Кога се разведуваат маж и жена, се разведуваат и нечии мајка и татко

После разводот, мажот и жената престануваат да бидат партнери, но не престануваат да бидат родители, согласни се психолозите и психијатрите, a оние со кои разговаравме, генерално, сметаат дека најдобра опција за децата после разводот, е споделеното, односно, заедничкото родителство.

0
1841

Истражувањата покажуваат дека во нашата држава, по разводот на бракот, и центрите за социјална работа и судовите, најчесто, кога станува збор за доделување на старателство врз децата, им даваат предност на мајките.

На пример, во периодот од 2014. до 2016.година, судот одлучил за доверување на детето на мајката во 2.529 случаи и само во 503 случаи- на таткото.

За жал, никаде нема информации, во колку од овие случаи и двајцата родители биле подобни за заедничко родителство. Врз основа на што судовите носат одлуки за старателство на едниот родител кога се и двајцата подобни за тоа?

Ако и мајката и таткото се подобни за старателство, зошто тоа не би можело да биде заедничко, па детето да минува подеднакво време и со едниот и со другиот родител?

Во земјите како Шведска, Белгија или Франција, доволно е само едниот родител да побара заедничко родителство, и ако за тоа постојат услови, барањето се одобрува. Многубројни истражувања покажуваат исклучителна важност од рамноправно учество на мајката и на таткото во животот на детето.

Светски искуства

Заедничкото родителство, модел кој веќе 30 години функционира во скандинавските земји, е „лизгаво“ подрачје. Најчесто, барем до неодамна, тоа беше и првиот коментар на стручњаците на темата – заедничко родителство после развод.

Според светските искуства, под ова се подразбира детето да поминува подеднакво време со двајцата родители. И доколку не е можно тоа да е пола-пола, тогаш барем со секој родител да минува минимум 35 отсто од времето. Ова е сосема вообичаена пракса во скандинавските земји.

Кај нас ваквата идеја често наидува на неодобрување и се смета дека е за детето збунувачки ако поминува подеднакво време со двајцата родители, ако има две куќи, две соби, итн.

Еднородителски семејства

Кај нас е востановена практика детето да му се даде на едниот родител, а другиот да учествува минимално во грижата и воспитувањето. Секако, често со ова се сложуваат и родителите, но проблем се случаите кога родителите сакаат да практикуваат заедничко родителство, но немаат поддршка од системот. Раширено е мислењето дека татковците се тие кои бегаат од обврските кога станува збор за воспитувањето на децата, дека не сакаат да учествуваат и дека едвај можат да ги натераат да плаќаат алиментација.

И факт е дека има многу такви примери, но тоа не значи дека нема и такви кои сакаат да им бидат добри татковци на своите деца, но тоа не им се дозволува и се применува „иста мерка за сите“.

Засега, во речиси 90 отсто од случаите, децата по разводот остануваат со мајката, било затоа што татковците не бараат старателство затоа што се однапред обесхрабрени или затоа што центрите за социјална работа и судството сер понаклонети кон ова решение. Со ова многу татковци се ставаат во дискриминирана положба и неволно се одвојуваат од децата.

Растењето во еднородителски семејства не е во најдобар интерес на децата затоа што како што покажале истражувањата овие деца подоцна во животот имаат многу повеќе психички, социјални и здравствени проблеми во споредба со децата кои растеле под влијание и заштита од двајцата родители.

Кај нас ретко или речиси никогаш (чест на исклучоците), се случува родителите да се договорат заеднички да сегрижат за децата, затоа што мајките знаат дека можат да ги добијат децата само за себе, а некои од нив потоа им попречуваат на татковците или целосно им ги ускратуваат и онака ретките видувања со нив. На овој начин децата се оттуѓуваат од родителот, а тоа оттуѓување е од психолозите препознаено како насилство над детето кое влијае на неговите когнитивни способности, успешноста за социјализација, емоционалната зрелост.

