Да не сте вие, устата пајажина ќе ми фати!

Ова е нешто што Марина Бошњак и Анжелика Илова, негувателки во Дневниот центар за стари лица „Даре Џамбаз“, понекогаш го слушаат од некои од корисниците на услугите кои се дел од проектот на Црвениот крст посветен на грижата за старите лица. А тие двете се врзуваат за секој од нив и тагуваат секогаш кога некој засекогаш ќе замине.

0
869

Денеска, воочи Денот на старите лица (01.10.), со мојата мајка која боледува од Алцхајмер, бевме во Дневниот центар за стари лица во „Даре Џамбаз“. Неодамна разбрав дека во рамките на Црвен крст на град Скопје е имплементиран проектот посветен на грижата за стари лица: „Дневен центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови“.

Први на кои наидовме беа истите две госпоѓи кои ги запознавме неодамна на скопскиот плоштад, за време на одбележувањето на Светскиот ден на Алцхајмеровата болест, негувателките Марина Бошњак и Анжелика Илова. Дури денеска ги дознав нивните имиња и уште еднаш се уверив во нивната љубезност и во нивната посветеност на работата.

Но не беа единствените. Ја запознавме и 21.годишната Марија Завкова, која во Дневниот центар волонтира веќе пола година, а помага и во продавницата „Копче“, социјално претпријатие кое е развиенo и функционира во рамки на Црвениот крст и е место каде секој може да донира, да купи облека од втора рака или пак истата да ја добие бесплатно.

Во Дневниот центар Марија им помага на корисниците, им вари чај, кафе, им прави муабет, едноставно, тука е за да им помогне околу сѐ што им треба. Инаку, живее со својата 76-годишна баба и се грижи за неа бидејќи поради вртоглавиците од кои страда, баба ѝ никогаш не излегува од дома. Марија има завршена обука за негувателка на стари лица, како и нејзините постари колешки кои од јануари годинава пак, од проектот Нега, откако се појавила потреба од медицински персонал, се префрлиле во делот за Грижа за стари лица.

Додека Марија остана да ѝ прави друштво на мајка ми, Марина и Анжелика ми објаснија за што точно станува збор, што е функцијата на Нега центарот, а што на проектот за грижа за старите лица.

Нега центарот обезбедува услуги во домашни услови наменети за стари и немоќни лица од страна на сертифицирани негуватели на територијата на Скопје, а обуката и сертифицирањето на негувателите се одвива во рамките на тренинг центарот на Црвениот Крст.

Во широкиот спектар на услуги за комплетна нега се вклучени основни и дополнителни услуги, а за секој корисник се подготвува посебен пакет услуги во зависност од индивидуалните барања и потреби. По проценка на тимот и во договор со корисникот се доделува соодветен негувател, кој претходно се запознава со корисникот откако тој првично ќе биде посетен од социјален работник и психолог. Овие услуги се наплаќаат според одредени тарифи и во зависност од тоа што сѐ е вклучено во нив, додека пак оние другите кои се сега во доменот на нашите соговорнички, се бесплатни, а подразбираат медицински услуги од типот на мерење на шеќер во крвта, на крвен притисок, здравствени совети и психо-социјална поддршка.

„Јас работев 27 години во Телеком и додека сѐ уште бев таму во работен однос, а истовремено морав и да се грижам за моите родители, сфатив дека има потреба од некоја служба која ќе може да им биде поддршка и на оние кои не можат да се грижат за себе, но и на нивните блиски кои мораат да одат и на работа. Затоа, откако престана мојот работен однос во Телеком, родителите ми починаа, децата ми пораснаа, а јас слушнав за обуката за негуватели во Црвен крст, веднаш се јавив на конкурсот.

