инспирацијата ја црпам најмногу од природата. Секогаш со себе имам книга во која веднаш можам да ставам цвеќенце, ливче или било каков плод што ќе го најдам во природата, а во мене ќе разбуди креативност.

Песокот, морето, школките, шарените камчиња, дрвјата, мовта…сѐ е тоа неисцрпна инспирација“, завршува нашата соговорничка.

Што мислите вие за овој тренд кај младите мајки, да зачуваат спомени од своите деца заробени во накит?

Фото: PS visualart

[better-ads type='banner' banner='999' ]