Заедничко и одговорно родителство

Прим д-р Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ, невропсихијатар, субспецијалист по болести на зависност, (ECP) европски сертифициран-семеен и системски психотерапевт, директор на Институтот „Алтернатива“, вели дека кога едниот родител сака да го избрише другиот родител, оневозможувајќи му контакт со детето, тој брише и половина од детето во неговата психолошка структура, бидејќи „секое дете е пола мама, пола тато“.

„Мора да се работи на тоа родителите да разберат дека сите брачни проблеми мора да ги решаваат без вовлекување на децата, и мора да разберат дека ако им сакаат добро на своите деца, мора да се издигнат над приказната за бракот и партнерството, и да почнат да соработуваат како родители, зашто само така ќе обезбедат двете половини на децата во мир и спокој да се надополнуваат и децата безбедно да растат и да се развиваат. Затоа мора да им помогнеме на родителите по разводот да ги залечат своите рани и да почнат да се грижат за своите деца, да направат што е можно помалку промени“, вели Гајдаѕис Кнежевиќ.

Како решение, експертите главно се сложуваат дека децата треба да продолжат со блиските контакти со двајцата родители и ја поддржуваат иницијативата за заедничкото старателство како можност за функционално родителство.

„Ја поддржувам оваа иницијатива, затоа што навистина начините на кои денеска институциите ги определуваат видувањата со децата, не се во ред. Недозволиво е детето да се гледа два часа месечно со едниот родител и затоа сметам дека треба да се почне токму од менувањето на оваа пракса.

Заедничкото родителство треба да е прва опција по разводот ако навистина се грижиме за децата, секако, со преиспитување на сите други ризици, и не секогаш како единствена можност, но секаде кадешто е можно, а во висок процент, тоа е можно. Мислам дека треба да се има заедничко старателство врз децата со постоење на паралелни психо-едукативни групи и советувалишта кои ќе им помогнат на родителите да почнат да ја прифаќаат трајноста на родителската улога на другиот родител, бидејќи тоа е улога која е трајна и незаменлива.

Останува фактот дека бракот го склопуваат двајцата партнери и двајцата го разведуваат и тоа нема никаква врска со децата. Тие не се составен дел од бракот, тие се негов производ, и како што родителите кога влегле во брак не ги прашале своите деца дали да влезат затоа што тие не ни постоеле тогаш, и кога излегуваат од него мора самите да ја донесат одлуката и да не ги вовлекуваат децата во стапица тие да бидат фактор на стабилност затоа што е тоа претешко бреме за децата и ги забавува во нивниот нормален раст и развој“, вели Гајдаѕис Кнежевиќ.

Нејзината колешка Вида Гаврилоска, психолог, семеен и системски психотерапевт, тренер од Институтот за брак, семејство и системска пракса – АЛТЕРНАТИВА,  пак, вели дека споделеното родителство има и предности и маани. Во овој период, смета таа, на детето му е потребна стабилност  и сигурност, но и видување и вклучување на двата родитела.

„Степенот на адаптибилност кај децата ќе зависи од степенот на адаптибилност на родителите. Не е добро детето да биде час ваму час таму, зашто во еден дом владеат едни правила, во друг дом други правила, па најдобро е партнерите меѓу себе да успеат, без институции, без закани и вмешување на детето, да се договараат каде ќе биде детето, дали во тек на работната недела ќе биде таму кадешто е поблизу до училиштето и слично“, вели Гаврилоска која смета дека децата мора да имаат контакт со двајцата родители, но дека нејзиното искуство покажува дека во некои ситуациидетето одбива да го види другиот родител.

Таа смета дека иако е ставот на децата битен, сепак, возрасните сетие што треба да одлучат.

Според Марија Стефанова, психолог, психотерапевт, специјалист по менаџмент на човечки ресурси во психолошкото советувалиште и консултативно-едукативниот центар „Петар Пан“, децата имаат потреба од сигурност и поврзаност со родителите.

„Во услови на развод се менува сигурноста, бидејќи домот останува без најмалку еден член, но најважно е да остане поврзаноста помеѓу децата и родителите. Децата се многу поприлагодливи од возрасните. Не гледам проблем во тоа тие да имаат два дома сѐ додека од страна на двајцата родители го добиваат потребното внимание, грижа и љубов, а со тоа ја добиваат и сигурноста.

