Илина Чолак, девојка со стотици идеи и само две вешти раце

Нејзиниот шопинг најчесто се состои од потрага по стара облека која ја рециклира и од која прави постојано нови и нови приказни, а дома при рака секогаш има барем два-три топа материјал. Последниве две години ужива во своите ангажмани како костимограф во куси и долгометражни филмови и реклами. Следниот проект е реклама за „Мерцедес“

0
1196

Пред 5-6 години бев на гости во Љубљана и ја запознав девојката која ми ја претставија како Илина. Патем, ми кажаа дека ѝ е ќерка на колешката со која работевме во екипата на поранешниот неделник „Денес“ и дневниот весник „Македонија денес“, Јасна Франговска.

И наеднаш ми светна. Илина е истото она девојче кое со ролерки влетуваше во просториите на нашите две изданија, кои беа толку големи што душа беа дале за возење ролери. И таа максимално ги користеше. Не сум сигурна колку години имаше, ама дефинитивно беше тинејџерка. Денеска е таа дипломиран моден дизајнер, а наскоро и ќе магистрира на темата Филм Ноар.

Илина завршила во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“  во Скопје, а потоа се запишала на факултетот за моден дизајн во Љубљана. Таму живее од 2005.година и во нејзиниот начин на изразување се наѕира благ словенечки акцент.

Препознатлива е по своите суканици кои од година во година се сѐ подолги и подолги, и понатаму – дел од нејзиниот имиџ.

Знаев дека е креативна и дека соработува со словенечкиот бренд Мила Красна кој е познат по изработка на долна облека, боди, костими за капење, но најмногу по костимите за танцување на шипка кое и покрај бројните предрасуди, она што многумина не го знаат е дека е и спортска дисциплина. (Вертикалната шипка може да се користи и за спортување доколку во практикувањето не се вклучени еротски движења односно егзотично танцување).

Илина е успешна во својата работа, дружељубива, постојано насмеана и гласна, но не сака многу да зборува за себе во јавност, а пред камерите, па дури и пред мојот диктафон, се преобразува во некоја друга, срамежлива, тивка и скромна девојка.

Од каде го знам ова? Па ја фатив во тесно, поточно, во нејзиниот дом во Љубљана кадешто таа, замислете, ми шиеше фустан. Бидејќи во Љубљана пристигнав од Хвар и сфатив дека немам облека за во цивилизација, па го изговорив тоа гласно, таа великодушно се понуди да ми сошие фустан.

„Да ми сошиеш фустан?!?“, повторив вчудоневидено…

„Да де, што се чудиш толку, еден час работа. Ете вчера за на концерт си сошив сукња за 1 час. Сакаш да ја видиш?“

„Ау, знаеш ли од кога никој не ми зел мерка?“, ѝ реков јас кревајќи ги рацете.

Илина ми зеде мерка, ги запиша димензиите и веднаш го распосла материјалот на маса. Потоа стави шнит од нејзиниот последен фустан, но рече дека ќе направи некои измени. Го скрои, го пораби, патем смисли дизајн, назад подолг, напред покус, со прерамки од три лелеави материјали во три различни бои, сплетени во две плетенки и по една мала преправка, за малку повеќе од 1 час (бидејќи во меѓувреме ја деконцентрирав со мојот диктафон), мојот „балски“ фустан беше готов, а Илина стана мојот нов идол.

Таа секојдневно си шие по некое парче облека или како што вели, барем по два фустани во лето и сето тоа го прави со леснотија, внесена во работата и со стотици идеи во минута, од кои сепак одлучно и брзо ја одбира најдобрата.

„Никогаш не одам по продавници, не купувам нова облека, рециклирам, преправам сѐ можно и неможно, а најмногу сакам да преправам стари плетени бели завеси, од кои правам кимона, фустани, сѐ и сешто. Луѓето ги донираат или ги фрлаат, а јас ги собирам и им го продолжувам животот“, вели Илина.

За неа рециклирањето е очигледно најинтересното нешто – кога на некој стар модел му вдахнува нов живот. Нејзиниот шопинг најчесто се состои од потрага по стара облека од која прави постојано нови и нови приказни.

Инаку, последниве две години Илина се нашла себеси во ангажманите како костимограф за куси и долгометражни филмови и за реклами.

Првиот филм во кој била ангажирана како костимографка е краткиот филм „Љубљана: Минхен 15:27“ на нејзината драга пријателка, режисерката Катарина Морано, кој доби награда на Карлови Вари.

„Моја задача беше да изберам облека за актерите, а со оглед на буџетот кој беше таков каков што беше, морав да буричкам по плакарите на сите актери за да одредам кој што ќе носи. Ова излезе супер, токму поради тоа што остварив соработка со сите актери, употребив облека од главниот актер, работнички алишта од таткото на монтажерот, и така натаму, а сето тоа му даде посебен шарм на филмот. Тоа беше мој прв самостоен проект, а потоа работев и на многу други кратки филмови и реклами.

Учествував како асистент на костимографот за време на снимањето на долгометражен филм во Италија, кој сега се монтира. Тоа беше страшно добро искуство за мене, а беше интересно и затоа што се снимаше во Саурис, на тромеѓето помеѓу Австрија, Словенија и Италија, на 1400 метри надморска висина на Алпите.

Во овој филм имав проблем со една капа. Таа беше избрана во претходниот избор, а потоа беше изгубена при селење на костимите, па морав да сошијам пет капи кои ќе бидат како избраната која, патем, јас никогаш и ја немав видено, освен на слика. Излезе дека ниедна од сошиените не е вистинската, но јас станав вистински експерт за шиење капи“, се смее Илина.

Сега ѝ се најинтересни рекламите, а последната во која била ангажирана е онаа за компанијата Телиа, односно, за шведски телеком.

„Режисерот сакаше средновековни витези кои ќе се распаѓаат, нешто како полудухови, полувистински витези, па оклопите требаше да се деградираат за да го добиеме она што го сакаше режисерот.

И локацијата беше тешка за работа, бидејќи се работеше во пештера, но сѐ излезе добро“, раскажува таа.

Нејзиниот следен проект е реклама за Мерцедес. А во меѓувреме, додека срамежливо прераскажуваше, го соши и фустанот. Воала!

И за крај, една интересна идеја од Илина доколку сте вешти со шиењето.

„Една од моите омилени игри со децата на моите пријатели е онаа кога им давам да нацртаат нешто што потоа го шијам според нивните цртежи. Од овие детски цртежи излегуваат навистина интересни креации“, вели таа.

Откако ја видов нејзината умешност, јас воопшто не се сомневам во ова.

[better-ads type='banner' banner='999' ]