Македонските пензионери играат аргентинско танго

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на старите лица, во организација на Црвениот крст на град Скопје под мотото „Сите сме нивни деца“, утре (01.10), во МКЦ Клуб ресторанот во Скопје со почеток во 18 и 30 часот, ќе се одржи хуманитарно матине на кое пензионерите ќе ги покажат новостечените вештини. „Бројте ги чекорите, а не годините“, порачуваат тие.

0
629

Денеска ( 30.09.), во Дневниот центар за стари лица „Даре Џамбаз“ бевме сведоци на еден убав настан: Пензионерите, корисници на овој дневен центар ги вежбаа чекорите за аргентинско танго со својот инструктор Ѓоко Вешоски од Струга.

Што научиле ќе можеме да видиме утре, во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на старите лица.

Имено, Црвениот крст на град Скопје годинава го одбележува овој ден под мотото „Сите сме нивни деца“, со хуманитарно матине кое ќе се одржи, утре (вторник) во МКЦ Клуб ресторанот, со почеток во 18 и 30 часот.

Бројте ги чекорите, а не годините, порачуваат пензионерите.

Во рамките на дневниот центар за стари лица во ДХО „Даре Џамбаз” часови по аргентинско танго со инструкторот Ѓоко Вешоски биле одржувани и минатата година.

Според Вешоски, иако се во години, пензионерите кои доаѓаат на овие часови се одлични ученици и брзо учат.

Можеби порано и не играле аргентинско танго, ама танго сигурно. Барем така прераскажуваат оние кои во 60-тите години од минатиот век живееле и танцувале на игранките кои во Скопје се одржувале во Офицерскиот дом.

Меѓународниот ден на старите лица е назначен од страна на Генералното собрание на Обединетите нации на 14 декември 1990 година.   Официјалните податоци говорат дека речиси 700 милиони луѓе се на возраст над 60 години. До 2050 година, 2 милијарди луѓе, над 20 % од светското население, ќе бидат на возраст на 60 години или постари. Имајќи го ова предвид, јасно е потребно зголемено вниманиезна посебните потреби и предизвици со кои се соочуваат многу постари лица. Меѓутоа, исто толку важен е и суштинскиот придонес што поголемиот дел од постарите мажи и жени може да го дадат за функционирање на општеството, доколку се воспоставени соодветни гаранции. Овластувањето на постарите лица во сите димензии на развојот, вклучително и промовирање на нивно активно учество во социјалниот, економскиот и политичкиот живот, е еден од начините да се обезбеди нивна инклузивност и да се намалат нееднаквостите.

Темата за одбележување на Меѓународниот ден на старите лица оваа година Обединетите нации ја фокусира на  изнаоѓање на патишта за справување со постојните и спречување на нееднаквостите во староста во иднина. Една од целите на Агендата 2030 и целите за одржлив развој, е да се обезбеди еднаква можност и да се намалат нееднаквостите во исходот, вклучително и преку мерки за елиминирање на дискриминацијата и зајакнување и промовирање на социјалното, економското и политичкото вклучување на сите, без разлика на возраста, полот, попреченоста, расата, етничката припадност, потеклото, религијата или економскиот или друг статус. Честопати, разликите во староста се одразуваат на акумулираната неповолност која се карактеризира со фактори како што се: локација, пол, социо -економски статус, здравје и приход. Според предвидувањата до 2030 година, бројот на луѓе на возраст од 60 години и повеќе се очекува да се зголеми од 901 милиони на 1,4 милијарди. Во овој поглед, трендовите на стареење и економската нееднаквост комуницираат низ генерациите и брзото стареење на населението, демографските и општествените или структурните промени само можат да ги влошат нееднаквостите во повозрасните години, со што ќе се ограничи економскиот раст и социјалната кохезија.

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на старите лица, Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвен крст ќе организираат активности поврзани со годинашната тема – истакнувајќи ја притоа еднаквоста во староста во сите сфери на општествено дејствување. Едукативни работилници за правата на старите лица, информативни  работилници за прашања од интерес на старите лица, креативни работилници за активна вклученост на постарите граѓани,  се само дел од активностите кои ќе бидат  спроведени по повод денот.

[better-ads type='banner' banner='999' ]