Децата прозборуваат сѐ подоцна и тоа на измислен јазик

Логопедите и детските психијатри предупредуваат дека сѐ поголем број на деца од две или три години сѐ уште не ги изговориле своите први зборови. Повеќето време го минуваат пред телевизорот, па и кога ќе прозборат – тоа е мешавина од мајчиниот и од англискиот јазик.

0
860

Ординациите на логопедите се полни со двегодишници и тригодишници кои сѐ уште не проговориле ниту збор. Друг голем проблем се и оние деца кои прозбореле на некој нивни измислен јазик, мешавина од мајчиниот и англискиот јазик. Тоа е последица од претераната употреба на технологија и некомуникација со децата, што подоцна може да влијае на способноста за читање и пишување дури и во текот на школувањето, предупредуваат логопедите и психијатрите.

Нормалниот јазички развој подразбира детето кое наполнило една година полека да почне да „дрдори“, да имитира звуци или да користи едноставни зборови. До 18 месеци, веќе би требало да постојат и кратки, едноставни фрази.

Сѐ почесто родителите доаѓаат на првиот логопедски преглед со двегодишници кои знаат само пет или десет зборови, своите потреби ги изразуваат со покажување со прст и сѐ уште не знаат да склопат реченица.

Причина за ова, според стручњаците е тоа што наместо да им читаат, заедно да гледаат сликовници именувајќи предмети и животни, имитирајќи звуци, родителите сѐ почесто ги оставаат децата пред телевизорот или пред компјутер. Децата не знаат многу работи затоа што никој не ги научил на нив.

Последица од претераната употреба на технологија во раната возраст се пореметувања во развојот на говорот, за што сведочат полните ординации со деца кои првите зборови ги изговориле на некој свој, измислен јазик.

Причина која исто така придонесува за неправилен развој на говорот кај децата, е т.н. бебешко „нагалено“ зборување и неправилно изговарање на зборовите кога му се обраќаме на мало дете. Исто и „линијата на помал отпор“ и дозволувањето детето да го добие она што ќе го покаже со прст, не е добро решение. Кога детето ќе го добие она на што ќе покаже со прстот, никој не бара од него да го изговори зборот и буквално, „му се читаат мислите“, а тоа може да ја намали потребата на детето да комуницира со околината.

Доколку детето не проговорило до својата втора година, потребно е да се одведе кај логопед кој ќе утврди дали постои потреба за третман. Третата година е границата до која детето треба да се одведе кај стручњак, за да не настанат долгорочни последици во јазичкиот развој.

Доколку постои добар воспитен образец и јазичка стимулација, а прозборувањето доцни, не треба да се заборави дека секое дете е „свет за себе“, заради што на некои деца е потребно да им се даде малку повеќе време. Во тој случај, најважно е да се исклучат физичките препреки, како што се оштетениот слух или вид, но и да се изврши проценка на интелектуалните способности.

[better-ads type='banner' banner='999' ]