Дали бебе од неколку месеци треба да оди на море?

Многу родители се прашуваат дали да тргнат на море со бебе или е сепак подобро да останат дома. Малтретирање или корист? Еве што велат педијатрите

0
996

Долг пат, жештини, оддалеченоста од педијатарот на бебето во случај да дојде до некои непредвидени ситуации, изгледаат како доволна причина да се откажете од одење на море доколку имате бебе од неколку месеци.

Меѓутоа, педијатрите сметаат дека и бебињата од само неколку месеци се подготвени за своето прво летување и дека престојот на море ќе им годи.

Промената на климата, а особено морскиот воздух и престојот на море влијаат врз општиот психофизички развој на детето и јакнење на целиот организам.

Според педијатрите, на море е многу важно да се посвети внимание на негата и заштитата на бебешката кожа која е многу потенка од онаа на возрасните, намалена ѝ е заштитната функција, а зголемена пропустливоста, производството на меланин сѐ уште не е воспоставено па е намалена заштитата на УВ зрачењето.

Имајте на ум дека дури и во сенка бебето нема да биде заштитено од сончевите зраци, затоа што тие се рефлектираат од песокот, водата и бетонот, па затоа е многу важно во периодот од 11 до 16 часот со бебето да престојувате во длабока ладовина или во соба, советуваат педијатрите. Ако сте на море со бебе помало од два месеци многу е ризично да го бањате во море затоа што за толку мали бебиња морето не е никако доволно топло. Базенчињата со солена или слатка вода е подобра опција, затоа што водата во нив добро се загрева, но и тие треба да бидат во дебела ладовина.

Бебињата од 2 до 6 месеци можете да ги бањате во море под услов да е водата многу топла. Благодетите од престојот на море можете да ги користите пред сѐ, во прошетки покрај брегот во раните утрински и во доцните попладневни часови. Бебињата на море обично спијат подобро и помирно, не се плачливи и најчесто заспиваат во количка додека ги шетате покрај море. Облекувајте ги во тенка памучна маица и пантолончиња а на главчето капче со широк обод. На количката ставете чадорче.

Многу бебиња уживаат во бањањето во море, но сепак тоа не треба да е подолго од 10 минути.

Ако бебето почне да се тресе крајно време е да го извадите од вода и да го завиткате во пешкир. После бањање, морската сол мора да се измие од кожата на бебето. Додека сте на плажа, колку и да е мало бебето, сепак е добро да носи на себе гаќички, затоа што не е добро да биде голо. Имено, постои можност од инфекции, а и песокот лесно може да ја изиритира нежната бебешка кожа. Ако за бањање користите специјални пелени за бањање, кога бебето ќе го извадите од вода, треба да ги симнете за да се проветри кожата а потоа да му облечете суви.

При купувањето на заштитна крема, намачкајте прво мала површина на подлактицата на бебето и почекајте за да проверите да не се појави црвенило, осип или чешање во наредните 24 часа. Ако нема промена на кожата, можете да ја користите. Ознаката треба да биде SPF 30 или повеќе.

За што треба да водите сметка при изборот на место за одмор?

Избегнувајте места кои се оддалечени од продавниците, амбулантите, кои имаат проблем со водоснабдување, но и урбани и бучни места со голема фреквенција на луѓе. Важно е да одберете дестинација која има педијатар или пак е педијатарот близу и е лесно достапен.

Запознавање со морето

Кога е првпат на море детето можеби ќе се исплаши од бучавата и брановите, па ќе одбива да влезе во вода. Еве како да го одоброволите:

Не го пикајте со сила ниту пак нагло во вода затоа што така само ќе му создадете поголем отпор. Полека навикнувајте го на водата и на нејзината температура и намокрете го дел по дел додека го држите во прегратки. Кога ќе го ставите целото во вода, наведнете го полека нанапред и тоа рефлексно ќе почне да мафта со ноџињата и рачињата. Секогаш држете му го главчето над водата, особено ако не сте вежбале претходно со него нурнување под вода. Имено, рефлекс за задржување на здивот постои до четвртиот месец од животот и ако престанете да го активирате детето веројатно ќе се загрцне со водата ако кратко се потопи а тоа може да го загрози неговиот однос кон морето.

[better-ads type='banner' banner='999' ]