За имунитет на децата им се потребни микроби, а не антибиотици

Тоа што денеска имаме сѐ повеќе алергии, вишок килограми и инфекции, дури и аутизам, е токму последица на претераната хигиена.

0
844

Да, важно е да се мијат раце. Но денеска навистина претеруваме, предупредуваат научниците.

Уништувањето на микробите на рацете со антибактериски сапуни и претераната употреба на  антибиотици имаат исклучително лошо дејство на имунитетот на нашите деца, вели микробиологот Мари Клер Аријета, коавторка на книгата „Нека јадат земја: Како да ги зачувате децата во премногу чистиот свет“ (Let Them Eat Dirt: Saving Our Children from an Oversanitized World).

Зошто премногу хигиена го загрозува здравјето на децата? Затоа што придонесува за развојот на хронични болести, од алергии до вишок на килограми, велат Аријета и нејзиниот коавтор, микробиологот Брет Финлеј од Универзитетот Калгари.

„Новите истражувања покажуваат дека заедницата на микробите во нашите црева која се формира во раното детство го одредува нашето здравје во текот на целиот живот“, вели Аријета. „Кога ќе се родиме, ние немаме микроби и нашиот систем за имунитет е неразвиен. Имунитетот почнува да се развива дури кога ќе се појават микробите кои ќе го разбудат. Без нив, не би можеле да се бориме против инфекциите“.

Микробите се толку важни затоа што создаваат молекули и супстанции кои стапуваат во интеракција со клетките на ѕидот од цревата но и со клетките на системот за имунитет кои се наоѓаат од другата страна на клеточниот ѕид и буквално ги тренираат. Така нашиот имунитет добива информации со чија помош учи. Потоа обучените клетки на системот за имунитет одат во другите делови од телото.

„Тоа што денеска имаме сѐ повеќе алергии, вишок на килограми и инфективни болести на цревата, дури и аутизам, е токму последица од претераната хигиена. Гените се важни, но гените не се менуваат толку брзо. Истражувањата одново и одново покажуваат дека намаленото изложување на микроби во раното детство ги предизвикува овие болести“, објаснува Аријета.

Како треба да се однесуваат родителите за да овозможат да се развие имунитетот на детето како што треба? Стручњаците препорачуваат да набават куче и да не чистат сѐ што става бебето во уста. На пример, ризикот од развој на астма се намалува кога родителите ја чистат цуцлата на бебето во сопствената уста. Миењето на рацете треба да биде навика која се практикува пред јадењето и по одење во тоалет. Не и после играњето во двор – миењето на земјата од детските рачиња нема да им го сочува, туку ќе им го загрози здравјето, предупредува др. Аријета.

[better-ads type='banner' banner='999' ]