За родителите на децата со аутизам, по соочувањето со дијагнозата, најтешко е чувството на отфрленост

Моментот на соочувањето со дијагноза за која однапред има пресуда дека е трајна и неизлечива е страшен потрес за секое семејство, а немањето поддршка од системот и чувството дека сте оставени сами, е поразувачко. Вака вели Игор Угриновски, психолог и претседател на Здружението на граѓани „Работилница“ кое деновиве ги отвори вратите на својот центар за неформална едукација за деца со аутизам и други потешкотии во развојот, и самиот родител на дете со аутизам

0
1262

Работилница е центар за неформална едукација за деца со аутизам и други потешкотии во развојот и токму деновиве почнува со работа. Зад овој проект стојат психологот Игор Угриновски и неговата сопруга Соња, и самите родители на дете со аутизам.

Овој едукативен центар е замислен како место кадешто со децата, по еден или два часа на ден ќе работат психолог, дефектолог и други стручни лица на теми и области што ќе ги договараат со родителите. Целта е да им се помогне на овие деца да ги развијат неопходните вештини да се грижат за себе и да водат што посамостоен живот.

Токму „Работилница“ беше повод да поразговараме со Угриновски на оваа тема.

Како е замислен овој едукативен Центар?

„Работилница“ нуди помош во препознавањето и справувањето со сензорните, емотивните и другите проблеми со кои се соочува детето, помош во развојот на грубата и фината моторика, развој на јазикот или алтернативните начини на комуникација, помош во стекнувањето на одредени животни, социјални, работни и академски вештини, откривање и негување на афинитетите, помош во усвојување на училишната програма и др. За родителите се планирани индивидуални или групни обуки за ефикасни стратегии за справување со одредени теми, како и социјална и психолошка поддршка.

Дали веќе работите со некои деца и дали се тоа претежно деца со аутизам?

Деновиве почнуваме со работа и се запознаваме со првите деца и родители. Ќе работиме со деца и средношколци, првенствено со аутистичен спектар на нарушувања, но и со други потешкотии во развојот. Една од нашите програми е развивање на социјални вештини, каде ги охрабруваме во активностите да се вклучат и заинтересираните браќа, сестри, другари и други блиски. Оваа програма ја спроведуваме во соработка со стручниот тим од центарот за рана стимулација, развој и игра кај деца „Креатива Исток“ кој го водат дефектолози што имаат децениско искуство со децата со аутизам и други потешкотии во развојот.

Знаеме дека аутизот има безброј варијанти, но може ли да лоцирате кој е генералниот проблем со кој се соочуват родителите на овие деца?

Тоа е немањето поддршка од системот и чувството дека сте оставени сами. Моментот на соочувањето со дијагноза за која однапред има пресуда дека е трајна и неизлечива е страшен потрес за секое семејство, а чувството на отфрлање што потоа следува е поразувачко. На семејствата тогаш им е потребна разновидна поддршка – емоционална, психолошка, социјална, материјална, како и поддршка во организацијата на секојдневието, а системот наместо да ги прифати и со своите алатки да им го олесни патот, тој или не помага доволно или не помага воопшто. Родителите се принудени на секакви чекори, компромиси и откажувања за да помогнат на своето дете и излегува дека ги губат правата на работа и кариера, а со тоа пак, системот ги губи нив.

Колку вработени имате и за кој профил на стручни кадри станува збор со оглед на тоа што овде, меѓудргото, станува збор и за едукација на деца со потешкотии во развојот?

Тимот се составува. Јас сум психолог, а планот е да ангажираме дефектолози, психолози и други сродни профили, како и едукатори, тренери, мајстори и инструктори во разни области кои имаат смисол за работа со деца со посебни потреби. Сакаме децата да научат да бидат што понезависни и затоа ќе се обидеме да ги воведеме во основите на некои занаети, да ги научиме да приготвуваат едноставни оброци, да користат компјутер и сл. Според потребите планираме да организираме и неколкучасовен престој во текот на работното време, но и попладне и навечер, за што сметаме дека има голема потреба. Голем проблем на родителите е што немаат кому да им ги остават децата на чување додека тие извршуваат некоја обврска, а на слободни активности многумина од нив не ни помислуваат.

Кој беше вашиот мотив да отворите работилница од овој тип?

Мотивот меѓудругото е и личен. И јас сум родител на дете со аутизам и самиот се соочувам со чувствата и тешкотиите со кои се соочуваат посебните родители. „Работилница“ е здружение на родители на деца со аутизам и нашата цел е да понудиме услуги по мерка на посебните семејства. Сакаме да им понудиме пријатно и интимно катче направено со љубов и внимание, каде тие и децата ќе се чувствуваат како дома. Отворени сме за идеи и за соработка со родителите и сакаме од „Работилница“ да создадеме место каде на децата, покрај едукација, ќе им понудиме и дружење и забава, а на родителите барем малку спокој.

Дали имате впечаток дека има се повеќе деца кои имаат потешкотии во развојот, особено деца со аутизам, во споредба со порано, и што мислите, на што се должи тоа?

Секако дека има, тоа е очигледно и покрај тоа што некои порастот го негираат и го припишуваат на подобрената дијагностика. Прашајте кој било постар наставник колку деца со нетипичен развој имал пред 20 години, а колку сега! На светската сцена има разногласие околу тоа што го предизвикува аутизмот, дали се лекува или не, дали сега е позачестен од порано, колкава и каква е улогата на гените итн. Јас го делам мислењето со некои истражувачи дека аутизмот има голема врска со затруеноста на телото и мозокот со тешки метали и други токсини, внесени преку загадениот воздух, неприродната храна, нечистата вода, вакцините… Спектарот на отрови и начините на кои човекот ги внесува во себе е огромен, а секој организам не е способен исто да одговори на нивниот напад. Според мене, експлозијата на нарушувања од аутистичниот спектар е директна последица од модерното неодговорно живеење.

Со оглед на тоа што е се поактуелна инклузијата на овие деца во редовното образование, во институциите и воопшто, во социјалниот живот, дали вашата работилница ќе биде отворена за оние деца кои немаат потешкотии во развојот?

Тоа е една од нашите основни цели, центарот да стане место што ќе привлече многу возрасни волонтери на соработка, но и деца без потешкотии во развојот кои ќе се вклучат во нашите активности. Освен едукација, терапија и поддршка, во центарот може да се организираат и низа обуки и работилници за сите заинтересирани, како и заеднички часови по јога, цртање, музика, танцување итн, на децата со и без потешкоти во развојот.

Центарот се наоѓа на ул. Миле Поп Јорданов бр. 72, во населба Козле во Скопје.

Телефон за контакт: 079 310 904

[better-ads type='banner' banner='999' ]