Ја поминав обуката која траеше 4 месеци и почнав да работам во Нега центарот, а од 15.јануари, заедно со мојата колешка Анжелика, ангажирани сме во делот за грижа за старите лица. Негата во домашни услови, подразбира целосна нега на лицето, од бањање, до шетање, во зависност од барањата и потребите, додека нашата работа е поинаква. Ние одиме во посета кај стари лица кои имаат потреба од нас за да им измериме шеќер, притисок, им даваме здравствени совети, но и психо-социјална поддршка бидејќи старите лица во оваа доба веќе почнуваат и психички да опаѓаат. Тука сме да ги посоветуваме, а тие не чекаат со нетрпение, па некогаш кога имаме обврски во Дневниот центар поради кои ќе им кажеме дека наместо денеска, ќе дојдеме утре, ги растажуваме, ама затоа гледаме кога ќе им кажеме кога доаѓаме, да дојдеме навреме. Тие не чекаат со душа, бидејќи најчесто се тоа луѓе кои се осамени, а има и такви кај кои ние сме единствените посетители. Имаше една женичка која сега скоро ми почина и таа ми велеше: ‘Ако не сте вие од Црвениот крст, мојата уста пајажина ќе ми фати’. Кај неа одевме еднаш на две недели и тоа е всушност темпото со кое ги посетуваме сите, освен оние кои се шеќераши и кај кои одиме еднаш неделно. Жената што ја споменав, со такво нетрпение не чекаше, а бидејќи таа беше и слепа, ние навистина максмално се трудевме околу неа, ја носевме во болница, ѝ одевме на посета, ѝ ги оставивме и нашите телефонски броеви за да може да не побара во кое било време. Ние и се врзуваме за сите овие луѓе кај кои одиме, па кога ќе загубиме некој од нив навистина ни е тешко и потоа ни недостасуваат. Тие пак имаат голема доверба во нас и ни се радуваат како на најблиски, особено ако се сосема сами и без нигде никого. Во секој случај, работиме една хумана работа“, раскажува госпоѓа Марина и додава дека таа во моментов има 43 корисници и уште многу кои се заинтересирани, но тие едноставно не се во состојба премногу да се расплинуваат.

„Тоа се живи луѓе, секој од нив си бара внимание, а и ние сакаме да им се посветиме  како што заслужуваат, со секој да поразговараме, да го посоветуваме. Сега на пример има една жена кај која одам, која е сосема сама и има навистина тешка судбина. Сопругот ѝ е починат, а и синот ѝ починал пред 19 години. Таа самата е свесна дека почнува да заборава, па се плаши да не им наштети несакајќи на соседите, да не ги запали ако ѝ се случи да заборави да исклучи нешто, или пак да не земе на душа некој со автомобил, на улица, бидејќи вели дека не е повеќе сигурна во себе кога оди да пазари. Таа сака да оди во дом, и ние сите се зазедовме максимално за неа, како и за многу други такви специфични случаи кои во континуитет ги следиме. Се разбира, оние кои стасуваат до нас и колку што можеме да стасаме, но не ги покриваме сите реони“, објаснува таа.

Имено, посети од страна на медицински лица се реализираат на подрачјето на 9 општини во Скопје: Центар, Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, Шуто Оризари, Сарај и Аеродром, а дневни центри за стари лица, освен во „Даре Џамбаз“, има во Црвен крст Чаир и во Сарај.

Госпоѓа Анжелика Илова, или како што уште ја викаат, Ане, се заинтересирала за оваа обука за негуватели и откако го завршила курсот комплетно им е посветена на луѓето за кои се грижи.

„Јас овие лица во трето доба не ги доживувам како стари, а им се обраќам секогаш со „тетка“ или „чичко“ и мислам дека и тие така поубаво се чувствуваат. Работата ме исполнува, а имам и многу трпение. Можеби ќе звучи чудно, но многу ме заинтересира деменцијата од моментот кога првпат се соочив со дементен пациент. Кога бевме на пракса во домот за стари лица „Идила Терзиева“, бевме поделени по групи од 8 души, па една жена која беше таму, иако првпат во животот не виде, од сите, ме одбра мене, дојде и ме фати под рака, па заедно се прошетавме, правевме муабет, а потоа, додека нам на само 5 минути не собраа во холот за да ни објаснат нешто, таа веќе ме заборавила, па кога ѝ прозборев сметајќи дека ќе продолжиме со нашиот разговор и незнаејќи дека таа има деменција, ме нападна викајќи: ‘која си ти?!’

