Дали вашите деца пишуваат писма до Дедо Мраз?

Има деца кои навистина веруваат во Дедо Мраз, има такви кои верувале, а кога сфатиле дека не постои, продолжиле да глумат дека веруваат, колку да ги добијат подароците, а има и такви кои никогаш не верувале. Сѐ е до родителите. Оние, „верниците“, имаат можност дури да добијат и писмо од Дедо Мраз, секако, ако им го нарачаат родителите

0
213

Секоја година на неколку адреси ширум светот (Финска, Канадам, Норвешка, па и во сојузната американска држава Индијана, во гратчето Санта Клаус) стасуваат писма од децата од целиот свет, до Дедо Мраз. Честопати тие добиваат и одговор.

Но дали знаевте дека во Србија функционираат барем две интернет страници на кои родителите можат да си нарачаат писмо ОД Дедо Мраз?

И кај нас ова функционирало барем две години (2016. и 2017.година) преку страницата http://mystores4.wixsite.com/christmas. Станува збор за проект во соработка со СОС Детско село, бидејќи дел од средствата кои родителите ги уплаќале за да нарачаат писмо од „Дедо Мраз“ оделе за децата во детското село. Имало интерес, но како што дознавме кога се јавивме на контакт-бројот, иницијаторите едноставно во годините потоа имале други обврски и проeктот замрел.

Во Србија вакви страни има барем две (https://www.pismodedamraza.rs/vesti-o-deda-mrazu и http://www.dedamraz.org/pismo-od-deda-mraza/), и преку нив писмата од Дедо Мраз можат да се нарачаат по неколку цени, во зависност од начинот на кој сакате да ви бидат доставени: обично, со брза пошта и плаќање однапред или со брза пошта и плаќање по приемот на писмото.

Содржината на писмата од Дедо Мраз се менуваат секоја година (за да не се посомневаат децата кои секоја година ги добиваат), а постојат неколку варијанти, во зависност од возраста на детето. Во репортажа на оваа тема во белградски „Вечерни новости“ велат дека многу родители бараат сами да го напишат писмото во кое ќе ги условуваат своите деца дека, ако не се поправат, нема да добијат подароци затоа што Дедо Мраз ќе им биде лут.

Но одговорните за проектот, пишува во текстот, ангажирале психолози чие мислење е дека децата не смеат да се уценуваат на овој начин.

Секако, деталите за писмата се од родителите кои во барањето наведуваат некои работи за своите деца, што ново научиле во текот на годината, но и точно што си посакале за Новата година.

Секако, желбите за подароци се разновидни, па додека едни сакаат играчки, други бонбони и чоколади, некои само посакуваат здравје за некој свој близок кој тешко се разболел.

Неодамна во Беверли, во Западна Вирџинија било најдено писмо до Дедо Мраз старо 106 години. Писмото било најдено во текот на реновирањето на музејот и во него еден осумгодишник за своите сестри посакал чорапи, за братот воздушна пушка, за мајка си-книга, за таткото – шапка, а за себе еден куп слатки.

Во писмото до Дедо Мраз од внуката на нашите пријатели во соседна Србија, малата Мила за себе порачала куче-робот. Но интересно е што во своето писмо до Дедо Мраз таа сама за себе напишала: „знам дека бев безобразна во текот на животот“. Инаку, Мила има 7 години.

Стручњаците пак велат дека токму во овој период, односно, околу седмата година, децата престануваат да веруваат во Дедо Мраз.

Д-р Рејчел Мичел, психијатар во болницата Санибрук во Торонто, специјализирана за работа со деца и млади, вели дека митот за Дедо Мраз може да остави последици кај детето доколку станува збор за дете кое е генерално несигурно, нема самодоверба и има проблеми со довербата.

„Но повеќето деца се многу „пожилави“ отколку што мислиме. Ова прашање не било тема на голем број истражувања, но оние кои се спроведени укажуваат дека моментот во кој детето ќе сфати дека Дедо Мраз не постои, во најголемиот број на случаи, потешко им паѓа на родителите отколку на децата. Кога разговарате со луѓето, повеќето од нив ќе се сеќаваат на моментот кога сфатиле дека Дедо Мраз не постои. И тоа е значаен момент. Кога пак детето отворено ќе ве праша дали постои, родителите би требало да ја земат предвид личноста на детето. Ако мислите дека вистината ќе ги погоди, можете да продолжите да ги поддржувате во нивното верување во Дедо Мраз за да можат да продолжат да живеат во бајка уште некое време, а потоа, кога уште малку ќе пораснат, да им кажете.

Или ако имате обичај сериозно да разговарате со детето, можете да го прашате што мисли тоа, дали Дедо Мраз постои, а потоа ќе видите во која насока ќе ве одведе тој пристап“, советува д-р Мичел.

Она што е важно, додава таа, е дека разочарувањата се дел од растењето и таквите ситуации не учат како да излеземе на крај со емоциите подоцна во животот.

„Но не го правете тоа тогаш кога вие мислите дека е време. Почекајте. Кога ќе пораснат, самите ќе сфатат. И онака никој не тргнал во средно училиште верувајќи во Дедо Мраз, нели?“, вели д-р Мичел.

Фото: PIxabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]