„Детски свет на тенисот“ од секое дете тежнее, пред сѐ, да направи човек

Јас можам да направам секое дете до 18-годишна возраст да стане комплетен играч и вистински спортист за гордост. А дали ќе биде шампион, не знам... ниту било кој може да го каже тоа за едно дете од 7, 8 или 9 години, вели Вилма Марковска, оснивач на оваа програма.

0
281

„Детски свет на тенисот“ е програма базирана на целокупното тениско искуство на Вилма Марковска, а наменета е за деца до десет години и за деца на влез во натпреварувачкиот тенис. Првично, Марковска ја основала оваа програма во Белград, а од неодамна се практикува и во Македонија.

Иако почетоците биле тешки, иако многумина се сомневале во успехот на специфичната програма за детски тенис на Вилма, денес таа е урнек за пристапот кон секое дете како личност и поединец во спортот, и синоним е за успешно работење.

– Доаѓањето во Белград, градот на спортот и земјата на светски шампиони, беше за мене огромен предизвик. Видов дека и таму недостига многу организација, дека стихијно се работи, не се следат модерните текови на организација на спорт и дека многуминаа сакаат да се „офајдат“ на брзина. Видов и дека светски познатите играчи не се резултат на систематска работа, туку на семејни проекти и дека не се води сметка за децата и нивното растење со тениската приказна. Откако „Детски свет на тенисот“ почна одлично да функционира во Белград, го донесов и во Скопје, со истата програма, само адаптирана на македонските деца. Одѕивот е според очекувањата, оти не станува збор за масовна програма, туку за програма различна од досега понуденото во детскиот тенис – вака ја започнува својата тениска приказна Вилма Марковска во разговор за Мајка и дете.

Што вие нудите повеќе за децата во овој спорт?

Во „Детски свет на тенисот“ се работи за поинаков пристап кон детето-тенисер. Во центарот на сѐ е за секое дете посебно да се креира мини-тим, амбиент и атмосфера која е базирана на игра, учење, самосвесност и контрола. Играта е доминантна, учиме низ игра, стануваме свесни низ игра и контролираме сѐ во играта. Заедно работиме, комуницираме, се договараме, споделуваме и добро и лошо и сите заедно учиме. Односот е базиран на доверба и љубов. Доколку тоа не постои, нема резултати. Родителите се активно вклучени во целиот процес, се упатуваат, едуцираат и информираат. Децата се вклучени од самиот почеток во натпреварувачки систем кој е прилагоден на нивната возраст и тениско ниво. Убедена сум дека само натпреварувачкиот жар и шампионскиот сон може некого да го задржи во оваа приказна. И сѐ тоа е организирано без стрес, фрустрации и казни.

Која е најдобрата возраст за дете да почне да се занимава со тенис?

Зависи од секое дете. Минималната возраст е четири години. Денес пристапот и реквизитите тоа ни го овозможуваат. Според мене, пет или шестгодишна возраст е идеална, зашто на таа возраст секое дете кое ќе застане на тенискиот терен, без разлика на предиспозициите, може да „заигра“ тенис.

Кои мускули ги активира тенисот? Зошто е потребен на децата како спорт од здравствен аспект?

Повеќе би ставила акцент на развој на менталната спремност кај децата отколку на развој на мускулите. Со тенис се развива контрола на движење, контрола на емоции, свесност за состојбата, прифаќање на истата колку и да е болна и тешка. Потоа, и донесување одлуки. Во еден меч, во секој еден поен, мораш да донесеш куп одлуки. Па и справување со успех, справување со неуспех.

Децата ги стимулирате и на други креативни активности, на пример, на читање книги. Каква е дополнителната едукативна програма?

Верувам дека тенисот секое дете може да го направи, пред сѐ, човек. Образуван, зрел, самосвесен човек. Само така може во денешно време да се направи професионална кариера. Нема веќе стихијни, случајни приказни во светскиот тенис. Ако тоа не успее, затоа што е тоа екстремно тешка и комплицирана работа, тогаш тенисот и времето поминато на тенискиот терен мора да дадат неколку дополнителни опции во животот. Затоа читаме, учиме, развиваме асоцијативен начин на учење, учиме историја за градовите кадешто играме на турнири, посетуваме музеи, театри и други спортски настани.

Колку средства треба еден родител да одвои од својот семеен буџет за да може да го направи спортски поангажирано своето дете со ваша помош?

За комплетна, оптимална програма за возраст до десет години се потребни од 6.000 до 10.000 денари месечно. Оваа програма не е од типот „тенис за само 1.500 денари“.

Има ли амбициозни родители кои за платеното време бараат дете-шампион?

Има и такви родители. Нормално, сите доаѓаат со идеја – ете, малку да се бави со спорт, а потоа многу бргу тоа знае да отиде во сосема спротивна насока! Она што јас го нудам „од старт“ е јасно. Јас можам да направам секое дете да тргне во насока до својата 18-годишна возраст да биде комплетен играч и да биде вистински спортист за гордост. А тоа, дали ќе биде шампион, не знам… ниту било кој тоа може да го каже за едно дете од 7, 8 или 9 години.

Какви се шансите од Македонија да излезе врвен тенисер кој би влегол во рангот на светските?

Врвните тенисери се или резултат на систем или на семејни проекти и за сето тоа е потребен буџет. Потребна е и традиција, спортски амбиент, соодветен менталитет, решителност, посветеност и мала доза на „лудило“ за да се стави сѐ на една „карта“. Системи кои создаваат врвни тенисери на Балканов нема. Огромен лавиринт е тенискиот пат до тенисер од светски ранг и човек лесно може да се изгуби или да изгуби сѐ. А, детскиот тенис не би го врзувала со професионалниот. Тенисот е сепак, една сосема обична детска игра со топка, да не ги мистифицираме работите, да не филозофираме и мудруваме околу тоа. Ние не создаваме „профи“ играчи, туку им овозможуваме на децата да играат и растат со тенис, да учат и осознаваат, да победуваат и да губат, да бидат љубопитни и да бараат решенија, да размислуваат. А техниката секој може да ја научи, како што се учи пишувањето. Туку предизвикот е, со тоа што го знаеме од техника, како и што ќе одиграме, исто како што би напишале со буквите кои сме ги научиле.

Јасмина Кантарџиева Димков

[better-ads type='banner' banner='999' ]