Оттогаш се заинтересирав за болеста и многу работи и научив. Во меѓувреме се грижев и за една жена со деменција, која сега е веќе во Дом, бидејќи сите кои боледуваат од оваа болест доаѓаат до стадиум кога семејството повеќе не може да ги чува во домашни услови, почнуваат ноќе да не спијат, да стануваат, да пребаруваат по фиоки, мислат дека ги крадат и слично, но јас веќе научив како да постапувам со нив. Во Дневниот центар имаме еден корисник кој е веќе цели 19 години болен од деменција, што е навистина необично долго време за оваа дијагноза, но жена му одлично се грижи за него, и тој е навистина многу интересен. Бескрајно е вљубен во сопругата бидејќи мисли дека му е девојка, живее во минатото и сосема заборавил сѐ што се случувало во меѓувреме, но затоа е сега пресреќен бидејќи неодамна се венчаа во црква па сега мисли и дека се вистински младоженци“, раскажува Ане.

Во меѓувреме, во Дневниот центар влегуваат токму тие двајца, госпоѓа Марија и нејзиниот сопруг. Госпоѓа Марија ми ја потврдува приказната која тукушто ја слушнав од мојата соговорничка, а тој не ги трга очите од неа. Ги замолувам за фотографија па им велам: ‘Ајде, наместете се убаво за да ве сликам’, а тој како едвај да дочека да седне до неа и да ја прегрне. А и изгледа како момче, исправен како пушка, иако има цели 79.

„Да, тој мисли дека сме тукушто венчани, иако ние всушност направивме црковна венчавка на денот кога прославивме 50 години брак, ама јас секојдневно му давам многу љубов, постојано го прегрнувам и го бакнувам, а нив тоа им е најпотребно. Исто така, секој ден многу пешачиме, се шетаме, затоа сме толку витални, единствено што тој не слуша добро. Ама не ми е лесно, ноќе станува, пребарува низ куќа, тропа, еве ноќеска двапати ме разбуди“, вели таа, а господинот ја гледа со блага насмевка на лицето и не ја трга раката од нејзините раменици.

Во меѓувреме, Ане зборува со мајка ми, па ја слушам како ѝ вели: ‘Да, се знаеме од маало, даа, и јас живеев таму’. Ја гледам зачудено, а таа ме советува: „Ако не ве препознава, ако вели дека сте некој друг, не одрекувајте, не ја разубедувајте, влезете во нејзиниот филм, залудно ќе се мачите да ѝ објаснувате, болеста е таква, а и само ќе ја нервирате.

Жал ми е затоа што луѓето не се запознаени доволно со деменцијата, не знаат како да се однесуваат, а најблиските кои се грижат за болниот најмногу страдаат. Тие не се доволно упатени и не знаат што можат да очекуваат, а со текот на времето не станува полесно. Напротив! Треба многу трпение, но добро е да се знае дека на болните им е всушност најлесно, тие си живеат во некој свој свет, обично во некој период од минатото и ако откриете за кој период од нивниот живот станува збор, тогаш прилагодете се кон тоа, правете по нивно, не им противречите, не им објаснувајте затоа што вие брзо ќе се истрошите, а нема да смените ништо“.

И тука некаде, нашата посета привршува, се договараме да не посетат некогаш и си заминуваме. Мајка ми и онака повеќе не сака да седи. Сака дома. А ако ја прашате каде е тоа, некогаш ја кажува нашата сегашна адреса, а некогаш пак, вели: ‘кај француски гробишта’. По пат накај дома, уште под импресии од средбата со својата ‘стара сосетка’, евоцира спомени од минатото и ми вели: ‘добра жена е, одамна ми е пријателка“, а јас не ѝ противречам, велам: ‘да мамо, добра е, убаво што се видовте после толку време’.

[better-ads type='banner' banner='999' ]