Еден дом е најпосакуваната и најздравата варијанта за развојот на децата, но во услови на развод, не можеме да зборуваме за идеална ситуација, бидејќи разводот не е тоа, посебно кога станува збор за децата.

Иницијативата за еднакво родителство после развод што е сега актуелна кај нас, ја поддржувам во интерес на децата, бидејќи на тој начин со закон ќе биде овозможено рамноправно родителство и по разводот. Сметам дека е потребно да се донесе таква измена на законот за да се избегне манипулацијата што ја прават родителите преку своите деца во фаза на развод, а и по него.

Според мене, не би требало да има ограничување во гледањето со другиот родител и секако најдобро би било да постои договор помеѓу двајцата родители околу тоа, бидејќи за детето е важно и двајцата родители да се вклучени во неговиот живот. Децата кои се чувствуваат сакани и прифатени, во кои се вложуваат во секојдневните активности и двајцата родители, полесно ги надминуваат проблемите предизвикани од разводот“, вели Стефанова.

Според Надица Скепароска-Петковска, магистер по Клиничка психологија и практикант на Трансакциска психотерапија во советувалиштето Мозаик,  заедничкото родителство е одличен концепт кој бара соодветна подготовка и организација.

„За спроведување на тој концепт покрај законските измени сметам дека се неопходни мерки како медијација и советување со родителите. Кога брачниот пар се разведува, се прави поделба на имот, поделба на обврски, активности, финансии и слично. Во одредени случаи е потребна и психотерапија за помош во надминување на некои чувства кои при разводот се активирале кај двајцата родители.

Проблеми и потешкотии може да има во делот организација и договори помеѓу родителите. Заедничкото родителство бара многу трпение, правење договори, нивно почитување и компромиси. Во таа насока ќе биде потребно да се работи со родителите, а паралелно и со децата“, вели Скепароска-Петковска.

Според Гајдаѕис Кнежевиќ и нејзината колешкаГаврилоска, радува тоа што сѐ почесто има партнери кои пред да донесат одлука за развод доаѓаат и се обидуваат да работат на подобрување на брачната релација, што порано не било случај. Потоа, тука се и оние кои веќе ја почнале приказната за разводот, но доаѓаат за да видат на кој начин можат да си помогнат себеси и на своите деца и понекогаш тоа сепак и не завршува со развод затоа што во текот на психо-терапевтскиот процес тие можат да донесат одлука дека има сѐ уште материјал да останат заедно и да ја надминат кризата во која се наоѓаат.

Последици од разводот кај децата

Во однос на последиците кај децата, Гајдаѕис Кнежевиќ вели дека со оглед на тоа што некогаш родителите не успеваат да ја видат детската перспектива во целиот тој процес, децата, не можејќи да се справат со ситуацијата, ќе произведат некој симптом, па дури тогаш родителите ќе се сетат дека треба заеднички да работат и да ги решаваат здравствените проблеми на своите деца, а тогаш е се многу посложено и потешко.

„Кога ќе дојдат во пубертет децата развиваат некои форми на зависности, а кога се помали, имаат ноќни кошмари, фобии од училиште, неуспех во училиштето, социјална изолација, сето тоа се начини на кои децата, кога не можејќи со зборови да кажат што се случува со нив, почнуваат да го кажуваат тоа со однесувањето, Ова е типична слика и делува како сигнал за одредени родители да почнат да соработуваат како родители.

Децата неоправдано, скромно малку, се гледаат со родителот кој го нема старателството и тоа не е добро. Факт е дека во таквите случаи се случува децата да се индоктринираат, инструментализираат, да се дисквалификуваат родителите помеѓу себе, децата да се доведуваат во конфликт на лојалност. Сето тоа ќе има далекусежни последици, не само на децата во нивниот развој како деца, туку и на нивните идни одлуки кои ќе ги носат како возрасни луѓе, во изборот на партнер, во односот кон партнерот,  односот кон своите деца“, вели Гајдаѕис Кнежевиќ.

