Кое е тоа суштество што ми ги зема мама и тато?

„Сакам братче или сестриче“, е реченица која барем еднаш ја изговорило секое дете. Но, потоа, кога тоа ќе се случи, а во семејството ќе стаса ново бебе, животот на дотогашниот единец комплетно се менува.

0
518

Замислете ја оваа сцена. Вашето новородено бебенце кое штотуку сте го заспале, наеднаш почнува да вреска на целиот глас, а вие забележувате дека вашето првенче го нема во видното поле. Влегувате во собата кадешто спие бебето и ја гледате постарата сестричка како му го штипе рачето со цела сила, а кога ќе ве здогледа, со мило гласче, продолжувајќи со штипкањето, вели: „слатко, слаткооо бебенце“.

Се случува и ова, нели?

Речиси секое дете барем еднаш посакало од родителите да му родат братче или сестриче, но кога тоа навистина ќе стаса, дотогашниот единец открива дека од тој момент ќе мора со новото бебе да го дели родителското внимание.

Првите симптоми на љубомора обично се појавуваат веднаш по раѓањето на бебето, такашто родителите мора да сметаат на нив.

Детето кое дотогаш било центар на светот наеднаш гледа како се појавува некој кој му ги „краде“ родителите. Мајката му е по цел ден посветена на „тоа“ бебе, а ниту таткото не е ништо подобар, затоа што постојано ѝ помага на мајката наместо да си игра со него. Првороденото дете се чувствува запоставено, особено ако често се случува да го испраќаат кај баба и кај дедо. Овој чин често го сфаќа како предавство.

Бебето менува се

Меѓутоа, детската љубомора не се манифестира само кога на свет ќе дојде бебето, туку и подоцна. И не се само помладите деца „жртви“ на љубомората на постарите браќа и сестри. Љубомора е можна и во спротивна насока.

Стручњаците велат дека раѓањето на новиот член на семејството ја менува целата клима во домот, што не може да не се одрази на првороденото дете:

„Љубомората може да биде отворена или прикриена. Во првиот случај, поголемото дете признава и покажува дека бебето му пречи, додека во другиот – се повлекува во себе, почнува да грицка нокти, да си ја кубе косата, да ги уништува играчките, да мочка во кревет, да се однесува агресивно.

Понекогаш како последица на ова се појавуваат и нагли алергии или исфрлување на кожата.

Родителите мора да имаат разбирање за своето дете и да најдат време за него, да го погалат, да поразговараат со него и да му објаснат дека бебето не му е „закана“.

Експерите препорачуваат да не се обидувате насила да го заинтересирате за сестричката или за братчето, затоа што тоа уште повеќе ќе го оддалечи од вас. Наместо тоа, суптилно предложете му, одвреме навреме, да ви помогне околу бебето. Тоа ќе направи да се чувствува важно, што би можело да го ублажи чувството за ривалство.

Првороденото дете може да го доживува сестричето или братчето како конкуренција и кога ќе помине „бебешкиот“ период.

Децата имаат потреба да бидат најдобри во очите на родителите, а прв конкурент им е братот или сестрата.

Не е важно дали е помлад(а) или постар(а), туку колку им „пречи“. Такашто, кога родителите ги споредуваат своите деца, од нив прават непријатели.

Токму родителите ја поттикнуваат љубомората кога во детските кавги ќе заземат страна, упорно бранејќи го едното дете, правејќи го жртва, а другото-насилник. Се случува и помалото дете да е љубомотно на постарото затоа што родителите постојано му зборуваат дека е мало и дека ништо не знае. Во семејство со повеќе деца, борбата е уште поинтензивна, затоа што има повеќе „конкуренти“.

На почеток се манифестира преку грабање на играчките, а потоа почнуваат пожестоки кавги, сплетки па и тепачки.

Но колку што е разликата помеѓу децата поголема, помал е ривалитетот помеѓу децата. На пример, на ученик кој е шесто одделение сигурно не му пречи сестрата која се уште не тргнала во училиште. Тој веќе си има свој живот, обврски, друштво, интереси и потреба за слобода, а таа е се уште мала за да му поремети било што.

За да се стивне љубомората помеѓу децата, потребно е правилно родителско воспитување.

Направете од своите деца пријатели, наместо непријатели. Не барајте од нив да се издаваат меѓу себе. Секогаш е подобро, ако е веќе потребно, тие да бидат на една страна, а вие на друга, затоа што ова ја негува нивната солидарност и го брише ривалството.

[better-ads type='banner' banner='999' ]