Доаѓа од Сибир, но не може да се навикне на студените домови во Скопје

Галина Куценко е мажена за Македонец и живее во Скопје веќе 7 години, а ако ја видите некаде сигурно ќе ја препознаете – изгледа како манекенка, а во рацете секогаш има плетиво и игли.

0
2635

На базарот за ракотворби кој се одржуваше минатата недела во галеријата „Колектив“ на скопскиот плоштад, веднаш ми падна во очи една убава црнокоса жена која стоеше и плетеше. Пред неа беа нејзините плетени аксесоари изработени од, како што ни кажа, квалитетна италијанска благородна волница која кај нас сѐ уште ја нема.

Галина Куценко по образование е сопран и диригент, дипломец на Кемеровскиот државен институт за култура. Тука дошла во август, пред седум години, за да настапи со хорот со кој пеела на фестивалот „Езерски бисери“ во Струга. Тука се запознала со сопругот и веќе третиот ден си ветиле дека нема да се разделат. Интересно е што тој студирал во Москва и во тој период имал само уште неколку испити за да дипломира.

Галина си заминала и го чекала кај својата сестра во Москва. За две недели дошол и тој, дале документи за регистрација и на 21.октомври се регистрирале, а после 2-3 месеци, направиле венчавка и во Скопје. Оттогаш живеат тука, во скопската населба Ново Лисиче со своите две ќерки, петгодишната Елена и двеиполгодишната Василија, крстени по православните празници Елена и Константин и Василица.

Галина со своите ќерки Елена и Василија

Интересно за Галина е што во Скопје доаѓа од Сибир кадешто живела со родителите, сестрите и братот од деветгодишна возраст.

„Татко mi беше војно лице па иако сум родена на границата со Кина, сме живееле во Казахстан, а од мојата деветгодишна возраст па се додека не дојдов тука, во Сибир. Таму одев на училиште и завршив студии, а моето семејство, со исклучок на едната сестра која живее во Москва, е сѐ уште таму. Иако не живеев во најладниот дел од оваа област, туку во Кемерово, зимата таму долго трае, а температурите во зима се движат од нула па до минус 40 степени, но сепак, таму не се шетаат бели мечки“, се смее Галина додека ни раскажува за животот во Сибир.

И иако звучи чудно за некој кој доаѓа од место познато по студот, таа никако не може да се навикне на студот во Скопје.

„Кај нас, колку и да е студено надвор, домовите се топли бидејќи секаде има парно и топла вода, па дури и да е надвор минус 50, дома е топло. Во лето Македонија е вистински рај, но во зима е насекаде ладно, во сите домови е ладно и тоа е она на што не можам да се навикнам. Инаку, што се однесува до одгледувањето на децата во студени услови, кај нас не е воопшто чудно да шетате бебе на минус 40, затоа што сме опремени добро, децата се завиткуваат во крзно во кое нема шанси да им студи, имаме такви крзнени лчизми какви што тука не можат да се најдат па студот не е причина да не излегуваме надвор. Впрочем, и немаме избор, бидејќи условите с етакви какви што се, а надвор мора да се оди. Јас моите деца тука ги шетам од десетдневна возраст без оглед на температурата и временските услови, но она што ми пречи и што е за мене болна тема, е загадениот воздух. Ме боли тоа што дома морада имаме прочистувач на воздух и што не можа да се шетам со децата толку колку што би сакала, особено, после 15-16 часот не е препорачливо да се шета. Во лето е поинаку, тогаш е тука вистински рај за мене“, раскажува Галина.

Таа во Македонија се запознала со својата сега веќе најдобра пријателка, Викторија Митеска, со која настапуваат со репертоар на класична музика неколку пати во годината, Галина како сопран, а Викторија на пијано.

Но од минатата година Галина почнала и ново поглавје во својот живот и ја отворила фејсбук страницата Knit.Mak.