Според Гаврилоска, децата кои не можат јасно да ги кажат работите, или да ги изразат своите чувства, тоа го прават на друг начин. Децата на предучилишна возраст пројавуваатнепослушност, или препослушност, регресивно однесување, одбиваат да одат во училиште, чувствуваат револт кон родителот, а адолесцентите се движат во екстреми, или се препослушни или пак развиваат различни зависности, рано воспоставувањена релации и слично.

Гаврилоска вели дека се децата можеби поподготвени, односно, полесно би ја поднесле смртта на родителот, отколку разводот на родителите, зашто разводот е загуба на повисоко ниво.

„Психолошки, во една од фазите во разводот е поприфатлива дури и загуба на родител отколку развод или напуштање од родителот. Во почетните фази препорачливи се чести, а кратки видувања со родителот кој не живее во домот. Во однос на детето препорачливо е што е можно помалку промени (промена на дом, училиште, раздвојување на браќа и сестри) но има индивидуални разлики“, вели таа и додава дека разводот влијае на децата пропорционално со степенот на конфликтност или дисфункционалност кај брачниот пар.

„Емотивното страдање е секогаш присутно но без висок степен на ризик за поголеми потешкотии кај бракови кои биле пофункционални.

Кај неконзистентни семејства децата може да ја превземат контролата и моќта.

Првата година од разводот е доста критична особено за единците поради тоа што немаат со кого емоционално да се поддржат.

Предучилишните деца, од 2 до 4 години се чувствуваат загрозени, уплашени дека може да го изгубат домот и другиот родител, често чувствуваат вина за разводот. Децата на возраст од 5 до 8 години се чувствуваат запоставени, тажни, а страдаат и нивните врснички и училишни релации.

Конфликтот на лојалност кој го бараат родителите -вербално и/или емоционално, уште повеќе ги комплицира работите.

Кај децата од 9 до 11години може да се јави силно чувство на лутина кон оној родител кој „заминал“, чувство на срам, бес, гнев. Но и амбиваленција кон оној родител со кого живеат.

На возраст од 12 до 18 години ја истакнуваат својата независност на различни начини, од агресивно до премногу одговорно и стапуваат во психолошки брак со еден од родителите како извор на поддршка, лојалност и разбирање.

Но најчесто се движат низ два екстрема; стремејќи се кон совршеност за да не задаваат дополнителни грижи и сокривајќи ја и потиснувајќи ја својата болка и тага па сѐ до крајно провокативно и проблематично однесување со што праќаат порака „ако ме оставаш, направи го тоа сега, го заслужувам“, објаснува Гаврилоска.

На децата им се потребни цврсти врски со двајцата родители

Според Стефанова, за здрав социјално-емоционален развој на децата им се потребни сигурни и цврсти врски со нивните родители. После разводот, мажот и жената престануваат да бидат партнери, но не престануваат да бидат родители. „Разводот не е настан, тој е процес во кој се засегнати сите членови на едно семејство. Искуството од разводот е индивидуално. Писателот Душко Радовиќ вели: „кога се разведуваат маж и жена во исто време се разведуваат и нечии мајка и татко“. Подеднакво е важна улогата и на оној родител кој не живее со децата, колку што е важна на оној што останува да се грижи за нив. Контактот и присуството на родителот во животот на детето е потребен и возможен дури и после развод“, вели таа.

Според неа, во пракса, најчесто, бившите партнери, после разводот стануваат непријатели и не овозможуваат здрави услови за развој на своите деца со тоа што забрануваат или оневозможуваат средби и контакт на другиот родител со своето дете.

„Покрај возраста на детето на тежината нанадминување на разводотна родителите, влијаатдруги услови. Но, се разбира и дека возраста игра огромна улога. Детето кога е мало, на возраст од околу една година, полесно го прифаќа отсуството на родителот отколку дете на предшколска или школска возраст. Од друга страна пак, многу е важно да се напомене дека на прифаќање и надминување на кризата која ја предизвикува разводот многу е важна подготвеноста, т.е обезбедувањето на услови за соопштување на големата и важна одлука.

