Ема Џенер, британска дадилка и авторка на книгата „Биди смирен родител“, работела со деца и со родители на два континенти во текот на две децении и е сериозно загрижена заради начините на кои денеска се одгледуваат децата. Еве пет проблеми кои таа ги смета за најсериозни:
Се плашиме од сопствените деца
Децата имаат преголема контрола врз родителите. Тоа го покажува едноставниот тест со шолја млеко, вели Ема. „Доколку мајката му даде на детето млеко во сина шолја, а тоа вели дека сака да пие од шолја со друга боја, внимателно набљудувам како реагира родителот: Во повеќето случаи пребледуваат и брзаат да го префрлат млекото во друга шолја пред детето да го фати напад на бес.
Голема грешка! Од што с еплашите? Кој е овде главен? Нека беснее, а вие излезете од просторијата за да не мора да го слушате. Само ве молам, не се прекршувајте се себеси за да му угодите и на тој начин да го научите погрешна лекција“.
Имаме намалени очекувања
Кога децата се однесуваат лошо, дали дома или на јавно место, родителите слегнуваат со рамениците: „такви се сите“.
„Верувајте ми, не мора да бидат такви“, вели Ема додавајќи дека се децата многу поспособни отколку што родителите мислат, без оглед дали станува збор за манирите, за почитувањето на постарите, за домашните обврски, дарежливоста или самоконтролата. Мислите ли дека детето не е во состојба да седи во текот на вечерата во ресторан? Глупости.
Мислите дека не може да ја расчисти масата ако му кажете? Уште една глупост. Единствената причина што не с еоднесуваат како што треба е затоа што вие не сте ги научиле на тоа и затоа што повеќе никој не го очекува тоа од нив! Едноставно е! Подигнете ги стандардите и детето ќе им се прилагоди“.
Децата повеќе не ги воспитуваат сите
Некогаш возачите на автобусите, наставниците, продавачите и останатите родители имаа „право“ да го предупредат детето кое лошо се однесува. Тие беа очи и уши на родителите кога овие не се во близина и сите дејствуваа со иста цел: да пораснат во пристојни деца. Денеска, кога некој кој не е родител ќе се осмели да го опомене детето, родителите полудуваат. Сакаат да мислат дека е нивното дете совршено па честопати не ги прифаќаат туѓите мислења колку и да се овие во право.
Ќе го нападнат наставникот кој го казнил детето затоа што било безобразно на час. Воопшто не помага ниту тоа што денеска наместо да се поддржуваат родителите меѓусебно се напаѓаат. „Кога ќе видат нечие дете како беснее, сите ја осудуваат мајката, а би требало да кажат: Еј, во право е, му поставува на детето граници, а тоа не оди лесно!“, објаснува Ема.
Се потпираме на новите изуми
„Прекрасно е што родителите денес имаат разни електронски направи и секогаш сум за тоа да им се олесни колку што е потребно, но тие помагала се искушение за родителите кои почнуваат да ги користат се почесто па децата не научуваат како треба да се забавуваат самите. Бебињата треа да се научат сами да се смират наместо постојано да ги смирува столица што вибрира. Малите деца треба да се научат сами да станат кога ќе паднат, а секогаш ги крева некој друг. Понекогаш работите треба да се остави да се одвиваат на побавниот начин“, советува Ема.
Родителите ги ставаат детските потреби на прво место
Добро е што децата им се приоритет, но денеска тоа отиде предалеку, предупредува Ема, затоа што родителите често ги занемаруваат своите потреби и своето ментално здравје заради своите деца.
„Постојано гледам мајки кои одново и одново стануваат од кревет за да го задоволат своето дете. Или татковци кои оставаат сѐ за ѝ донесат сок на жедната ќерка“.
Нема ништо погрешно во тоа да не му однесете чаша вода на своето дете среде ноќ. Сосема е нормално оној татко да каже: „Секако дека можеш да пиеш, но дури кога ќе наидеме на следната продавница“.
Да се каже „не“ одвреме навреме не е воопшто лошо, како што не е лошо ниту да се побара од детето да се забавува самото додека сте вие во тоалет или пак додека го правите ручекот.
„Се плашам дека ако не почнеме да ги поправаме грешките, нашите деца ќе пораснат во саможиви, нетрпеливи и безобразни возрасни личности. Тоа нема да биде нивна туку наша грешка. Никогаш не сме ги учеле поинаку ниту пак сме очекувале повеќе од нив.
Сакавме сѐ да им е како подмачкано, а кога, неминовно, ќе престане да биде така, тие нема да се подготвени за ова“, предупредува Ема и повикува: „Очекувајте повеќе. Давајте помалку. Ајде заедно да ги доведеме тие деца во ред и да ги подготвиме на време да бидат самостојни и успешни во реалниот свет, а не заштитени во оној што сме го створиле за нив“, ја завршува таа својата порака за родителите.
Фото: Pixabey