Кога може да се плаќа за трето дете, зошто да не им се помогне на оние кои копнеат барем за едно?

Ова е прашањето што го поставуваат Зоја Самандова Петрушева, Маја Филиповски, Катерина Тасевски и Ана Андреевска, четири жени кои ги споила заедничката борба за бебе по патот на ин витро, во здружението „До бебе по патот на ИВФ“. Една од главните цели на нивното здружение е да се зголеми бројот на ваучери за прво дете, имајќи предвид дека има голем процент на жени кои се исцрпени и финансиски и психички од неуспехот на многу повеќе од трите ИВФ процедури кои ги покрива државата.

0
1478

Здружението за хумана репродукција и биопотпомогнато оплодување „До бебе по патот на ИВФ“ е релативно младо здружение основано по иницијатива на  Зоја Самандова Петрушева, чија лична приказна ѝ била најголем мотив да го основа ова здружение.

Зоја која станала мајка после 12 години тежок пат, дури со седмото ин витро, точно знае како изгледа патот на оние кои немале среќа да станат мајки со првата, втората или третата и последна ИВФ процедура, што ги покрива државата.

Претседателката на Здружението Зоја Самандова Петрушева со синчето

До бебе по патот на ин витро ја споило со уште три жени со ралични приказни зад себе во борбата за потомство, успешни и неуспешни приказни, во кои без исклучок стои големо количество љубов, посветеност и пред сѐ огромна пожртвуваност, борбеност и храброст во желбата да се стане мајка.

Зоја Самандова Петрушева, Маја Филиповски, Катерина Тасевски и Ана Андреевска се јадрото на ова здружение со тенденција да ги обедини сите жени, како и нивните партнери, кои го одат мачниот и за жал, честопати финансиски и емотивно исцрпувачки пат до родителството.

„Потребата за основање на Здружението во јануари годинава произлезе од заедничката цел на секој поединец и двојка, кои се приморени да дојдат до потомство  исклучиво  преку ин витро процедурата и остварување на правото на родителство по полесен пат, како емоционално, така и од финансиска гледна точка. Со оглед на тоа што, за жал, сѐ уште постојат одредени предрасуди, мотивот беше и да се подигне свеста на јавноста за самиот процес на ин витро.

Сведоци сме за сѐ почестите проблеми со кои се соочуваат двојките и поединци при обид за потомство. Се смета дека во нашата држава инциденцата на инфертилитетот е поголема од 20%, односно дека секоја трета двојка има проблем со плодноста.

Според светските статистики, во 40 отсто од случаите причината е кај мажот, во 40 отсто  кај жената и во 20 отсто од случаите репродуктивните проблеми се од општа природа од необјаснива причина , таканаречен идиопатски стерилитет.

Кај овие двојки најчесто единствено решение е до бебе по патот на ИВФ. Ин витро фертилизацијата ( ИВФ) е многу успешна опција за сите двојки кои имаат проблем со неплодност, кога сите останати методи за забременување на жената се исцрпени. Тоа е постапка во која јајце клетката се оплодува  (фертилизира) со сперматозоидот надвор од телото на жената во лабораториски ( ин витро ) услови. Ин витро оплодувањето се практикува како терапија на неплодноста тогаш кога не постои ни еден друг начин да се излекува стерилитетот и оваа метода претставува круна на лекувањето на неплодноста, а за многу двојки и единствен пат до родителство.

Меѓутоа, многу често проблемот е во тоа што Фондот за здравствено осигурување  покрива и ограничува само три ИВФ процедури, а на многу жени им се случува да не успеат да се остварат како мајки дури ни после седум. Во споредба со земјите во регионот каде законските регулативи за прво дете се пофлексибилни и дозволуваат можност до шест ваучери ( Словенија, Хрватска),  пет ваучери ( Босна и Херцеговина ) и неограничен број на ваучери во Србија која во моментов има најдобра законска регулатива“, вели Зоја.

Оттука, тие како здружение имаат за цел и во нашата држава да се зголеми бројот на ваучери за прво дете.