Се разбира дека, ако детето е на адолесцентска возраст, општата збунетост што природно ја следи оваа фаза во развојот ќе биде отежнувачки фактор во прифаќање и надминување на оваа криза. Но, исто така, децата на оваа возраст се многу посвесни и позрели за разговор и објаснување на ситуацијата отколку децата на помала возраст.

Секоја возраст има свои специфичности и на секоја возраст треба внимателно да се создадат услови во кои детето ќе го добие потребното време, љубов и внимание за да може полесно да ја надмине кризата предизвикана од разводот на двајцата родители“, вели Стефанова.

Според неа, за децата, а и за надминување на оваа криза, многу е важно двајцата родители да останат во добри односи, бидејќи родителството е многу важна тема околу која тие цел живот ќе бидат поврзани, без разлика на тоа што престанале да функционираат како партнери.

Исто така, многу е важна усогласеност на ставовите во воспитувањето на децата.

„За жал, при развод е многу честа манипулацијата преку децата. Тогаш, децата се фатени во „замка“ на лојалност кон еден од родителите.

Тоа може да резултира со тага, бунт, лутина.

На пр., многу чест извор на лутина кај децата претставува обезвреднувањето на нивната потреба за љубов и внимание од другиот родител. Исто така извор на лутина и бес може да биде неизвесноста околу достапноста до другиот родител. Ова е многу чест пример кога едниот родител забранува гледање на децата со другиот родител, сакајќи на тој начин да го „казни“ поранешниот партнер, не внимавајќи притоа на децата“, објаснува таа.

Скепароска-Петковска вели дека дел од децата после разводобично пројавуваат промени во поведението, анксиозност или депресија.

„Промените во поведението може да бидат во насока на повлекување и избегнување на социјални интеракции со други деца или возрасни. Анксиозноста може да биде проследена со чувство на страв и зголемена приврзаност за родителот со кој детето живее, тага и страв кога се разделува со родителот со кој повремено остварува средби. Кај одредени деца може да дојде до појава на агресија насочена кон врсниците или кон членови на семејството. Кај помалите деца до 3.годишна возраст може да се појават или интензивираат тантрумите и интензивното плачење. Кај училишните деца се забележува опаѓање на концентрацијата и вниманието и намалување на училишниот успех и постигнување.

Кога родителите се разведуваат децата вообичаено размислуваат во неколку насоки: „Јас сум виновен/а, поради мене се разведуваат. Нешто не е во ред со мене. Што можам да направам да ги вратам повторно заедно моите родители?„. Размислувајќи на тој начин кај децата се јавува чувство на вина и нивната самодоверба значително опаѓа. Детското размислување во врска со реалната ситуација е честопати поткрепено и со фантазии и на тој начин децата носат рани одлуки кои понатаму се рефлектираат низ целиот живот:

Не смеам да бидам важен, моите желби и потреби не се важни

Не смеам да бидам близок, ако се зближиш со некого може да бидеш оставен

Не смеам да припаѓам на група, семејство и сл.

Не смеам да чувствувам или да покажам одредено чувство.

Тие рани одлуки ја одредуваат динамиката на животот и самодовербата а воедно  влијаат на одлуките кои подоцна како возрасни ги носиме. Детето кое живее со гореспоменатите рани одлуки, може да има потешкотии со адаптација во врснички групи, потешкотии при формирање на емоционални врски, потешкотии во адаптација во работни услови, може да се чувствува инфериорно, може да изразува бес или лутина на несоодветен начин, може да живее со стравови и слично“, вели Скепароска-Петковска.

Во нејзината пракса се соочила со најразлични животни приказни, од татковци кои се борат по институционален пат да добијат право на почесто видување со детето, случаи каде таткото и мајката комуницираат преку службите без никаков личен контакт, до случаи каде мајката и таткото заедно со детето после развод остваруваат заеднички средби и прошетки во интерес и за добробит на детето. „Токму овие последните ни даваат надеж дека е можно и после развод детето да ужива во вниманието на двајцата родители и да поминува квалитетно време со нив“, посочува Скепароска-Петковска.

Драгица Христова

„Изразените гледишта во никој случај не гирефлектираат гледиштата на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.“

 

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]