„Се трудам да се реазлиирам не само како мајка и како музичар, туку со нешто свое, со своја креација и производ. Мајка ми е уметник и цел живот не учеше да создаваме, да креираме, па од секогаш сум цртала, сум работела декупаж, сум се пробала во многу креативни работи, но кога се родија децата, и додека беа во фаза кога треба повеќе да ги пазиш и да трчаш по нив, немав толку време за цртање и морав да стопирам. Но лани, во декември, одлучив да отворам страница на Инстаграм и на фејсбук и да го направам брендот Knit.Mak. А сѐпочна во една пригода кога сезоната за капи почна малку порано па не можев да им ги најдам капите на моите деца. Решив да им сплетам нови, но тоа што го направив не беше употребливо. Знаев да плетам, сум плетела и дома, во Русија но капи никогаш. Кога видов што направив се заинатив и се научив. Од тогаш секојдневно, веќе две години работам и во ташната секогаш имам игли и плетиво. Купувам и списанија и знам многу дизајнери кои се занимаваат со висока мода со плетени модели и аксесоари. Сето тоа ме инспирира и сега веќе не можам да се запрам. Купив италијанска волница и сето она што го создавам е навистина со посебен квалитет каков што не можете да најдете на друго место. А повеќе и не можам да работам со онаа волница со која претходно плетев. Едноставно, се научив на оваа која е високо квалитетна и благородна.

Сакам да ја пренесам во Македонија професионалноста на плетењето. Цело време сум со игли во рацете и ниедна минута не ми поминува без работа. На пример, ако во банка чекам подолго, наместо да го губам времето, го вадам плетивото од ташна и си плетам. Не ми е гајле дали некој чудно ме гледа или не. Она што најчесто ми го велат луѓето е: Ооо, млада жена, а толку плете! Не мислам дека плетењето е нешто што треба да се врзува со возраста, па ни со полот. Последнава деценија во светот, генерално, плетењето е сѐ популарно помеѓу младите генерации, а да не ви кажувам и колку мажи плетат и имаат свои страници на кои ги продаваат своите модели.

Исто така, наскоро планирам да почнам и со уште една страница – Knit.kids, со модели за најмладите. Имено, мојата постара ќерка не поднесува волна па дури и ако таа само малку, минимално боцка, и за неа почнав да плетам џемпери со есклузивна волница од Италија која е хипоалергена, многу е нежна и воопшто не боцка и е препорачлива и за бебиња. Погрешно е кога се мисли дека бебињата треба да се облекуваат само во памук, бидејќи има волници кои воопшто не боцкаат и се многу пријатни за носење. За најмалите плетам и ќебенца, џемпери, капи, шалови, луѓето се интересираат, бидејќи нудам нешто што го нема во продавниците. За мене е многу важен квалитетот бидејќи се сметам себеси за професионалец, перфекционист сум и сакам луѓето да видат колку се прекрасни рачните изработки. Иако волницата ја набавувам од странство и сѐ плетам рачно, се трудам моделите да не се прескапи, бидејќи сакам да се достапни за сите, а ако некому не му се достапни поради цената, секогаш сум подготвена да ги научам сами да си ги сплетат. Тоа е и една од моите следни цели, да отворам училиште за плетење“, вели Галина.

Таа, освен што постојано плете, секојдневно готви за своето семејство и знае да ги подготви сите македонски традиционални јадења, гравче-тавче, мусака, турлитава, но готви и руски јадења. На пример, многу често подготвува хељда со печурки, со месо, но и таа и децата сакаат да јадат каша од хељда, и во блага и во солена варијанта. За рускиот национален специјалитет, боршч, за жал, вели дека во нејзиното семејство нема заинтересирани па сѐ поретко го спрема. Ова јадење не го сакаат ниту нејзиниот сопруг, ниту децата.

„Сопругот е ангажиран околу децата, ги чува, ги вози на балет, на пливање, но за готвењето сум задолжена јас. Традиционални сме во исхраната, па јадеме и руски и македонски традиционални јадења, месам леб, правам сирење, тавче гравче, мусака, обични работи. Јас готвам од мала, ние сме четири деца и научени сме да работиме сѐ, па кога имаш таква основа не е тешко да научиш и нешто ново. Ја гледав свекрва ми како готви, а и доволно е да пробаш нешто, па да знаеш и да го направиш кога веќе имаш искуство со готвење“, ја завршува својата приказна Галина и продолжува со плетењето.

Таа е упорна да ја истурка својата приказна и новиот предизвик – Knit.kids, рачно плетени модни парчиња за најмалите, изработени од најквалитетна италијанска волница, меки и нежни како мајчината прегратка.

Фото: PS visualart

[better-ads type='banner' banner='999' ]