„Немаме ништо против, но изгледа малку неправедно да се плаќа за трето дете, а да не им се помогне максимално на оние чија цел е да станат родители барем еден единствен пат“, додава Маја.

Маја Филиповски, член на УО на здружението

Според нив, многу е поголем процентот на жени кои ги искористиле тие три ваучери за прво дете и многу е поголем процентот на жени кои зад себе имаат по најмалку 7 ин витро постапки и сѐ уште се на овој пат.

„Исцрпени и финансиски и психички од неуспехот, и постојано во трка да соберат пари за уште еден обид. Влезени во кредити, позајмици, некои продаваат имоти, станови, итн. А да не го занемариме и фактот дека се здравствено исцрпени од секоја постапка. Со оглед на исцрпувачките финансиски трошоци со кои се соочуваат двојките при постапка на приватни ИВФ процедури , со надеж сме дека Фондот за здравство ќе изнајде начин да им помогне на овие двојки и поединци кои очајнички се борат за прво дете. Упорно ќе бараме и веруваме дека ќе имаат слух за овој проблем и дека ќе го зголемат бројот на ваучери за прво дете. Нема да отстапиме од тоа барање, ниту пак ќе дозволиме да не ја реализираме нашата цел – да се зголеми бројот на ваучери за прво дете. Од прашањето за наталитетот во нашата држава не смее да се бега, не смее да им се затвара вратата на луѓето кои имаат желба да станат родители.

Нашето здружение работи и ќе работи напорно за изнаоѓање начини и средства за подигање на свеста, како кај граѓаните, така и кај надлежните институции за олеснување на  процесот на ИВФ. Моментално поради Ковид ситуацијата започнуваме онлајн презентации, едукации преку вебинари со специјалисти во областа на ИВФ, трансфузиолог, ендокринолог, психолог, нутриционист, јога инструктори, специјалист по традиционална кинеска медицина во областа на акупунктура и со секој кој би сакал да соработува со нас како здружение и да им помогне на пациентите преку вебинарите кои ги планираме“, велат нашите соговорнички Зоја Самандова Петрушева и Маја Филиповски.

Тие веќе направиле контакти и склучиле Меморандум за взаемна соработка и со здруженија од ист карактер од соседните земји. Во тек се  и преговори за склучувањеиле Меморандуми за соработка и со нашите приватни клиники за ин витро фертилизација, а во тек се и преговорите за соработка со општини, институции, компании, фирми, претпријатија, итн.

„Во февруари годинава аплициравме за членство во Fertility Europe и бевме поканети на нивниот годишен собир во Мадрид во март, за да се претставиме како здружение и со презентација да конкурираме за членство, но со оглед на пандемијата која не зафати на глобално ниво беа откажани сите средби/состаноци и патувања. Но деновиве, поточно на 5.јули бевме поканети да присуствуваме на онлајн состанокот на Fertility Europe каде беа присутни нивните членови, претседатели на здруженија од секоја држава и самите претседател и потпредседател на Fertility Europe. Се претставивме и направивме кратка презентација за нашето Здружение, нашите цели и планови, законската регулатива на нашата држава во однос на ин витрото и проблемите со кој ние пациентите се соочуваме.

 

Едногласно беше одобрено и членството на нашето здружение и ние станавме дел од фамилијата на Fertility Europe.

Набргу започнуваме и со издавање на списание чиј концепт и содржината сега засега ќе ги зачуваме како тајна, но веруваме дека ќе им се допадне на сите. Право на членство во Здружението има секој граѓанин на Р.С.Македонија.

Сакаме и ќе се трудиме да успееме во нашите планови и цели, да се издигнеме и да бидеме претпознатливи како здружение од овој тип. Влеговме во сето ова со голем ентузијазам и желба да направиме и промениме многу. Веруваме дека ќе успееме во сето тоа. Полека, но сигурно ќе дојдеме до целта. Заедно сме посилни и само заедно ќе успееме да се избориме за нашите права“, порачуваат од здружението.

Инаку, официјалната веб страна на здружението е: [email protected]

Нивната официјална Фејсбук страница можете да ја најдете ТУКА.

 

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]